Од Инспекторатот за труд на работа вратени 140 отпуштени работници | Правдико

Правдико

   

Од Инспекторатот за труд на работа вратени 140 отпуштени работници

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Државниот инспекторат за труд на работа вратил 140 лица што добиле отказ од работа, соопшти директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу.

Тој рече дека работодавците може да се жалат и кај второстепената комисија, а ги повика и работниците да пријавуваат доколку се прекршуваат нивните права.

„Во 28 фирми донесени се 37 решенија со кои се вратени или им е наложено на работодавците да ги вратат вработените на работа. Нивните решенија за отказ се поништени. Иако во некои случаи работодавците може да се жалат во второтстепената комисија, ова се нашите резултати по овој основ. На работа вратени се 140 вработени. Повикуваме сите работници што имаат вакви проблеми да се јават кај нас“, рече Хавзиу.

Во однос на зелените пазари, директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, посочи дека неговите инспектори констатирале оти потрошувачите и продавачите ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

„Ние вршиме надзор над одлуките на Владата. Не оценуваме кој пазар може, а кој не може да работи. Повеќето од пазарите се под управување на општините, па тамошните кризни штабови имаат преземено одредени мерки како да се однесуваат оние што вршат дејност на пазарите за да се заштитат од коронавирусот. За одлуката за пазарот во Шуто Оризари, тоа е процена на општинскиот кризен штаб. На сите пазари каде што сме вршеле контрола, односно надзор над работењето на тие пазари, се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. На сите видни места имаат одредени соопштенија, има известувања како да се однесуваат оние што тргуваат на пазарот и оние што се потрошувачи. Немаме овластувања за да оценуваме кој пазар може да работи, а кој не може да работи“, рече Пауновски.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико