Обвинителството ги повикува партиите да се воздржат од кривични дела поврзани со изборите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Комисијата за изборни нерегуларности при Јавното обвинителство упати повик до граѓаните, граѓанските организации, лидерите и членовите на политичките партии да се воздржат од преземање дејствија со кои стануваат сторители на кривични дела. Оттаму информираат дека досега во текот на овој изборен процес, имало најмногу кривични дела за поткуп на гласачи.
„Појаснуваме на јавноста дека за лицето кое на друго лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Оваа затворска казна следи и за лице со избирачко право кое за да гласа, да не гласа или пак за начинот како ќе гласа, ќе бара или ќе прими за себе подарок или друга корист. Укажуваме дека дури и кога користа е од помала вредност, сторителот согласно законот ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година.
Со казна затвор од најмалку три години е санкционирано вршењето на кривичното дело Повреда на тајноста на гласањето од член 163 од Кривичниот законик, согласно кое се гони лицето кое при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста. Доколку делото е сторено од страна на член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, предвидената казна затвор е најмалку 5 години. Ова се однесува и на лице кое со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службената, работната или економската зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали и како гласал“, велат од Обвинителството.
Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности потсетува и на кривичното дело Неовластеното прислушување и тонско снимање од член 151 од Кривичниот законик, дека ова кривично дело се казнува со казна затвор од една до пет години и тоа за лице кое со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, лице кое ќе овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана, како и лице кое ќе сними изјава која му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.
Извор: Макфакс