Нинџа: 27 април беше управуван од штабот на ВМРО-ДПМНЕ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Попладнето на 27 април 2017 година обвинетиот Александар Василевски-Нинџа контактирал со двајцата поранешни шефови на УБК, Сашо Мијалков и Владимир Атанасовски, а попладнето заминал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што, како што тврди, се давале насоки и биле координирани активностите за упадот во Собранието.
„Ситуацијата околу 15 април почна да зоврива, се скандира против тиранската платформа, против двојазичноста. Говорите константно беа потпалувачки. Дојде 27 април, околу 12.30 часот ми се јави Владимир Атанасовски и ме извести да бидам во Скопје бидејќи на репродукција имало оперативни сознанија дека тогашната опозиција спрема нешто. Ми даде насока дека ќе ми се јави Никола Бошкоски – Прскач. Од сабајле бев со лицето Дејан Давидовски во Катланово, потоа во Ѓорче Петров. На враќање ми се јави Веле Петрушевски да се видиме, му кажав да дојде во ‘Дион’. Таму беа Михаил Младеновски, Стефан Младеновски, Никола Митревски – Кољо. Атанасовски околу 16 часот повторно ми се јави и ми кажа дека тој ден СДСМ ќе сака да избере претседател на Собранието. За следење на состојбата го известил и Јане Ченто и ни рече дека треба да бидеме на стенд бај. Во 17.40 часот ми се јави организациониот секретар на ВМРО, Спире Ристевски, и ме повика да отидам во штабот. Во тој момент имав контакт и со Сашо Мијалков, кој ми рече да отидам во базата“, рече Нинџа на денешното рочиште за 27 април.
Околу 18.10 часот, продолжи обвинетиот, влегов во штабот на ВМРО преку гаражата, се качив на осмиот кат, но Сашо Мијалков не беше таму.
„Таму беше командно-оперативниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, тука беа Билјана Бришковска, Миле Јанакиески, Митко Чавков, Спире Ристевски. Беше пуштена телевизијата ‘Нова’, на вестите се следеше протестот и сите разговараа на телефон. Како се движеше толпата, така се издаваа наредби. Бришковска комуницира со Трајко Вељаноски, кој ѝ даваше насоки за состојбата внатре. Јанакиески и Спире Ристовски комуницираа со Бетмен. Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија најитно да дојдат во Скопје. Чавков лично го слушнав, имаше комуникација со Митко Пешов. За кратко време дојде и директорот на УБК, Владимир Атанасовски. Од таму се координираше сето тоа што се случи на 27 април. Како доаѓаше масата, така наредбите беа подиректни“, тврди Нинџа.
Како што посочи, Бришковска рекла дека во првото сценарио пратениците не си ја завршиле својата работа, немало инцидент, не се степале. Потоа му се јавила на Вељаноски да се отворат вратите од Собранието.
„Директорот Владимир Атанасовски тогаш ме извести да излезам на терен. Кога стигнав, луѓето беа влезени во Собранието. Застанавме кај Градската болница и ја надгледувавме ситуацијата. Со мене беше Веле Петрушевски. Во тоа време мобилниот ми се исклучи. Од кај Веле му свртевме на Кољо, кој ни кажа дека внатре е хаос и дека луѓето почнале да тепаат пратеници“, рече Нинџа.
Оваа вистина, додаде тој, што ја видов на 8. кат, само јас ја знаев, никој друг.
Извор: Макфакс