Правдико

   

Одговорност за штета предизвикана врз животната средина

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

coal-plant-damage-environmentЦелта на одговорноста за штета предизвикана врз животната средина, заснована на принципот “загадувачот плаќа”, е превенција и ремедијација на целокупната штета предизвикана врз животната средина (еколошка штета),  реституција на животната средина и  воведување на мерки и практики за минимизирање на ризикот од штета врз животната средина.

Одговорноста за еколошка штета настанува заради:

1)  непосредна закана од еколошка штета или еколошка штета која настанала како последица на вршење на професионални активности,

2)  непосредна закана од штета врз заштитени видови и природни живеалишта или штета врз заштитени видови и природни живеалишта, која настанала како последица на вршење на професионалните активности, доколку штетата е настаната по вина или од небрежност на операторот.

Професионална активност е секоја активност којашто се спроведува во рамките на економската дејност, деловната активност или претпремништво, без оглед на нејзиниот приватен или општествен, профитен или непрофитен карактер.

Оператор  е секое правно или физичко лице кое врши професионална активност и/или врши активности преку инсталацијата и/или ја контролира, или лице на кое му се доверени или делегирани овластувања за донесување економски одлуки во однос на активноста или техничкото работење, вклучувајќи го и носителот на дозволата или овластување за таквата активност, односно лицето кое е задолжено да регистрира или алармира за активноста.

Еколошка штета е секоја штета причинета врз:

– заштитените видови и природните живеалишта, што има значителни неповолни влијанија врз постигнувањето и одржувањето на поволниот статус за зачуваност на овие живеалишта или видови. 

– водите, што има значителни неповолни влијанија врз еколошкиот, хемискиот и/или квантитативниот статус и/или еколошкиот потенцијал на водите, и

– почвата со нејзина контаминација, која предизвикува значителен ризик по здравјето на човекот како резултат на директна или индиректна примена на супстанции, препарати, организми или микроорганизми во, на или под почвата;

300px-Discharge_pipeОдговорен за штета предизвикана врз животната средина е операторот којшто врши професионална активност кој со вршењето на таа активност предизвикал еколошка штета, односно непосредна закана од еколошка штета.

Операторот е одговорен, доколку:

1) не ги презел потребните превентивни мерки;

2) не ги презел потребните мерки за ремедијација и

3) не го известил надлежниот орган за опасноста од еколошка штета, којашто може да настане и покрај преземените мерки или за настанатата штета.

Доколку еколошката штета сé уште не настанала, но постои непосредна закана од таква штета, операторот е должен, веднаш и без одлагање, да ги преземе сите неопходни мерки за спречување на настанувањето на еколошката штета. Доколку операторот не ја исполни обврската, превентивните мерки ги презема органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, на сметка на операторот.

Ако и покрај преземањето на мерките , операторот не ја отстранил непосредната закана од еколошка штета, тој е должен, веднаш и без одлагање, за тоа да го информира органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина. Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина носи решение со кое ќе:

1)  побара од операторот информации за каква било непосредна закана од еколошка штета или за случаите за кои постои сомневање за непосредна закана од еколошка штета,

2)  побара од операторот преземање на неопходни превентивни мерки и да му даде насоки за преземање на превентивни мерки и

3)  ги преземе неопходните превентивни мерки, или ќе определи друго правно и физичко лице кое ќе ги преземе мерките, за сметка на операторот.

Во случај на сторена еколошка штета, операторот е должен:

1)  за настанатата штета да го извести органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина,

2)  да изврши реституција на целокупната штета, во согласност со начелото “загадувачот плаќа”,

3)  да ги преземе сите неопходни мерки за контрола, задржување, отстранување или друг вид на управување со факторите кои ја предизвикуваат еколошката штета со цел да ја ограничи или спречи натамошната штета врз животната средина, негативно дејство врз животот и здравјето на човекот и загрозување на функцијата на природниот ресурс и

4)  да ги преземе сите неопходни мерки за ремедијација.

pocvaКритериумите за определување на постоење на еколошка штета

Значењето  на  која  било  штета  која  има  негативно  влијание  во  однос  на постигнувањето или на одржувањето на поволен статус на заштитеност на живеалиштата или на видовите на флора, фауна и габи треба да се процени со повикување на статусот на заштитеност што постоела во времето на настанувањето на штетата, на услугите што се обезбедуваат од поволностите кои ги создаваат живеалиштата и видовите, како и на нивниот капацитет за природна регенерација. Постоењето на значителни негативни промени на првобитната состојба треба да се утврди преку мерливи податоци какви што се:

(а) бројот на индивидуи на видовите на флора, фауна и габи, нивната густина и/или областа која е опфатена;

(б) улогата на конкретните индивидуи на видовите на флора, фауна и габи или на оштетената област во врска со видовите или со заштита на живеалиштето, реткоста на видовите или живеалиштето (проценка на локално, регионално и повисоко ниво);

(в) капацитетот на видовите на флора, фауна и габи за репродукција (во согласност со динамиката специфична за тие видови или за таа популација), нивниот капацитет или капацитетот на живеалиштето за природна регенерација (во согласност со динамиката специфична за неговите карактеристични видови или за неговата популација); и

(г) капацитетот на видовите на флора, фауна и габи или на живеалиштето да се обноват за краток период, по настанувањето на штетата, без каква било интервенција, освен со зголемени заштитни мерки и да се доведат во состојба која, само поради соодветната динамика на видовите или на живеалиштето, се смета за еквивалентна или за супериорна во однос на првобитната состојба.

Реституција на еколошка штета

Правно или физичко лице, како и здружение на граѓани формирано заради заштита на животната средина, коешто е директно загрозено или трпи последици од настанатата еколошка штета, има право пред надлежен суд од операторот да бара:

1)да изврши враќање во почетната состојба на животната средина или

2)надомест за сторена еколошка штета, во согласност со општите прописи за надоместок на штета, доколку е невозможно враќање во почетната состојба.

Република Македонија го задржува правото да бара враќање во почетната состојба на животната средина и надомест за сторена еколошка штета, доколку нема или не се јават други лица кои, согласно со одредбите од овој закон, имаат право на тоа. Ако еколошката штета е предизвикана врз добро од општ интерес за Републиката, коешто ужива посебна заштита утврдена со закон, враќање во почетна состојба, односно надоместок за сторена еколошка штета, може да бара Република Македонија или општината, градот Скопје и општините во градот Скопје на чие подрачје се наоѓа доброто.

Носителот на правото на тужба  може да бара од судот да му наложи на тужениот да обезбеди информации или да овозможи прибирање информации од изворот на загадувањето, потребни за определување на одговорноста за еколошка штета и за обемот на одговорноста.Доколку и покрај судскиот налог, тужениот не овозможи прибирање на информациите, односно не ги обезбеди потребните информации, информациите се прибавуваат по службена должност на товар на тужениот.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Право на надоместок на штета поради неоснована осуда или лишување од слобода

– Надомест на штета пред друштва за осигурување

– Кога работодавачот одговара за штета причинета спрема трети лица?

 Постапката за надомест на штета пред осигурителните компании

– Надомест на нематеријална штета

– Надомест на штета во случај на сообраќајна незгода

Партнери на Правдико