Правдико

   

Независен Курдистан – решение или нов проблем?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Настаните кои се случуваат во Ирак во моментов по се изгледа дека го навестуваат и можниот распад на Ирак како држава. Курдската независност по се изгледа дека е веќе неизбежна, а долгогодишниот сон на курдите за своја независност, се чини дека ќе ја доживее својата реализација.

10695302_10204193085563240_1640066526_n

Ирачкиот дел од Курдистан со новите настани и благодарение на нестабилната и корумпирана ирачка власт, а се разбира и на ИСИС, веќе е на пат кон независност. Како единствен дел од ирачката држава кој е стабилен, има високи економски приходи и успешно се спротиствавува на нападите на ИСИС, скоро и да не постои причина зошто Курдистан да не ја добие својата независност.  Иако веќе е на пат кон независност, не смее да се заборави дека овој дел од Ирак, по инвазијата на американците во 2003 година, стана де факто независен од централната власт во Багдад.

Дури ни политичкиот систем воспоставен од страна на американците по инвазијата, кој гарантираше некаква еднаква политичка застапеност на религиозните и етничките заедници во делот на власта и управувањето со државата, не беше и се чини сеуште не е доволен  за да сопре процесот кој по се изгледа води кон целосно разнебитување на Ирак како држава. Курдите никогаш не се сметале за дел од Ирак, нивниот сон за независна држава секогаш постоел, со тоа што историски Курдистан е поделен на четири дела помеѓу Турција, Ирак, Сирија и Иран. Но, ирачкиот Курдистан е тој кој по се изгледа ќе биде првиот од четирите дела кој е на чекор до својата независност.

10685235_10204193003081178_387360372_nДоколку навистина се случи и доколку во скоро време успееме да видиме уште една независна држава на блискиот исток, не смее да се заборави на тоа дека независен Курдистан, отвара многу нови прашања самиот по себе. Доколку Кудристан ја прогласи својата независност од останатиот дел од Ирак, тоа веднаш го отвара прашањето за останатите 3 дела од историскиот Курдистан кои и ден денес се предоминантно населени со Курди. Од една страна, курдите какои сите останати народи имаат право на само определување, но по која цена ќе биде тоа само определување останува да видиме. Во овој момент, дури и Иран кој во минатото, заради свои цели, беше подржувач на курдската независност во Ирак, со голем сомнеж и на моменти страв гледа на  ситуацијата која се развива во Ирак. Па така, некаква евентуална интервенција” на Иран врз ирачката територија, со цел да се сопре напредувањето на ИСИС, би можело да има дополнителен негативен ефект врз не само врз дел од ирачкото општество но, и врз евентуалниот обид за курдска независност.

На блискиот исток живеат некаде околу 30 милиони Курди, најголемиот дел од нив, односно 55% живеат на територијата на денешна Турција, додека пак остатокот се скоро подеднакво распределени на територијата на Иран и Ирак, и се разбира Сирија каде што живеаат некаде околу 2 милиони Курди. Интересно е да се забележи тоа што за разлика од другите народи кои живеат во овој регион, и кај кои во последниве години религијата игра голема улога, и  има далеку поголемо значење од етничката припадност, кај курдите ситуацијата е сосема обратна. Помеѓу самите Курди, религиозната припадност не игра голема улога, па така иранските курди се претежно муслимани-шиити, додека пак турските, ирачките и сириските се во најголем дел муслимани-сунити, постојат се разбира и мал дел на Курди кои се христијани и зороастријци, со други зборови, кај нив најважна е етничката, а не религиозната припадност, нешто што е сосема спротивно кај народите кои ги опкружуваат. Токму затоа овој народ доколку се одлучи за независност, има една огромна предност, а тоа е единството кое барем сега за сега постои кај нив.

10705372_10204193005521239_498149620_nВистинското прашање кое се поставува тука е што би направил Багдад за Курдистан да остане дел од Ирак? Одговорот е доста едноставен, ништо. Курдистан е де факто независен уште од 2003 година. Дури и да сака, официјален Багдад најверојатно ќе биде немоќен да ја спречи независноста на Курдистан, од причина што Ирак во денешно време е се, освен стабилна држава. Во Ирак не постои единствно помеѓу самите арапи, кои уште со падот на Садам Хусеин го започнаа процесот на секташко насилство, а наследниците на Хусеин, тука на прво место се мисли на Нури Ал-Малики кој успеа да создаде држава која е зависна од странска помош, држава која е корумпирана и нестабилна, и која при најмала закана или опасност од внатре или од надвор би била на работ на распаѓање.

Доказ за последново е скорешното напредување на ИСИС и формирањето на калифатот односно на исламската држава, на претежно ирачка територија, се што можеше официјален Багдад да направи е да гледа како тоа се случува. Вината на Ал-Малики е најмногу во тоа што тој како муслиман шиит и припадник на долго потиснуваното мнозинство во државата, со доаѓањето на власт успеа да го дистанцира малцинството на сунити, и со самото тоа да ги направи граѓани од втор ред во Ирак.

10708469_10204193125844247_1719453402_nОстанува да видиме каква би била реакцијата на останатите држави од регионот каде што живее бројно курдско население,  доколку ирачки Курдистан прогласи независност, тука пред се, се мисли на Турција и Иран, бидејќи со Сирија и со се што се случува во оваа држава, ништо не е исклучено. Од реакцијата на овие две држави, Турција и Иран ќе зависи на некој начин и долгорочниот опстанок на некаков иден, независен Курдистан. Од друга страна пак, останува да се види и како самите Курди би го спровеле евентуалниот процес на независност, и каков ефект би имал тој процес тоа врз нивните соседи. Дали независен Курдистан, без територијални претензии кон своите соседи би бил стабилизирачки фактор во овој дел од светот или не. Со други зборови, дали независен Курдистан ќе претставува повеќе проблем отколку решение за целиот регион.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

 

Партнери на Правдико