Обвинение за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово | Правдико

Правдико

   

Обвинение за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Обвинети за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово се поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата и дежурниот доктор. Во пожарот во модуларната болница на 8 септември лани загинаа 14 луѓе. Обвинение има и за Општата болница – Тетово.

Бесими и раководното лице се обвинети дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот дека не постапил според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница, се гони за двете кривични дела.

Обвинението следува по 10 месеци откако започна истрагата. Истрагата ја предводеше тетовското обвинителство, а обвинението е поднесено до надлежниот суд. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.

Обвинителството во октомври, минатата година го објави извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.

Извор: Радио слободна Европа

Партнери на Правдико