Правдико

   

Ниту еден предлог од Адвокатската комора не е прифатен за измените во Законот за нотаријат

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Уште во ноември минатата година на ЕНЕР беше објавен Предлог-законот за нотаријатот каде што  засегнатите страни имаа можност да даваат коментари со предлози околу нацрт предлогот од Министерството за правда.

Во составувањето на нацрт измените на Законот за нотаријатот, свои мислења и предлози дадоа Нотарската комора, Адвокатската комора и Стопанската комора на Македонија.

Како што известуваат и од Адвокатската комора на РМ, во текстот на предлог измените за Законот за нотаријатот, кој е доставен до Владата на Република Македонија, Министерството за правда не прифати ниту еден од предлозите на Адвокатската комора, со што адвокатите се исклучуваат од сите постапки пред нотарот, уважувајќи ги сите барања на нотарската комора , а посебно во барањата за зајакнување на нотарскиот акт, за кој имаше жестоки реакции од Адвокатската комора.

Во меѓувреме, дополнително, Адвокатската комора на РМ се обрати со писмо до Владата на РМ со надеж дека навреме ќе бидат спречени состојби кои единствено би и наштетиле на адвокатурата, која е најголем вработувач на правници во државата.

И покрај скандалот во медиумите и објавените енормни приходи на нотарите од 90 милиони евра во последните 5 години, сепак со ваквите предлог измени, нивната позиција се зајакнува, а со тоа и нивните приходи ќе се дуплираат.

Со ваквите предлог измени се врши директен атак кон адвокатурата која како независна и самостојна јавна служба постои повеќе од 70 години.  Адвокатите како суштествените гаранти за заштита на слободите и правата на граѓаните, долги години се деградирани, запоставени, и е негирана  нивната улога и значење. Развивање на нотаријатот со исклучување на адвокатите, ќе има само за последица намалување на правната сигурност на граѓаните

Со предлог измените не се зема во предвид предлогот на АКРМ, со кој се бараше бројот на именуваните нотари во Република Македонија да не може да се ограничи, службено седиште на нотарот може да биде било кое населено место со најмалку 2000 жители, како и секој нотар да има службено подрачје на целата територија на Република Македонија.

Не се прифатени ни предлозите како причина за престанок на службата на нотарот да биде вршење на адвокатски дејствија, давање правни совети,  состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др.) од страна на нотарот, заменик нотарот и/или вработените во неговата канцеларија.

Се предлага зајакнување на положбата на нотарскиот акт воведувајќи член во законот  каде стои дека ,,Нотарот е должен да состави нотарски акт доколку тоа го побараат учесниците во постапката.“ За АКРМ ваквиот предлог е неприфатлив бидејќи претставува начин за целосно исфрлање на приватните исправи и составување нотарски акти како единствен начин.

Се предлага бришење на став 2 од чл.55 со кој приватната исправа , задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра

Адвокатите се исклучуваат и од платните налози каде стои дека Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

Со предлог измените присуството на адвокатот во својство на полномошник за секој од учесниците во оставинските постапки повеќе нема да биде задолжително.

Во врска со ова прашање учеството и присуството на адвокат во постапките пред нотар воведено со важечкиот Закон за нотаријат оценето е дека е во склад со Уставот на РМ и дека претставува зголемување на правната сигурност на граѓаните. Ова експлицитно е констатирано од страна на Уставниот Суд во Решението број 141/2016-0-0 од 05.07.2017 година не е поведена постапка за оценување  на уставноста на член 30 ст.4, член 54 ст.4, член 55 ст.2, член 56 ст.3, член 68 ст.2,3 и член 147 ст.2 и член 153. ст.7 од Законот за нотаријат.

Предлог измените можете да ги погледнете ТУКА

— ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико