Обвинение против ексградоначалник на Демир Хисар, незаконски вработувал луѓе
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Битолското Обвинителство поднесе обвинение против три лица за незаконски вработувања. Обвинети се поранешен градоначалник на Демир Хисар, раководител на Центарот за вработување и соработник за услуги за поддршка за вработување во Центарот за вработување Демир Хисар. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата.
„Обвинетиот градоначалник со пречекорување на границите на своето службено овластување и неизвршување на својата службена должност за совесно и законито работење и доследно почитување им овозможил вработување на три лица како административни службеници во Општина Демир Хисар на определено време спротивно на одредбите пропишани во Изборниот законик“, велат од Обвинителството.
Вработувањата биле извршени по донесена одлука за распуштање на Собранието и решение за распишување предвремени парламентарни избори за пратеници во Собранието, објавена на 11.12.2016, по која не може да се почне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Вработувањата за кои донел одлука обвинетиот градоначалник, а ја спровел второобвинетиот, се однесувала на работни задачи што немале итна природа. Вработените лица биле ангажирани на определено време за работа на проекти за чија реализација Општината донела одлука дури подоцна, на 59. седница на Советот на Општина Демир Хисар, одржана на 29.12.2016 година.
Третото обвинето лице делото го сторило поради тоа што не презело дејства за проверка на поднесена пријава за вработување, па иако за работните места на кои се вработуваат лицата биле потребни три одделни пријави, тој извршил евидентирање на вработувањата врз основа на поднесена пријава, која се однесувала за сосема други работни места.
Извор: Макфакс