Нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да бидат надминати, порачуваат адвокатите | Правдико

Правдико

   

Нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да бидат надминати, порачуваат адвокатите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка, како и предлози за надминување на проблемите на овој Закон со кои се соочува одбраната беа во фокусот на дводневната обука што во организација на Адвокатската комора на РМ минатата недела се одржа во Маврово.

Во рамки на обуката која беше наменета за адвокати од адвокатските заедници Тетово, Гостивар и Кичево, беше спроведена и симулација на главна расправа, по што адвокатите низ дискусија ги акцентираа проблеми со кои се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка.

Генерален заклучок од обуката е дека новиот Закон за кривична постапка досега се покажал како лош експеримент во однос на одбраната и оттука сосема е јасно дека измените на овој закон се неопходни. Како главни слабости, адвокатите ја детектираат примената на одредбите од ЗКП кои се однесуваат на истрагата и притворот. Во таа насока посочени беа исклучително кратките рокови на одбраната за подготовка и за преземање на дејствијата на истрагата.

Истрагите, беше нагласено, кои траат со месеци и кои завршуваат со материјал на повеќе илјади страници одбраната има само 15 дена да ги подготви своите тези, да ги побива доказите и да ги презентира своите докази, што е недопуштена позиција и директно е противречна со еднаквоста на оружјата како генерален принцип на кој се базира и заштитата на човековите права. Адвокатите како проблематично го посочија и немањето можност за судска проверка на истрага бидејќи, како што подвлекоа, ваквото законско решение воведува арбитрарност од страна на јавните обвинители. Бранителите укажаа и на бројни слабости и недоследности на ЗКП и во другите фази на постапката. Нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да биде надмината со соодветни законски измени и со воведување на нови практики кои ќе значат доследно почитување на човековите права и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, порачаа тие.

Обуката беше спроведена во рамки на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ кој Адвокатската комора на РМ го спроведува во соработка и со финансиска поддршка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје.

Препорачуваме

Партнери на Правдико