Несовесното вршење на службата како кривично дело | Правдико

Правдико

   

Несовесното вршење на службата како кривично дело

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Screenshot_1Службеното лице во извршувањето на јавните овластувања и должности е должно да  постапува во согласност со Уставот, законите  и  ратификуваните  меѓународни договори. Во своето работење службеното лице е должно да ги  почитува  начелата на законитост,  да постапува совесно, стручно, и  без никаков приватен интерес.

Со цел сузбивање на девијантни појави на злоупотреба на јавните овластувања и должности во Кривичниот законик на Република Македонија во глава триесетта се пропишуваат кривичните дела против службената должност, кои од секогаш во правниот систем предизвикувале особен интерес поради нивната специфика во однос на другите дела. Главна карактеристика на овие кривични дела е тоа што се насочени против злоупотребата на службените и јавните овластувања на службените лица со кои се прибавува некаква корист или се нанесува штета на друг. Во текот на 2011 година во Кривичниот законик со новите измени и дополнувања се  воведе и новото кривичното дело „Несовесно работење во службата“.

Кривичното дело Несовесно работење во службата се однесува за ситуациите кога службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета,

Превидена казна за ваквиот тип на кривични дела е казна  затвор од три месеци до три години.

Како отежителна околност при извршување на ова дело се зема доколку сторителот прибави поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, при што казната затвор изнесува  од шест месеци до пет години. Доколку штетата е од поголеми размери или штетата е огромна, казната затвор достигнува и до најмалку 3 години.

Со исти казни ќе одговараат и одговорното лице, одговорното лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лицето кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

Службено лице или одговорно лице во орган на државна управа или друго правно лице кое со повреда на законските прописи за спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор или на друг начин несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна. Доколку делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до две години и со парична казна.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико