Правдико

   

Обврски на старателот и постапка за негово назначување

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mkd-24767На лицето под старателство центарот за социјална работа назначува старател, доколку не одлучи должноста старател да ја врши непосредно.

За старател се поставува лице кое има лични својства и способности за вршење на должноста старател, а кое претходно ќе даде согласност да биде старател.

За старател првенствено се поставува близок роднина на лицето под старателството.

При поставување на старател, центарот за социјална работа ги зема предвид и желбите на лицето под старателство, ако тоа е во состојба да ги изрази, како и желбите на неговите блиски роднини.

Исто лице може да биде поставено за старател и за повеќе лица ако за тоа се согласи, ако тоа не е во спротивност со интересите на некое од лицата кои се ставаат под старателство и ако со тоа тие се согласат.

На лице под старателство сместено во воспитна, социјална, здравствена или друга установа или организација, како и во друго семејство или лице, центарот за социјална работа ќе му постави старател за вршење на работите на старателството што лицето, семејството или установата не ги врши во рамките на својата редовна дејност.

Центарот за социјална работа може со решение да ги ограничи овластувањата на старателот и да реши одделни работи од старателството да ги врши непосредно.

Старателот е должен во рамките на своите овластувања совесно да се грижи за личноста и за правата и интересите на лицето под старателство и совесно да управува со неговиот имот.

Старателот не може без претходно одобрение од центарот за социјална работа да презема работи кои ги минуваат рамките на редовното работење или управување со имотот на лицето под старателство.

Старателот не може да дава подароци или да прави други располагања со имотот на лицето под старателство без надомест и не може лицето под старателство да го обврзува како гарант.

Под старателство ќе се стави малолетно лице без родителска грижа

Дете без родителска грижа е дете чии родители не се живи кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеали{те повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права и должности.

Старателот на малолетно лице е должен да се грижи како родител за личноста на малолетникот, а особено за неговото здравје, воспитание, образование и оспособување за самостоен живот и работа.

Старателот може само со одобрение на центарот за социјална работа:

  • да го прекине образованието на малолетникот или да го промени видот на образованието;
  • да одлучи за изборот, вршењето или промената на занаетот на малолетникот и
  • да преземе и други мерки во поглед на личноста на малолетникот определени со закон.

Старателство над лица на кои им е одземена или ограничена деловна способност

Лицата на кои со одлука на судот делумно или целосно им е одземена деловната способност, центарот за социјална работа ги става под старателство.

Деловната спососбност е способност на лице да изрази правно релевантна волја за учество во правниот промет.

Старателот на лице на кое му е одземена или ограничена деловната способност, должен е да се грижи особено за неговата личност, права, интереси, сместување и здравје, имајќи ги предвид причините поради кои на лицето му е одземена, односно ограничена деловната способност, настојувајќи тие да бидат отстранети, а лицето да се оспособи за самостоен живот и работа.

Старателот на лице на кое му е одземена деловната способност ги има правата и должностите на старател на малолетно лице кое нема наполнето 15 години живот. Старателот на лице на кое му е ограничена деловната способност има должности и права на старател на малолетно лице кое има наполнето 15 години живот. Судот е должен веднаш да го извести центарот за социјална работа кога ќе се поведе постапка за одземање на деловната способност на лицето.

Центарот за социјална работа во постапката за одземање на деловната способност на лицето може на тоа лице да му постави привремен старател, ако најде дека е тоа потребно.

Должноста привремен старател престанува веднаш штом ќе се постави постојан старател или штом решението на судот со кое се одбива предлогот за одземање на деловната способност ќе стане правосилна.

Извор: Министерство за труд и социјална политика

Партнери на Правдико