Обвинителството сè уште го истражува наводниот поткуп за посвојување деца | Правдико

Правдико

   

Обвинителството сè уште го истражува наводниот поткуп за посвојување деца

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Скопското јавно обвинителство продолжува со истрагата за случајот со наводниот поткуп во постапката за посвојување деца, што неодамна беше обелоденет преку медиумите. Од таму велат дека во моментот не се создадени услови за финално донесување јавнообвинителска одлука, но дека поради сериозноста на податоците до кои дошол јавниот обвинител, постои потреба од натамошно проучување и испитување на сомнежите.

„Постапувајќи по допрен глас по објавите во медиумите за случај на наводен поткуп во постапка за посвојување деца, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презеде многубројни дејства за утврдување на фактите во предметот. Прибрана е целокупната документација од Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје, а во врска со водењето постапка за посвојување дете од страна на лицето што како оштетена го објави случајот преку телевизиски настап. Притоа оштетената објави наводни незаконитости во процесот на посвојување, според кои како на потенцијален иден законски застапник на детето ѝ бил побаран поткуп, но не бил даден, таа била експресно обвинета и осудена за семејно насилство“, велат од скопското Обвинителство.

Од таму велат дека е прибрана и релевантната документација од Министерството за труд и социјална политика и од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Скопје. Биле сослушани единаесет сведоци, а меѓу нив и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, на Геронтолошкиот завод, потоа поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето.

„По повеќемесечното интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербалните докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител цени дека во моментот не се создадени услови за финално донесување на јавнообвинителска одлука. Но, поради сериозноста на податоците до кои дојде јавниот обвинител, има потреба од натамошно проучување и испитување на сомнежите за евентуално сторено кривично дело и утврдување евентуална кривична одговорност на сторителите“, велат од Обвинителството и додаваат дека постапувањето во предметот ќе продолжи во континуитет сè до целосно утврдување на фактите.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико