Новинарски штрајк на роденденот на Здружението на новинарите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.На Денот на македонското новинарство, 17-ти февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, најголем дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време.
Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.
„Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи. Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапанијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите“, пишува во соопштението од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Повеќе од една година поради ваквата состојба платите почнаа да доцнат, и да се исплаќаат надвор од законскиот рок, со што вработените новинари и медиумски работници се скратени за плата и половина и се доведени од свој џеб да го финансираат опстојувањето на весниците. Покрај ова, сопствениците и менаџментот од почетокот на годинава ја прекинаа секоја форма на социјален дијалог и останаа глуви на барањето на новинарите за средби и за договори.
За членовите на синдикатот во вакви услови штрајкот е последниот начин на борба за остварување на правата од работниот однос. Штрајкот е неограничен, а ќе се одвива етапно и согласно законот.
Станува збор за прв организиран штрајк на новинари и медиумски работници од осамостојувањето до денес, не заборавајќи ги притоа протестите на вработените во НИП Нова Македонија пред петнаесетина години, ниту пак, одделни други форми на протести во други медиуми во земјава.
Како што објави вчера НОВАТВ, непосредно пред штрајкот, од компанијата своите удели ги продадоа „Орка холдинг“ на бизнисменот Јордан Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева.
Извор: Новатв