Нова „нормалност“ - Русија се вооружува | Правдико

Правдико

   

Нова „нормалност“ – Русија се вооружува

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Москва се вооружува, сака да го зголеми нуклеарниот арсенал. Наводната реакција на потезите на НАТО е всушност одамна планирана. Инго Мантојфел оценува дека светот мора повторно да се навикне на конфронтативна реторика.

0,,17177433_303,00

Владимир Путин најави зголемување на нуклеарниот арсенал со 40 нови интерконтинентални ракети. Оправдание за ваквото вооружување, според Москва, е намерата на САД за стационирање тешка воена техника во источноевропските земји на НАТО. Притоа, Кремљ се разбира намерно превидува дека зголемувањето на одбранбената способност на источната граница на НАТО треба да се гледа во контекст на агресивната руска политика во Украина.

Западот и Русија се наоѓаат – повторно – во безбедносна дилема од теоријата на игри. Двете страни не си веруваат една на друга и затоа го зголемуваат својот воен капацитет. Другата страна потоа токму поради тоа се чувствува загрозена и го интензивира сопственото вооружување. Резултатот од тоа е класична спирала во вооружување.

На Путин му е неопходна конфронтација

Овој развој на работите не е изненадувачки и особено Германците треба да научат да ја третираат новата конфронтативна реторика на Москва како „нова нормалност“. Многумина погрешно конфликтот во Украина го сметаат за причина за влошените односи меѓу Русија и Западот.

Но судирот околу Украина е последица или израз на многу подлабок внатрешен развој во Русија. Почетокот на третиот претседателски мандат на Путин во 2011/2012 беше поврзан со остри протести на малиот, урбан среден слој во земјата. На кризата на легитимација на Путин што од тоа произлезе Кремљ одговори со уште посилно вртење кон руско-националните и православни вредности. Со ваквата антизападна реторика, која во конфликтот во Украина доби застрашувачки патолошки замав, на Путин му успеа да ја вивне намалената симпатија во досега невидена височина од 80 проценти.

Со ваквиот фокус на еден сопствен политички пат на Русија заедно одеше и нова економска стратегија – во времиња на глобална финансиска криза и цени на енергијата кои во меѓународни рамки паѓаа, Кремљ, долго пред кризата во Украина, се одлучи за раскин на, од Западот предложеното, партнерство за модернизација. Наместо тоа, Москва од 2012/2013 работи на реиндустријализација на руската економија според советски принцип – со помош на техничките истражувачки институти сместени во воено-индустрискиот комплекс, стопанството би требало повторно да се зајакне во делот на производството.

Одамна планирано вооружување

Уште во февруари 2012 година, кога беше премиер и кандидат за претседател, Владимир Путин најави големи инвестиции во руската индустрија со оружје до 2022 година, во висина од околу 23 трилиони рубљи. Пред повеќе од три години тој зборуваше за опремување на десет полкови со нуклеарни ракети од типот Топол-М и Јарс. Путин фактички сега тоа само го повтори – менувајќи ги местата на причината и дејството – во контекст на плановите на НАТО за Источна Европа.

Горчливата вистина е дека не се конфликтот во Украина или западното однесување тие што доведоа до нова конфронтација меѓу Западот и Русија, туку политичкиот курс на претседателот Путин е тој што со години оди во насока на нова Студена војна. Иако Западот тоа се‘ уште не сака да го прифати: тоа е „новата нормалност“.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико