Нотарска постапка во случај на неплатени сметки | Правдико

Правдико

   

Нотарска постапка во случај на неплатени сметки

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Foto - Signature 2Со префрлувањето на 600.000 предмети во 2011 година од судовите кај нотарите и извршителите, судовите повеќе не се надлежни за издавање платни налози кои најчесто се издаваат по барање на доверители за неплатени сметки за струја, вода, топлинска енергија, други комунални услуги или парични побарувања.

Со измените кои настанаа надлежноста за сите побарувања за неплатени сметки за струја, вода, топлинска енергија, други комунални услуги или парични побарувања се префрлија кај нотарите.

Постапката започнува со Предлог за донесување на решение за дозвола за извршување врз основа на веродостојна исправа  поднесен од доверителот,  до нотар  по свој избор, на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот доколку е физичко лице, или пак седиштето на должникот доколку е правното лице.

Предлогот  содржи барање за донесување на решение со кое се задолжува должникот да го плати паричното побарување кое произлегува од исправата во определен рок, како и барање за донесување на решение со кое се дозволува извршување , како и податоци за доверителот, должникот, видот и обемот на побарувањето, времето за исполнување на обврската и нејзината пристигнатост. Важно е и тоа дека Предлогот од доверителот се поднесува за пристигнато парично побарување кое се докажува со веродостојна исправа приложена кон предлогот во оригинал или во заверен препис кај нотар.

Како веродостојни исправи се сметаат особено:

1) јавни исправи (исправа издадена од надлежен орган, организација или лице кое врши работи од јавен интерес врз основа на закон или друг пропис заснован врз закон);

2) приватни исправи на кои потписот на обврзникот го заверил органот надлежен за заверување;

3) меници и чекови со протест и со повратни сметки ако тие се потребни за засновање на барање;

4) изводи од заверени деловни книги;

5) Фактура (сметка)  е исправа која продавачот или вршителот на услугата ја доставува до купувачот, односно нарачателот на услугата  и

6) исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.

При приемот на предлогот нотарот внимава дали е платена судска такса според  Законот за судските такси. Ако не е платена судска такса или aко предлогот е примен по пошта, нотарот ќе му остави рок од  8 дена да ја плати таксата. По истекот на рокот од 8 дена, ако доверителот не ја плати таксата, нотарот ќе донесе решение дека предлогот е повлечен.

При приемот на Предлогот од доверителот Нотарот треба особено да внимава на тоа:

– дали се работи за парично побарување;
– дали тоа парично побарување се докажува со веродостојна исправа приложена во оригинал или заверен препис кај нотар;
– дали паричното побарување пристигнало што се гледа од веродостојната исправа или ако од неа не се гледа дали доверителот поднел писмена изјава дека
побарувањето пристигнало и го означил денот на пристигнатоста
– побарувањето да се однесува на должникот;
– доверителот има активна легитимација (лице кое во парницата се јавува како прав (вистински) тужител)
– поднесена е веродостојна исправа и таа е валидна (ги содржи сите елементи – податоци и факти);
– јасно е изразено паричното побарување во веродостојната исправа.

Ако нотарот оцени дека предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа е допуштен и основан, ќе донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа и ќе го достави до странките. Доставата се извршува  по пошта, по електронски пат, преку службено лице на судот, непосредно во судот, преку нотар, извршител или друго лице определено со закон. Нотарот е должен да направи  два последователни обиди  да се изврши уредно доставување.

stamp for imprinting onДоколку тие два обиди се  безуспешни, се оди со објавување на писмената на огласната табла на судот,  и по истекот на осум дена од денот на објавувањето се смета дека доставата е извршена. А кога се работи, пак, за достава по пошта што се врши со препорачана пратка, доставата ќе се смета за извршена кога писменото ќе му биде врачено на лицето, односно ако лицето не го подигне писменото во рок од 8 дена од кога било повикано тоа да го стори.

Одбивањето да го примите известувањето или решението од нотарот, или пак одбивањето да се потпишете на доставницата од доставувачот не ви дава некоја заштита. При вакви ситуации доставувачот во забелешка ќе запише дека должникот одбива да потпише и да го прими решението, и доставата ќе се смета дека е изршена. Веќе од следниот ден започнува да ви тече рокот од 8 дена за поднесување на приговор.

Ако по првата или по втората достава доставувачот стави на доставницата забелешка „непознат“, „иселен“, треба нотарот да го задолжи доверителот или тој непосредно да побара податоци од МВР.

Доколку должникот не е задоволен од решението, може да поднесе приговор против решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа до нотарот кој го донел решението, во рок од осум дена од денот на приемот на решението. Приговорот во оваа постапка е од формална природа и нотарот не се впушта во испитување на неговата основаност. Со истакнување на приговорот, нотарот ги прекинува дејствата по предлогот и ќе ги достави списите до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот за спроведување на постапка по повод приговорот и донесување на одлука согласно со одредбите на Законот за парничната постапка за постапување по приговор за платен налог.

Нотарот по службена должност НЕ води сметка за застареноста на побарувањето, туку во приговорот, тоа може да го истакне должникот.

Нотарот ќе стави потврда за правосилност и извршност на решението со кое се дозволува извршување, ако во рокот од осум дена не прими приговор, односно приговорот го отфрлил како ненавремен или недозволен. Значи со пропуштање на рокот од осум дена вие го губите правото на приговор, и со тоа решение доверителот може преку извршител да изврши наплата на паричното побарување.

Примери за Предлог за донесување на решение за дозвола за извршување врз основа на веродостојна исправа  како и примери за Решенијата донесени од нотарот во врска со оваа постапка можете да погледнете во делот ОБРАСЦИ во категоријата Нотарски обрасци.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Приговор во случај на неправилности при извршување

Парични примања кои не подлежат на извршување

– Кои предмети не можат да ви бидат одземени од извршител

Партнери на Правдико