Обвинетите се согласуваат со затворска казна, само да е пократка
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Интересот обвинетиот со спогодба со јавниот обвинител да ја признае вината и да добие поблага казна за кривично дело од ден на ден се зголемува, а Јавното обвинителство досега имало десетина спогодби во периодот од 1 декември лани, кога почна да се применува оваа мерка, вели јавниот обвинител Марко Зврлевски. Скопскиот Основен суд 1 на 27 јануари ја одобрил првата спогодба за кривично дело шверц на мигранти, а минатата недела прифатил уште една спогодба за друг случај на шверц на мигранти. Во двата предмета на обвинетите веднаш им била изречена пресуда.
– За овие два месеца имаме десетина спогодби. Нивниот број од ден во ден се зголемува – изјави Зврлевски.
Можноста обвинетиот и обвинителот да се спогодат за признавање на вината во замена за поблага казна беше воведена со новиот Закон за кривична постапка и со измени во Kривичниот законик. Со спогодбеното признавање на вината, постапката трае многу покусо – судијата на претходна постапка веднаш досудува казна, а обвинетиот нема право на жалба.
– Очигледно угледот на Јавното обвинителство е на високо ниво, бидејќи спогодбите се прават меѓу обвинителите и адвокатите, а судијата само ги потврдува. Обвинетите имаат доверба, ги прифаќаат аргументите на јавните обвинители. Интересно е што се согласуваат на затворски казни. Најголем бенефит е скратување на постапката. За неколку дена се завршуваат постапки што би траеле 5-6 месеци. Се донесува пресуда без право на жалба, а може веднаш да се изврши и обесштетување на оштетените – вели јавниот обвинител.
Но, тоа не значи дека Обвинителството се пазари со обвинетите, нагласува Зврлевски.
– Најважно е што спогодувањето не се случува хаотично. Има задолжително упатство од Јавниот обвинител, кое строго пропишува како да се вршат спогодбите. Обвинителот својот предлог за спогодба за полесно кривично дело мора да му го достави на одобрување на непосредниот претпоставен, а за потешки дела до вишиот и до јавниот обвинител – нагласува Зврлевски.
Првата спогодба во скопскиот Основен суд 1 била потврдена на 27 јануари, потврди судијата од судот Весна Димишкова. Таа објаснува дека со спогодбата пресудата веднаш станува правосилна.
Во првиот случај во судот, судијата од претходна постапка ја прифатил предлог-спогодбата меѓу обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Г.Г, обвинет за шверц на мигранти. Со спогодбата Г.Г. се согласил на казна затвор од 8 месеци, а Судот му го одзел и возилото со кое превезувал мигранти. Судијата веднаш донел пресуда.
Минатата недела судот прифатил уште една спогодба за исто кривично дело. Обвинетиот бил осуден на затворска казна од една година.
Извор: Дневник