Објавен првиот периодичен извештај од набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.По политичка криза која трае веќе две години, главните политички сили се договорија да го распуштат Собранието по втор пат годинава. Предвремени парламентарни избори се распишани за 11 декември. На 3 ноември, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) воспостави Набљудувачка мисија за избори (НМИ) за набљудување на овие избори.
Изборната правна рамка беше значително изменета во 2015 година. Дополнителните промени во 2016 година воведоа времени механизми за политички надзор на изборниот процес, вклучително и барање за граѓаните со „сомнителни“ податоци во избирачкиот список активно да се регистрираат за овие избори, како и формирање на Привремена комисија за надзор на медиуми.
Официјалните седници на Државната изборна комисија (ДИК) досега беа отворени за набљудувачите и медиумите. Меѓутоа, ДИК често одржуваше и затворени работни седници на кои предмет на дискусија беа суштински прашања. Најголемиот дел од Општинските изборни комисии се оперативни и подготовките за изборите се во тек, иако некои од нив се соочуваат со недостаток од соодветни простории и опрема. Впечатокот е дека изборната администрација ги почитува одредбите за правична застапеност на етничките групи и половите.
Бројот на прелиминарно регистрирани гласачи за овие избори е 1.784.524. Поради изразената недоверба во точноста на избирачкиот список на претходните избори, ДИК ја доби задачата за одржување на избирачкиот список. Таа го прегледа списокот преку вкрстена проверка на различни бази на податоци, како и со спроведување на теренски проверки. Согласно мандатот кој ѝ е даден на Комисијата со новите измени и дополнувања на Изборниот законик, ДИК избриша 28.341 гласови од списокот кои не се пререгистрирале. И покрај некои критики во однос на теренските проверки, голем број соговорници на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР сметаат дека довербата на јавноста во избирачкиот список е зголемена, бидејќи досегашниот процес на проверка резултирал со ограничен број барања за корекции.
ДИК одобри 20.629 апликации за гласање во странство. Голем број од апликациите беа поднесени од иста адреса на електронска пошта. Некои политички партии ѝ соопштија на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР дека им помагале на гласачите во пополнувањето на нивните апликации. ДИК регистрираше, на генерално инклузивен начин, 58 кандидатски листи поднесени од страна на 6 политички партии и 5 коалиции. Барањето за 40-процентна родова застапеност на листите е испочитувано. Листите на двата главни учесници во изборниот процес вклучуваат претставници од помалите етнички заедници, некои со добри изгледи за победа. Неколку опозициски партии ја најавија намерата дека ќе бараат гласови од заедницата на етничките Албанци.
Повеќето политички партии започнаа со мобилизирање на своите избирачки тела пред почетокот на официјалната кампања на 21 ноември. Предизборната атмосфера е генерално мирна, со забележани мал број на изолирани инциденти. НМИ на ОБСЕ/ОДИХР беше известена за случаи на наводни притисоци врз вработените во јавната администрација да поддржат одредена политичка партија.
Јавните медиуми се обврзани рамномерно да известуваат за сите изборни кандидати, да отстапат простор за бесплатно емитување и да организираат дебати. Значителните медиумски реформи предвидени со Пржинскиот договор сè уште не се договорени. Соговорниците на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР изразија загриженост за широко застапената самоцензура како резултат на политичкиот притисок врз медиумите и случаите на провокации и вербални напади врз новинарите. На 7 ноември, НМИ на ОБСЕ/ОДИХР започна со квалитативно и квантитативно следење на медиумите.
Две истакнати граѓански организации, МОСТ и ЦИВИЛ, ги набљудуваат овие избори. МОСТ планира да спроведе и паралелно сумирање на гласовите.
Целосниот извештај можете да го погледнете ТУКА
На албански јазик можете да го погледнете ТУКА