Нови амандмани или нова неизвесност во Уставот?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Комисијата за уставни измени, предводена од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, вчера ја почна процедурата за промена на Уставот по предлогот на Владата да се додадат уште осум уставни амандмани. Иако претходно се коментираше дека без опозиција во Собранието процедурата ќе се одвива беспрекорно, сепак во почетокот дојде до мала расправа меѓу пратениците на ДУИ и на ДПА. Од ДПА ги обвиниле ДУИ дека поддржуваат уставни измени со кои не се застапуваат интересите на Албанците.
Денеска треба да се одржи пленарната седница во Собранието за уставните измени.
„Нова Македонија“ во изминативе денови ги анализираше уставните измени и самиот чин на менувањето на Уставот. Досега во Македонија се донесени 32 уставни амандмани. Политичкиот аналитичар Сашо Клековски објасни дека тие и временски и содржински може да се поделат во три групи: во првата влегуваат оние што беа предизвикани од спорот за името со Грција, во втората обврските од Охридскиот рамковен договор, а во третата поновите промени, кои се однесуваат на усогласување на македонското законодавство со европското.
ГОЛЕМ УСТАВ ИЛИ ПРИНЦИП НА ОПШТОСТ
Дел експерти, меѓу кои и професорот по уставно право Осман Кадриу, предупредуваа дека иако во принцип нема ништо необично во менувањето на Уставот, сепак избраниот период да се стори тоа е дискутабилен, бидејќи Македонија се соочува со внатрешни политички проблеми и недоразбирања. На улиците се случуваа протести (дел од нив и насилни) поради пресудите за случајот „Монструм“, опозицијата не се вратила во парламентот за да дебатира, а згора на сѐ уставните измени се предложени како готов материјал што влегува во собраниска процедура, без претходно да се дискутира за нив во јавноста и меѓу експертите. Како што сумираше Кадриу, Уставот се менува во секое време, но не и во невреме.
Дел политичари исто така предупредија дека отворањето на процедурата за промена на Уставот може да биде како отворање на Пандорината кутија, бидејќи тоа често се случуваше и при поранешните обиди. Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, на пример, истакна дека во овие услови, со сегашните политички предизвици со кои се соочува Македонија, речиси сигурно може да се очекува да се поднесат и други барања за измени и за дополнувања на Уставот. Такво е и искуството од порано, кога се барало изедначување на статусот на албанскиот јазик со македонскиот, Бадентеров принцип на одлучување во Уставниот суд, дводомен парламент, етнички буџет, консензуален претседател, веронаука во училиштата, додавање нови народи и делови од народи во преамбулата и друго. Ниту едно од овие барања не било прифатено.
Се отворија и прашањата дали на предложените промени им е местото во највисокиот акт на државата или, пак, тие треба да се регулираат со закони. Една од промените, на пример, како таа за дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена, веќе е озаконета, а аргументот за таа да се внесе во Уставот е дека на тој начин брачната дефиниција потешко би се менувала во иднина.
Македонија, како што истакнаа експертите, има релативно мал устав, слично како и Соединетите Американски Држави, каде што во Уставот се поставени исклучиво основните темели на државата, правата и слободите на граѓаните и нивните должности, а врз него се гради целиот преостанат правен систем. Професорот Горан Илиќ од универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола порача дека државата треба да се труди да го задржи принципот на општост на Уставот и во него да не вметнува материи што можат да се регулираат со закони. Експертите ги поздравија предложените измени што се однесуваат на новите надлежности на Уставниот суд, новиот начин на избор на членови на Републичкиот судски совет и особено воведувањето на институтот уставна жалба, со кој граѓаните ќе имаат право да се жалат пред Уставниот суд ако им се нарушени човековите права.
ДОЛГА ПОСТАПКА
Инаку, процедурата што почна вчера се очекува да трае околу три месеци, според процените на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Денеска таа треба да продолжи на седница на Собранието, каде што најмалку 82 пратеници треба да дадат согласност дека има потреба да се менува Уставот. Засега е неизвесно дали ќе се обезбеди таа бројка, бидејќи коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ има 80 пратеници, заедно со тој од ГРОМ 81, па се шпекулира дека ќе се очекува и поддршка од Мирсада Асани, пратеничка што влезе преку листата на партијата НДП на Руфи Османи. Има информации и дека мал дел од пратеничката група на ДУИ, предводен од Хазби Лика, исто така не сакал да ги поддржи измените, што, секако, би спречило процесот да продолжи понатаму.
Ако продолжи, тогаш Владата ќе треба својот предлог да го дефинира како нацрт-амандмани, кои потоа Собранието повторно треба да ги потврди. По овој чекор следува јавната расправа од 30 дена, по која предлагачот (во овој случај Владата) ги утврдува предлог-амандманите. На седница во Собранието се расправа и се гласа за секој предложен амандман одделно. Дел од Уставот ќе станат само оние што ќе бидат поддржани од 82 пратеника.
Владата на прес-конференција кон крајот на јули го соопшти предлогот да се вметнат осум измени во Уставот. Со една од нив треба бракот да се дефинира како заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена, за, како што вели Владата, да се зачуваат традиционалните вредности. Се предлага и да се смени името на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, бидејќи сегашното име датира од социјалистичкиот период. Потоа, задолжувањето на државата се ограничува на 60 отсто од БДП, а буџетскиот дефицит на три отсто од БДП. Уставот треба да предвиди и можност да се формира посебна финансиска зона. Бројот на судии во Републичкиот судски совет треба да се зголеми од осум на десет (притоа од тоа тело ќе се отстрани министерот за правда), а по жалбите од одлуките на Советот ќе расправа Уставниот суд. Уставниот суд добива и уште една надлежност, да прима уставни жалби од граѓаните. Со последната измена се предвидува Државниот завод за ревизија да стане уставна категорија.
Извор: Нова Македонија