Обама меѓу два огна
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Изненадувачкото откажување на учеството на саудискиот крал Салман, фрла сенка врз самитот на Барак Обама со лидерите на земјите од Персискиот Залив. Саудијците на тој начин реагираат на Обаминото приближување кон Иран.
„Макијавели на ничија земја“-вака Мајкл Доран од вашингтонскиот институт „Хадсон“ го нарекува американскиот претседател Барак Обама. Тој не е ни сигурен непријател ниту сигурен пријател. „Никој не му верува вистински, ниту пак го зема за сериозно она што тој го вели“, оценува за ДВ овој експерт за меѓународна политика. Доран смета дека тоа најдобро се покажало на случајот со Саудиска Арабија. Обама се стреми кон тоа досегашниот близок партнер Саудиска Арабија да го третира како и неговиот непријател, Иран. На тој начин американскиот претседател сака да се постави како посредник во конфликтите на Блискиот и на Средниот Исток, ама поради тоа Обама , „многу ги изнервира“ Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив.
Состанокот кој Обама го организира во Кемп Дејвид на 14.05 претставува можност за лидерите на земјите од Персискиот Залив да ѝ покажат заби на владата на Обама. Присуството на состанокот не го откажа само саудискиот крал Салман бин Абделазиз, туку и претседателите на Оман, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Сите тие испраќаат само свои претставници. Брус Рајдер од вашингтонскиот труст на мозоци „Брукингс институт“ смета дека откажувањето на учеството на саудискиот крал е сигнал за недостаток од доверба во Обама. За разлика од Израел. Саудијците избегнаа да изнесуваат јавни критики. Наместо тоа, тие со откажување на учеството испраќаат порака од која, смета Рајдер, американскиот претседател би требало да се „засрами“, без оглед на тоа што саудиската делегација ја предводи принцот Мохамед бин Наиф, нова моќна фигура во Риад.
Доминантна тема- нуклеарниот договор со Иран
„Њујорк тајмс“ пишува дека главна причина за откажување на учеството е „продолжувањето на незадоволството“ поради политиката на Обама кон Иран. Републиканскиот сенатор Џон Меккејн, еден од острите критичари на Обама за „Вашингтон пост“ оцени дека „на Обама ќе му биде тешко да ги увери американските сојузници дека договорот со Иран нема да нанесе штети“.
Сѐ поголемите контроверзи околу Иран ги фрлаат во втор план останатите теми на самитот. Меѓу нив се и борбата против самопрогласената Исламска држава, војната во Сирија, конфликтот во Јемен.
Обама сака да биде оној, кој кога станува збор за конфликти како оние во Јемен и во Сирија, може да ги повика сите и да каже:’Не сме деца, ајде да пронајдеме компромис’“, ја објаснува Мајкл Доран новата акција на американската надворешна политика. Обама притоа полага надежи во Иран бидејќи верува дека оваа земја „ќе се однесува поконструктивно отколку во изминатите три децении“, пред сѐ кога станува збор за договорот за нејзината спорна нуклеарна програма. Овој договор Обама го сака по секоја цена, бидејќи тоа за него е суштината на неговата надворешно-политичка оставнина.
Вашингтон делува немоќно
Саудиска Арабија и другите заливски земји на сето тоа гледаат со растечка недоверба. Иран сѐ повеќе се профилира како водечка шиитска сила, додека Саудиска Арабија себеси се гледа како заштитник на сунитите. Ирак, Сирија и Јемен се жариштата во кои овие две земји водат борба за превласт во регионот. Саудиска Арабија и нејзините сојузници во иранската атомска програма гледаат потенцијална опасност за регионот, бидејќи сметаат дека курсот на Техеран е агресивен и експанзионистички, и се плашат дека договорот само ќе го засили режимот во Иран.
Истовремено Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив сметаат дека преговорите за атомската програма на Иран се доказ дека САД се повлекуваат од регионот и оти влијанието на Вашингтон е намалено. Поинаку не може, оценува Брус Рајдер, да се објасни саудиската воена акција во Јемен изведена без претходни консултации со САД
Извор: Deutsche Welle