Предложени нови измени во Законот за градење
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со предложените одредби се предвидува дека постапката за издавање на одобрение за градење за градбите во технолошките индустриски развојни зони формирани од Владата на Република Македонија и од правни лица, како и за градбите во индустриски и зелени зони основани од Владата на Република Македонија, почнувајќи од 1 септември 2015 година ќе се спроведува согласно Законот за технолошките индустриски развојни зони и Законот за индустриски-зелени зони во писмена форма, а како надлежни органи за спроведување на постапката се утврдуваат Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Министерството за економија со тоа што Министерството за економија ќе биде надлежно за спроведување на постапките за градбите во технолошките индустриски развојни зони кои се предмет на јавно приватно партнерство.
Исто така се утврдува и надлежност на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони за издавање на решение за изградба на градбите или поставување на опремата кои се утврдени во член 73 од законот за кои градби не се издава одобрение за градење, кои ќе градат односно поставуваат во рамки на технолошко индустриските развојни зони и индустриските и зелените зони како и на Министерството за економија за градбите во предметните зони за кои е склучен договор за јавно приватно партнерство.
Понатаму со предлог законот се утврдува дека проектната документација за градбите во горенаведените зони ќе се изработува и заверува во писмена форма, како и останатите постапки предвидени со Законот за градење по однос на градбите кои ќе се градат во горенаведените зони ќе се спроведуваат во писмена форма.
Единствено постапките за измени во текот на изградбата, промена на инвеститор, издавање на одобрение за употреба и упис на недвижности во јавната книга на недвижности за градбите во овие зони за кои е издадено одобрение за градење согласно одредбите на Законот за градење, ќе се спроведуваат во електронска форма.
Исто така се врши допрецизирање на одредбите од законот а заради усогласување со одредбите со кои се утврдува надлежноста за издавање на одобрение за градење за градбите во технолошките индустриски и развојни зони, индистриските и зелените зони и со кои се утврдува начинот на спроведување на постапката за издавање на одобрение за градење за градбите во овие зони.
Во таа насока се вршат измени на одредбите кои се однесуваат за начинот на спроведување на постапката за одобрение за градење и решение за изведување на градбите во овие зони, за известување на непосредни соседи за издадено одобрение за градење, за издавање на одобрение за употреба, за запишување на објектот во јавната книга за недвижности, за реконструкција, адаптација и пренамена и за отстранување на објект со одобрение за отстранување.