ОБСЕ: Изјава за првичните наоди и заклучоци од изборите | Правдико

Правдико

   

ОБСЕ: Изјава за првичните наоди и заклучоци од изборите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

OSCEПредвремените парламентарни избори на 11 декември претставуваа суштински чекор во решавањето на двегодишната длабока политичка криза. Како позитивен аспект, главните политички сили прифатија низа законски и институционални промени за да обезбедат еднаков терен за натпревар за овие избори. За подлабоките прашања, како што се регистрацијата на гласачи и медиумите, останува да се бара одржливо решение.

Кампањата беше конкурентна, но се одвиваше во атмосфера на недоверба на јавноста во институциите и политичкото уредување и наводи за принуда на гласачи. Изборната администрација се соочи со проблеми при подготовката за изборите и проби голем број рокови, но денот на изборите во најголем дел помина добро без поголеми инциденти.

Правната рамка е генерално поволна за спроведување демократски избори. Значителните подобрувања на изборната легислатива во 2015 година ги зедоа предвид повеќето од претходните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа. Дополнителните измени и дополнувања од 2016 година воведоа времени механизми за меѓупартиски надзор на клучните аспекти од изборниот процес. Меѓутоа, некои препораки сепак не беа земени предвид и одредени одредби се двосмислени и спротивни на другите закони.

Покрај тоа, иако процесот на реформи ја доби поддршката од четирите најголеми политички партии, одлуките се носеа под притисок на недостиг на време и во отсуство на консултации со релевантните засегнати страни во изборите. Подготовките на Државната изборна комисија (ДИК) за изборите беа попречени од неефикасната внатрешна организација, политизирано носење одлуки и скратените законски рокови. Неколку рокови беа пробиени и некои процедури не беа докрај разјаснети. Активностите на ДИК не беа секогаш транспарентни, бидејќи често одржуваше седници зад затворени врати и не секогаш ги објавуваше своите одлуки.

Комисиите на пониско ниво генерално беа професионални во своето работење, иако на некои им недостасуваше соодветен простор, навремено финансирање и опрема. Вкупно, 1.784.416 гласачи беа регистрирани. Како одговор на долгогодишната недоверба во точноста на избирачкиот список, за прв пат ДИК го прегледа регистарот на гласачи по пат на вкрстена проверка на неколку бази на податоци и теренски проверки. Ваквите проверки не гарантираат долгорочно подобрување, бидејќи се направени само за овие избори. Законските и структурните недостатоци на водењето на регистарот на гласачи останува да се решаваат.

Процесот на проверка ја подобри точноста на избирачкиот список, но се чини дека доведе до одземање на можноста на некои граѓани да гласаат на овие избори. ДИК регистрираше шест политички партии и пет коалиции за овие избори. Регистрацијата беше генерално сеопфатна, иако под негативно влијание на отсуството на јасни законски процедури и отфрлање на кандидатските листи на две партии поради недоследности. Согласно зголемената квота за поголема застапеност на жените, 41 процент од кандидатите беа жени, иако тие се најдоа на врвот на само четири од вкупно 58 листи.

Целосниот извештај погледнете го ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико