Правдико

   

Нова национална работна група ќе врши редовна анализа и ревизија на перинаталните смртни случаи

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Новоформираната национална работна група за анализа и ревизија на перинаталната смртност почна со подготовки за спроведување редовни систематски контроли на сите перинатални смртни случаи во иднина со цел подобрување на здравствената заштита на мајките и децата преку систематско собирање и анализа на податоци за да креира интервенции врз основа на докази.

Како што велат од Министерството за здравство, перинаталната смртност – фетална смрт (мртвородено) по 154 дена од бременоста и неонаталната смрт во првите 28 дена од животот – се користи за мерење на квалитетот на здравствената заштита. Во земјата последните достапни податоци (од 2016 г.) покажуваат стапка на перинатална смртност од 16 на 1.000 живородени деца, што е над просекот од земјите членки на ЕУ од 6 на 1.000 живородени, ситуација што ги вознемири здравствените работници и јавноста и предизвика забрзани напори за подобрување на состојбата.

„Во моментот податоците за смртноста не вклучуваат сеопфатен преглед на сите веројатни причини за смртта. Со оваа мерка ќе се обезбеди систематски да собираме и да анализираме податоци за основните причини, како и да примениме интервенции за подобрување на здравствениот систем и квалитетот на здравствената заштита врз основа на докази“, рече Венко Филипче, министер за здравство.

Работната група ќе користи стандардна методологија и пакети за обука изработени од Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) за спроведување систематска ревизија на смртните случаи. Пакетот му беше претставен на тимот вчера во текот на воведната работилница поддржана од УНИЦЕФ.

„Во земјата има одлични здравствени работници – но, лекарите и медицинските сестри се добри само онолку колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да се воспостават меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на докази, со кои се уредени повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применат во пракса“, рече Бенјамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Работната група е составена од висококвалификувани професионалци вклучувајќи гинеколози од примарната здравствена заштита и породилните одделенија, неонатолози, педијатри, епидемиолози, акушерки, социјални работници и статистичари, со цел при ревизијата да се разгледаат сите аспекти на можните причини за смрт – вклучувајќи ги и оние поврзани со здравствениот систем, здравјето на мајката и социјалните аспекти на здравственото однесување.

Во подготвителната фаза за својата работа работната група ќе спроведе ревизија на скорешни случаи на перинатална смрт. Се предвидува таа да врши рутинска ревизија на сите идни смртни случаи и да доставува посебни извештаи до Министерството за здравство со препораки за промени во политиките и зајакнување на здравствениот систем.

Формирањето на работната група и воведувањето систематско прибирање и анализа на податоците за перинатална смртност се едни од мерките усвоени од Министерството за здравство за подобрување на здравствената заштита на мајките и децата.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико