Објавена програмата од АКН за бесплатно запишување на правото на сопственост | Правдико

Правдико

   

Објавена програмата од АКН за бесплатно запишување на правото на сопственост

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Стратешка цел на Агенцијата за катастар на недвижности е секоја катастарска парцела во Република Македонија да биде со утврдени права на сопственост. За реализација на оваа цел, во 2014 година врз основа на Годишната програма донесена од Владата на Република Македонија, се направија измени на Законот за катастар на недвижности со кои се овозможи Kатастарот да изврши бесплатно запишување на правото на сопственост во катастарските општини каде што процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 %.

Изминатата година, оваа мерка ја искористија околу 4000 граѓани и правни лица на кои бесплатно им се утврди правото на сопственост, односно тие добија имотен лист.

Во електронскиот катастар вкупно има 4.047.000 катастарски парцели и на почетокот на овој проект, во 2014 година, околу 420.000 катастарски парцели беа со неутврдени права на сопственост. Во рамките на годишните програми за 2014, 2015 и 2016 година околу 100.000 катастарски парцели, и тоа 60.000 катастарски парцели земјоделско земјиште и 40.000 катастарски парцели градежно земјиште бесплатно се изложија и го добија својот сопственик.

Вкупната заштеда на граѓаните и правните лица од досегашната реализација на овој проект, по основ на изработка на геодетски елаборати изнесува  6,3 милиони евра.

Со цел понатамошно намалување на процентот на катастарски парцели со неутврдени права на сопственост, Владата на Република Македонија ја донесе Годишната програма за ажурирање на податоците по службена должност за 2017 година.

Во Годишната програмa за 2017 година се опфатени 135 катастарски општини, од вкупно 205 катастарски општини каде што процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 %.

Во програмата за 2017 година, покрај довршување на катастарските општини кои беа опфатени со минатите програми,  предвидено е бесплатно запишување на правата на сопственост на 31 нова катастарска општина.

Така,

– Одделението за катастар на недвижности во Велес ќе врши бесплатно запишување на правата на сопственост за катастарските општини: Габровник и Ораовдол;

– Одделението за катастар на недвижности во Гостивар ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини: Долно Јеловце, Тануше, Нистрово, Бибај, Рибница, Грекај и Нивишта, Сенце,Жужње, Богдево, Кракорница, Бродец, Горна Волковија, Куново и Добри Дол;

– Одделението за катастар на недвижности во Куманово ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини: Рамно, Буковљане, Дренак и Мгленце;

– Одделението за катастар на недвижности во Македонски Брод ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини: Зркле,Косово, Тополница и Самоков;

– Одделението за катастар на недвижности во Свети Николе  ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини:Бекирлија и Кишино;

– Одделението за катастар на недвижности во Штип ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини: Шашарвајлија, Вртешка и Калаузија.

Агенцијата за катастар на недвижности ги повикува сите граѓани и правни лица кои поседуваат имот во катастарските општини опфатени со програмата, да поднесат  барање, односно пријава, до одделението за катастар каде што се наоѓа нивната недвижност и да ја приложат целокупната документација со која располагаат за да го докажат правото на сопственост (пресуди, договори, акти на државни органи, наследни решенија, поседовни листови и сл.), со што Агенцијата за катастар на недвижности ќе изврши бесплатно запишување на правата на сопственост.

За да ја погледнете годишната програма за 2017 година со активностите  сврзани  со ажурирањето на податоците проверете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико