Обвинетата од УБК со различни искази пред судот и пред СЈО | Правдико

Правдико

   

Обвинетата од УБК со различни искази пред судот и пред СЈО

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Речиси четири часа траеше денешната главна расправа за предметот „Тврдина 2“ за незаконско уништување на опремата за прислушување. Поради барање на СЈО за дополнување на доказите и на одбраната, судењето е одложено за 6 ноември.

Една од обвинетите, која  е попишана како член на Комисијата за уништување на документацијата од УБК, изјави пред судот дека не знаела што потпишува и дека од колегите  ѝ било посочено дека станува збор за техничка работа на секретарките во МВР. Станува збор за секретарка на еден од сведоците кој денеска беше испрашуван во судот. Таа тврдеше дека ѝ било дадено да стави потпис само на последната станица од документот.

На овој исказ на обвинетата реагираше обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов, кој рече дека во предистражната постапка за предметот обвинетата била повикана во својство на сведок и дала поинаков исказ од исказот даден денеска пред судот. Таа пред СЈО во својство на сведок во предистражната постапка тврдела дека во целост го видела документот и потврдата, каде што ставила и свој потпис.

Обвинетата потврди дека потписите на документите се нејзини. На прашање од обвинителот на СЈО кој исказ е точен – оној што го дала пред СЈО или тој денеска во судот, обвинетата рече дека останува на тврдењата искажани во судот.

Обвинителката Ленче Ристоска побара судот да ги утврди причините поради кои обвинетата го сменила исказот.

Поради тоа адвокатот на одбраната, Љупчо Шврговски, побара исказот на обвинетата во СЈО даден пред истражители да не се земе предвид бидејќи, според Законот за кривична постапка, единствен валиден исказ е оној кој е даден на главната расправа.

Судот го прифати барањето на одбраната и донесе решение со кое се прифаќа приговорот на адвокатите на одбраната. До следното рочиште на 6 ноември СЈО достави нови докази кои одбраната без да ги види побара веднаш да бидат отфрлени бидејќи се од друг предмет и не се релевантни за ова судење. Нови докази понуди и тимот на одбраната – станува збор за класифицирани информации од УБК, за кои судот треба да побара декласификација.

Васко Маглешов

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико