Обвинителствата контра Катица Јанева: Специјалното обвинителство е неуставно | Правдико

Правдико

   

Обвинителствата контра Катица Јанева: Специјалното обвинителство е неуставно

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Обвинителите кои вчера присуствувале на состанокот со државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, меѓу другото, изразиле незадоволство од донесувањето на Законот за специјално обвинителство, кој го оцениле како неуставен и повикале на поднесување иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост, соопшти денеска Јавното обвинителство.

obvinitelstvo-1

„Присутните побараа да се достави барање до Советот на јавните обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог-листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составена според објективни критериуми и кои се тие. Ова особено зашто за јавните обвинители, предлог-листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати. Присутните јавни обвинители изразија незадоволство од донесувањето на Закон за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, оценувајќи дека на тој начин се става неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети, а, исто така, го оценија новиот закон како неуставен и повикаа на поднесување иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија“, стои во соопштението на Обвинителството.

Како што информираат оттаму, состанокот бил на барање на поголем број јавни обвинители, а на него присуствувале раководителите на вишите и на основните јавни обвинителства од државата.

На средбата било посочено дека условите во кои работат обвинителствата е исклучително незадоволителна, особено кадровската екипираност.

„Новиот Закон за кривична постапка (ЗКП) ги зголеми надлежностите на јавното обвинителство, но техничката опременост и вработените останаа речиси на исто ниво. Особено незадоволителна е состојбата во основните јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Куманово, Кочани и во Крива Паланка“, се вели во соопштението.

Обвинителите посочиле дека и покрај нивното незадоволство, досега ниедна од надлежните институции не одговорила на барањата за зголемување на нивниот број.

„Дополнително, состојбата со недоволната кадровска екипираност се влошува со најавениот и можен одлив на јавните обвинители во новото специјално обвинителство, а особено земајќи ги предвид законските одредби со кои нови јавни обвинители мора да се избираат од редот на завршените кандидати од Академијата за судии и за јавни обвинители, што на годишно ниво не е задоволителна бројка“, велат од Обвинителството.

Во врска со новиот Закон за специјалното обвинителство, бил посочен финансовиот план што до Советот на јавни обвинители го достави обвинителката Катица Јанева. Обвинителите на состанокот реагирале на високите примања и надоместоци наведени во планот, кои, според нив, биле „значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата“ и побарале „коригирање на примањата на јавните обвинители, кои постапуваат по тешки предмети“.

Инаку, реакцијата и состанокот на обвинителите се случува еден ден пред седницата на Советот на јавни обвинители, на која ќе се расправа и одлучува по општиот работен, персонален и финансов план што го достави специјалната обвинителка, како и по предлог-членовите на нејзиниот тим, кои треба да ѝ помагаат во расчистувањето на наводите што произлегуваат од содржината на незаконското прислушување.

Извор: Мета.мк

Препорачуваме

Партнери на Правдико