Нови услови за поднесување на апликации до Европскиот суд за човекови права
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.На ден 11.12.2013 година на веб страната на Европскиот суд за човекови права, www.echr.coe.int беа објавени новите услови за поднесување на апликација пред Европскиот суд за човекови права кои ќе се применуваат од 01 јануари 2014, со влегувањето на сила на новото Правило 47 од Деловникот на Судот.
Имено, станува збор за измена и дополнување на деловникот, со цел да се зголеми ефикасноста на Судот и да се забрза испитувањето на апликациите. За таа цел Судот воведе две големи промени со кои ќе се утврдува дали поднесената апликација треба да биде доделена на разгледување на некоја од судските совети, или пак ќе биде отфрлена без да биде разгледана од страна на Судот.
Првата промена се однесува на информациите и документите кои се доставуваат на Судот при поднесувањето на една апликација, со цел тој да може истата да ја испита што е можно поефективно. Во иднина, секоја апликација поднесена до Судот мора да биде комплетирана во целост и пропратена со копии на релевантите документи. Сите некомплетирани апликации ќе бидат отфрлени од страна на Судот.
Втората измена се однесува на прекинот на рокот во кој мора да се поднесе апликацијата до судот, а тоа е во рок од 6 месеци од правосилноста на одлуката на највисокиот домашен суд за овај рок да биде прекинат, апликациите сега ќе треба да ги исполнуваат условите утврдени со правилото 47. Апликацијата мора да биде испратена до Судот, прописно пополнета и пропратена со релевантните документи во рамките на периодот утврден со конвенцијата. Некомплетираните информации веќе нема да бидат земени во предвид за целите за прекинување на течењето на периодот од 6 месеци.
Поради овие измени кои се од големо значење при поднесувањето на апликациите до Европскиот суд за човекови права, а со цел соодветно да бидат запазени правата на потенцијалните апликанти го објавуваме ова известување.