„Ние одлучуваме“: Регистрирани 30 пријави за изборни нерегуларности
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Правниот тим кој работи на бесплатната СОС линија за пријава на изборни нерегуларност во рамките на граѓанската акција „Ние одлучуваме“ денеска информираше дека досега регистрирале 30 пријави од граѓани поврзани со изборни нерегуларности и притисоци.
– Мнозинството од пријавите се однесуваат на пријави од граѓаните за постоење фантомски гласачи во Избирачкиот список, односно непостоечки лица запишани во Избирачкиот список. По укажаната правна помош на граѓаните, забележавме неподготвеност на надлежните институции за брзо евидентирање и отстранување на овие т.н. фантомски гласачи. Граѓаните кои имаа волја да помогнат во отстранувањето на фантомските гласачи од Избирачкиот список, што е неопходно за да придонесе во одржување на кредибилни парламентарни избори, беа изложени на постапка спротивна на одредбите од Изборниот законик. Моментално, Избирачкиот список е затворен. За пет дена ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Нашиот заклучок е дека Избирачкиот список останува непрочистен од непостоечки гласачи, т.н. фантомски гласачи – стои во соопштението на граѓанската акција.
Оттаму додаваат дека по затворањето на избирачкиот список повторно имале јавувања од граѓани да евидентираме дека по случаите со фантомските гласачи кои биле пријавувани во ДИК, од страна на Државната изборна комисија не е постапено.
– Во последните 24 часа имаме пријави дека граѓани кои биле на Избирачкиот список, а тоа го провериле по завршувањето на Јавниот увид, сега при повторна проверка не се пронашле на Избирачкиот список објавен на интернет – додаваат од граѓанската акција „Ние одлучуваме“.
Апелираат до надлежните институции да поднесат кривични пријави против Државната изборна комисија за злоупотреба на службена положба и овластување согласно Кривичниот законик и Кривичниот законик за повреда на гласачкото право.
– Основата на кривичната одговорност на ДИК е што таа со своето несовесно работење и непостапување по барањата на граѓаните за бришење на непостоечките гласачи од Избирачкиот список, ќе придонесе во евентуалното остварување на гласачкото право на лица кои го немаат тоа право – велат оттаму.
Правниот тим регистрирал и пријави од вработени во државните органи кои се пожалиле на големи притисоци до државната администрација и вработените во јавните институции од страна на политичките партии за присуство на митинзи.
– Од овие повици, она што можевме да го увидиме е дека постои голем страв од страна на јавувачите да се претставуваат со име и презиме поради веројатноста дека истото ќе го дознаат партиите, постои страв за понатамошно постапување од страна на јавувачите кои пријавуваат притисоци, односно не сакаат да покренуваат постапки против нивните претпоставени поради страв дека ќе следуваат реперкусии. Лица кои пријавуваат вакви притисоци најчесто се оние кои се со вработени со договор на определено време и не сакаат да покренуваат постапки поради страв дека договорот нема да им биде продолжен или дека нивни блиски членови со таков договор ќе бидат избркани од работа – објаснија од „Ние одлучуваме“.
Велат дека до приближување до денот на одржувањето на предвремените избори започнале јавувања од граѓаните со кои укажуваат на поткупување на гласачите. Во соопштението се вели дека јавувачите тврдат дека одредени групи се таргетирани од страна на политичките партии и им нудат пари за да гласаат за нивната партија.
– Поради страв дека ќе ги дознаат кои се и ќе трпат штетни последици за себе или своите блиски овие граѓани сакаа да останат анонимни и не сакаат да пријават во полиција. Од она што може да се заклучи во досегашната работа на тимот на бесплатната СОС линија е дека граѓаните немаат доверба во институциите кои треба да обезбедат услови за фер и демократски избори. Дури и кога решаваат да поведат постапка пред релевантните институции, граѓаните се препраќаат од една институција до друга и по нивните барања воопшто не се постапува. Граѓаните во голема мера се исплашени и наместо институциите даги заштитат нивните права, ги оставаат граѓаните да трпат притисоци и закани од политичките партии – истакнаа од граѓанската акција.
Додаваат дека правниот тим на СОС линијата 0800 88 888 нудат помош на граѓаните за заштита на нивните права во текот на овој изборен процес и ги охрабруваат да продолжат да се јавуваат и да ги пријавуваат изборните нерегуларности и притисоци. Потенцираат дека на денот на изборите ќе обезбедуваме правна помош од 7 часот наутро па се до 20 часот вечерта, по затворањето на избирачките места.
Извор: Нова Македонија