Независноста на судството како предуслов за заштита на човековите права
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Автор: Доц. д-р Марјан Габеров
Извор: Правен дијалог бр. 17 – март 2018
Остварениот степен на независност на правосудниот систем претставува клучен индикатор за достигнатото ниво на владеење на правото и демократијата во една земја. Правосудниот систем има пресудна улога во заштитата на човековите права и слободи. Оваа негова улога, посебно се апострофира во меѓународниот систем за човекови права. Со оглед на ова големо значење и значајна улога на правосудните институции кои го имаат за животот на граѓаните, од аспект на заштитата на човековите права, круцијална точка и момент за осигурување на оваа заштита имаат независноста на правосудните институции, како и законитите, правичните и ефикасните постапки на заштита.
Правосудството како дејност, најопшто се дефинира како активност или дејност која се состои во примена на општите правни правила на конкретни случаи од животот. Во ова свое значење, правосудството најчесто терминолошки се определува како јурисдикција (од латинскиот збор jus diccere – изрекување на правото). Ова е сложен поим и во себе го вклучува како поимот на правосудството како функција на власта така и правосудството како активност на судовите и на другите правосудни органи во врска со примената на правото (Поповска, 25).
Судовите се појавуваат како краен авторитет во заштитата на човековите права и слободи, како последна брана во одбрана на правдата, со овластување за донесување на конечни одлуки за слободите, правата, обврските и имотот на граѓаните. Во обавувањето на судската функција неопходно е да се обезбедат такви услови кои ќе гарантираат суштинска независност на судовите како институции, потоа индивидуална независност и непристрасност на судиите при одлучувањето во конкретните предмети. Кривично – правниот систем има значајна улога во зачуваување на принципот на владеење на правото, а во тој систем јавното обвинителство, како јавна институција, има одлучувачко значење во откривањето и кривичниот прогон на сторителите на кривични дела, како и во меѓународната кривично – правна соработка. Почитувањето на човековите права и осигурувањето за владеење на правото, неопходно претпоставуваат постоење на независно и непристрасно јавно обивнителство, како тело кое е надлежно за спреоведување на истрагата и прогон на сторителите за сторените кривични дела (Mitrovic, 175).
Независноста и непристрасноста се препознатливи и битни категории поврзани со судството и важен сегмент во остварувањето на демократијата и владеењето на правото. Главните придобивки од примената на овие принципи, меѓу другото, се остварувањето на општествениот напредок, гаранцијата, остварувањето и заштитата на човековите права и слободи, како и хармонизцијата меѓу луѓето. Секоја држава има обврска да оствари доверба во судскиот систем. Државата треба да го организира својот политички и правен систем на таков начин што независноста и непристрасноста во судството ќе ја поттикнуваат и ќе ја овозможуваат таа доверба да се реализира.
Идејата за независно судство е во функција на две темелни вредности во секое демократско општество, а тоа се: заштита на човекови слободи и права, како битен услов и гаранција за нивно почитување и унапредување и владеење на правото преку непристрасна примена на правото без оглед на положбата и својствата на странките. Поради тоа што судовите и судиите како носители на судската власт се чувар на човековите права и слободи и највисок гарант за заштитата на владеењето на правото, во никој случај не може да се говори за почитувањето на овие принципи без притоа да се потенцира неопходноста за независно судство. Основата од која произлегува потребата за независност и непристрасност на судството е формалната и суштинска еднаквост пред законите и еднаквоста на граѓаните пред судовите и трибуналите. Оттука, остварувањето на правото на фер судење претставува основно начело на човековите права без кое цела предвидена судска заштита би била бесцелна (Камбовски, 25 – 40).
Голем број на меѓународни документи ја гарантираат независноста на судската власт од законодавната и извршната власт. Без разлика на нивната правна природа, дали се работи за правно – обврзувачки документи или документи со советодавен карактер, тие имаат значајна улога во конципирањето и функционирање на правосудниот систем во секоја демократска земја насекаде во светот. Кога зборуваме за судската независност, ја имаме во предвид судската власт како посебна гранка на државната власт во системот кој се базира на принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, со што се обезбедува рамнотежа помеѓу овие власти и се исклучува можноста за мешање на една власт во работата на друга. Судската независност е показател за владеење на правото во правно уредените демократски земји, заснована на гаранциите за заштита на човековите права и основните слободи, во согласност со прокламираните меѓународни стандарди. Клучни меѓународни документи во кои се содржани принципите кои ја обезбедуваат независноста на судството се:
- Основните начела на Обединетите Нации за независност на судството, кои се усвоени од страна на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации, во ноември, 1985 година,
- Препораката R(94) на Комитетот на министри на Советот на Европа, за независноста, ефикасноста и улогата на судиите во државите – членки на Советот, од 13 октомври, 1994 година,
- Европската повелба за законот за судии, од 10 јули, 1998 година,
- Членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кој пропишува дека секој има право на правично судење, во разумен рок, пред независен и непристрасен суд, основан со закон.
Сите наведени документи го прокламираат барањето демократските држави да обезбедат нормално функционирање на судската власт, функционирање кое ќе биде одвоено од останатите гранки на државната власт, законодавната и извршната. Принципот на независност на судскста власт, не е замислен како привилегија на носителите на судиските функции, на судиите, туку како право на граѓаните да ги заштитат своите права. Државите исто така имаат обврска да обезбедат јавното обвинителство да ја извршува својата функција независно, непристрасно и професионално. Во рамките на правосудниот систем, судиите и обвинителите мораат да бидат слободни во извршувањето на своите професионални обврски, без никакво политичко влијание. Притоа, истите мораат да го задржат највисокиот степен на професионално почитување, во согласност со националните и меѓународни правила и етнички стандарди. Значи, судиите и обвинителите имаат клучна улога за остварување на правата на правично судење. Доколку некој од нив не е во можност правилно да ги извршува своите задачи, владеењето на правото и правото на фер судење се сериозно загрозени.
Независноста на судијата претставува клучен атрибут на правната држава, и истата подразбира независност од било која власт при вршењето на правдата низ процесот на донесување на одлуки во законски предвидените постапки, а сето тоа на основа на процена на фактите и примена на правото. Независноста на судијата е неопходна претпоставка за правично судење. Потребата за правично судење пред независен и непристрасен суд се нагласува и потенцира во сите меѓународни документи за човековите права. Обврска на државите е да преку уставот и законите ја гарантираат независноста на судството со доследна примена на начелото на владеење на правото и начелото за поделба на власта на законодавна, извршна и судска (Alijevic, 79).
Во овој контекст, независноста се однесува и на судијата поединец, но и нa правосудните институции во целина. Основните начела на Обединетите нации за независноста на судството даваат неопходни насоки во поглед на дефинирање на судската независност. Начелото на поделба на власта е основна претпоставка за постоење на независен и непристрасен правосуден систем, а независноста на правосудството е неопходен услов без кој не можеме да зборуваме за владеење на правото. Спрема начелото на поделбата на власта на извршна, законодавна и судска, претставуваат три одвоени и меѓусебно независни гранки на државната власт. Оваа меѓусебна независност на различните делови на државната власт значи дека не се дозволени ситуации во кои едната власт задира во надлежностите и прерогативите на останатите власти.
Независноста и непристрасноста, иако се блиско поврзани, истражуваат два различни коцепти, па така секој од овие два концепти има свое посебно значење. Поимот, “независност”, се однесува на односот помеѓу судиите и институциите на власта, и истата подразбира автономија на одреден судија да без никакви надворешни влијанија да разреши одреден случај, со примена на законите врз основа на утврдените факти.
Желбата за политичка инструментализација на судството е неминовна карактеристика за секоја власт, во сите општества, па исклучок не може да биде ни власта во Република Македонија. Секогаш, носителите на политичката моќ и влијание, а посебно претензиите на извршната власт, биле и секогаш се насочени кон тоа да судството го држат под своја контрола, погодно за да можат во секој момент да го ефектуираат таквото влијание. Извршната власт и партиите и покрај декларативните заложби за независно судство, секогаш се склони да вршат непримерни упади во функционирањето на судската власт и во донесувањето на одлуките од страна на судиите. Каква би била таа извршна власт која не би сакала судството да го држи под постојана зависност. Ова е онаа видлива надворешна контрола кога се прави обид истата да се легализира и која се огледа преку предлагањето на законите кои се однесуваат на судството (Mikes, 25).
Со прифаќањето на било каков притисок или влијание, судијата сам си ја нарушува својата независност и воедно со својата одлука го крши и законот. Индирекните или суптилни притисоци врз работата на судовите и судиите многу често има од страна на институциите или нивни претставници. Врз работата на судовите и судиите често имаат влијанија изјавите кои доаѓаат од високи функционери на извршната власт, кои изјави кај судиите може да предизвикаат и забуна и несигурност во нивната работа и одлучување. Треба да се каже дека сите вакви влијанија и интервенции повеќе или најчесто се вршат врз судиите кои работат во кривичните оддели и посебно врз оние судии кои судат предмети од коруптивна природа. Доаѓањето на власт на една партија скоро секогаш се рефлектира со поведување на кривични постапки против партиските неистомисленици. Ова е само потврда дека кога нешто се случува во државата, а не и одговара на власта тогаш испливуваат на виделина некои афери – големи криминали за да се сврти вниманието на граѓаните на друга страна. Доколку судството некритички се впушта во прифаќање на ваквиот суптилен притисок, тоа нешто ќе биде и е на штета на независноста на судството, а во краен случај и на штета на самите граѓани. Секако дека ваквите притисоци и влијанија врз судството и судиите можат да бидат спречени како од претседателите на судовите така и од самите судии секако само доколку се тие јаки личности и со изразен личен субјективитет и интигритет.
- Поповска, Билјана. 1996. Настанување и поим на правосудната функција. Скопје: Правен факултет.
- Mitrovic, Dragan. 1998. O pravnoj drzavi i drugim pravnim temama. Beograd: Sluzebni list.
- Камбовски, Владо. 2010. Судско право. Штип: 2-ри Август.
- Alijevic, Masa. 2009. Nacelo nezavisnosti sudstva prema relevantnim medzunarodnim dokumentima. Sarajevo: Pravna misao.
- Mikes, Miroslav. 2002. Političko pravne pretpostavke nezavisnosti sudstva. Banja Luka: Atlantik.