Обвинение против Албанец, Македонец и Косовец за кражба на марихуана од фабрика во Алданци | Правдико

Правдико

   

Обвинение против Албанец, Македонец и Косовец за кражба на марихуана од фабрика во Алданци

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

По сеопфатна истражна постапка надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против еден албански, еден македонски и еден косовски државјанин. Тројцата се обвинети дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Имено, обвинетиот Л.С., кој е недостапен на органите на прогонот, заедно со В.К., Т.С. и Р.К. опфатени во обвинителниот акт, во периодот од 16 до 19 декември минатата година како повеќе лица, неовластено заради продажба пренеле 58.980 грама наркотична дрога марихуана и волумен од околу 900 милилитри хашиш масло. Наркотичната дрога била подигната од објект што го користело лиценцирано правно лице Друштво за производство, трговија и услуги 5 Летерс ДОО Скопје, чија дејност е одгледување канабис за медицинска намена и производство на екстракт од канабис лоциран во с.Алданци, Крушевско, и истата била пренесена до изнајмен објект – викенд-куќа во атарот на с.Врбоец. Обвинетиот Л.С., кој моментално е недостапен на органите на прогонот, неофицијално бил назначен за управител на правниот субјект ДПТУ 5 Летерс ДОО Скопје и му биле доверени клучевите од безбедносниот сеф каде што се чувала сувата материја. Еден месец пред критичниот настан неформално го ангажирал обвинетиот В.К. и го назначил како одговорно лице во фабриката за да ги контролира и координира вработените. При контрола на магацинскиот простор В.К. утврдил дека одредена количина на наркотична дрога марихуана не е внесена во евиденциите на правното лице и се договориле со Л.С. истата да ја сокријат во таванот над магацинот и во погоден момент да ја изнесат од правниот субјект со цел неовластено да ја продадат.

В.К. по насоки на Л.С. ги ангажирал обвинетите Т.С. и Р.К. кои непријавени работеле во правното лице ДПТУ 5 Летерс ДОО Скопје без регулиран статус и сите заедно направиле план за безбедно изнесување на наркотичната дрога. Обвинетиот В.К. од магацинскиот простор каде што се чува екстракт од канабис изнел и една тегла хашиш масло со волумен од 900 милилитри и му ја предал на обвинетиот Т.С. кој неовластено ја држел во мотелска соба во која престојувал. Наредниот ден Л.С., во непосредна близина на фабриката, во атарот на село Врбоец, закупил викенд-куќа каде што обвинетите требало да ја пренесат и да ја чуваат наркотичната дрога марихуана. Секој обвинет добил конкретни инструкции и задачи од обвинетиот Л.С., па за време на пауза на вработените предизвикале прекин во мониторинг-системот од безбедносните камери, ја симнале марихуаната спакувана во проѕирни најлонски кеси од таванот и ја сместиле во шест големи црни најлонски вреќи, а потоа ја натовариле во ПМВ џип марка „лексус“ со швајцарски регистарски ознаки и ја пренеле и сместиле во изнајмената викенд-куќа. По завршување на работното време Л.С. со ПМВ марка „тојота“ ги пренел обвинетите во викенд-куќата каде што обвинетиот Т.С. требало да остане да ја чува дрогата до наредниот ден кога требало да биде преземена. На 19.12.2020 година при претрес на викенд-куќата од страна на овластени службени лица дрогата со вкупна нето-маса од 58.980 грама е пронајдена, а лицата лишени од слобода, при претрес на други локации каде што престојувале обвинетите се пронајдени помали пакувања на наркотична дрога спакувани за неовластена продажба.

Имајќи го предвид начинот и мотивот на извршување на кривичното дело, неговиот меѓународен елемент во извршувањето и поврзаноста на извршителите, како и фактот што обвинетиот Л.С. не е достапен на органите на прогонот, со цел обезбедување присуство на обвинетите и спречување на повторување на кривичното дело, со обвинителниот акт предметниот јавен обвинител поднесе и посебен предлог со кој му предложи на Основниот кривичен суд – Скопје спрема обвинетите да ја продолжи мерката притвор.​

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико