Правдико

   

Одложената либерализација – нова монополизација на пазарот на струја

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Заштита на монопол и популизам за политички цели, се кријат зад одлуката на Владата за одложување на либерализацијата на пазарот на струја, тврдат бизнисмени и експерти.

evn1

Македонските власти денеска во писмо до претседателот на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) ќе ги образложат причините за одложувањето на процесот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија, најавуваат од Министерството за економија.

Тоа ќе биде одговор на писмото што претседателот на ЕЕЗ, Јанез Копач, му го испрати на министерот за економија, Беким Незири, во кое меѓудругото, напиша:

„Шокиран сум од оваа одлука, затоа што ние воопшто не бевме информирани, и покрај партнерството кое го потпишавме со Министерството за економија и со Регулаторната комисија за енергетика во 2011 година“.

Копач најави и санкции ако овој предлог биде усвоен во Собранието. Од ресорот економија со денови молчат. Нема објаснување зошто се „казнети“ 70.000 компании кои со процесот на либерализација требаше да добијат за 30 отсто поевтина цена на струјата. Под образложение дека „сѐ ќе биде кажано во одговорот до Ковач“, Дојче веле не доби одговор од Министерството за економија на прашањето – дали одложувањето е навистина во интерес на заштита на цената на струјата што треба да ја плаќаат граѓаните, како што образложи Владата, или со тоа се штити нечиј монопол, како што се коментира во стручната јавност.

Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет на УКИМ и поранешен директор на МЕПСО, тврди дека одложувањето на процесот не е во интерес на заштита на цената што треба да ја плаќаат граѓаните.

„Граѓаните во иднина ќе плаќаат исти цени, без оглед на спроведување или одлагање на либерализацијата. Последниве месеци ова го истакнуваа и релеванти институции и лица во енергетскиот сектор – Регулаторната комисија за енергетика, снабдувачите со енергија, медиуми и владини претставници, кои ги мотивираа малите компании да се вклучат во процесот, со тврдење дека нивните сметки за струја ќе бидат помали за околу 30 отсто во однос на сегашната состојба, без притоа да се зголемат сметките за струја на граѓаните. Уште еден доказ дека одложувањето не е во интерес на заштита на граѓаните, е следниот факт: во мај оваа година се спроведе вториот чекор во либерализацијата, со кој 222 компании во Македонија, кои имаат промет од над 10 милиони евра и над 50 вработени, започнаа да купуваат струја на либерализираниот пазар. Со тоа на годишно ниво имаат заштеди од околу 14 милиони евра, без притоа да се зголемат сметките за струја на граѓаните. Конечно, по одлуката на Владата да го одложи овој процес, и ЕЕЗ во реакцијата потврдува дека либерализацијата немаше да предизвика поголеми цени за граѓаните“, објаснува Тунески.

Големите фирми купуваат на пазарот

Од Стопанската комора на Македонија (СКМ) не го коментираат одложувањето на процесот, со образложение дека најголемиот број од нивните членки веќе купуваат струја на либерализираниот пазар. Но, најавуваат дека по темелни анализи, за случајот очекуваат да се изјасни Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при СКМ. Арбен Халили, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, укажува дека одлуката за одложување на либерализацијата на енергетскиот пазарот била неочекуван потег за бизнис заедницата. Причините за неа, меѓудругото, ги лоцира во политички и популистички мотиви на власта.

„Голем број на компании кои ги исполнуваа условите за првата фаза на либерализацијата, се соочија со големи трошоци за да бидат поподготвени за новите услови. Но, убеден сум дека овој чекор бил одамна планиран, а властите чекале погоден момент за него. Тој момент е токму денот по објавувањето на извештајот од Европската Комисија за напредокот на Македонија. Ако ова одлука беше преземена порано, сигурно во извештајот ќе беше нотирано и ова прашање. Ако Владата смета дека ова е во интерес на граѓаните, ние сметаме дека не е во интерес на бизнис заедницата. Тие пресметки требало да ги направи многу порано. Убеден сум дека тоа и го знаеле од самиот почеток на процесот, па се поставува прашањето зошто воопшто го започнале. Сепак, мислам дека се работи и за нешто друго. Кога некои работи не се погодни во земјата и во рамките на владините партнери, во такви ситуации граѓаните стануват атрактивни, како гласачка машинерија. Ако во наредните месеци се планираат некои непредвидени предвремени избори, тоа е единствено оправдување за ваков потег. Владата со оваа одлука многу ја оштети бизнис заедницата, но исто така е сигурно дека со новите услови ќе се подигне цената на електрична енергија за населението“, прогнозира Халили.

Заштита на монопол

Компаниите снабдувачи со електрична енергија ги прават пресметките за претрпените штети од владината одлука. Резигнирани се од одлуката на Владата и без исклучок прстот го вперуваат во „очигледната заштита на домашниот енергетски монопол“. Во такви мотиви се сомнева и Тунески. „Со ова се штити само интересот и приватниот монопол на ЕВН, на што посочува и ЕЕЗ во својата писмена реакција. Одложувањето ги има следните негативни ефекти: Во наредните пет и пол години над 70.000 мали компании во Македонија за струјата што ја трошат ќе платат неколку десетици милиони евра повеќе, со што ќе имаат поголеми трошоци во работењето, помала конкурентност, помалку нови вработувања и поголем ризик за отпуштања. Второ, десетте компании – снабдувачи со електрична енергија имаат големи штети од одложувањето, затоа што вработија кадри, набавија софтвери и опрема, закупија струја што ја нудеа на малите компании во Македонија по цени помали за околу 30% од сегашните и спроведоа скапи медиумски кампањи за промовирање на процесот и за привлекување на потенцијалните партнери. Трето, сите граѓани во Македонија ќе имаат индиректна штета, затоа што во наредните пет и пол години над 70.000 мали компании во Македонија на ЕВН ќе и ја плаќаат за струјата неколку десетици милиони евра повеќе, со што нивните производи ќе бидат поскапи и понедостапни за граѓаните“, објаснува Тунески. Од ЕВН, и покрај ветувањето, не одговорија на прашањето на ДВ дали оваа одлука ја става компанијата во привилегирана положба.

Можни санкции

Претседателот на ЕЕЗ, веќе предупреди дека веднаш по 1-ви јануари 2015 ќе покрене постапка против Македонија за прекршување на процедурата, ако Собранието го усвои предлог законот. Во меѓувреме, предлогот доби поддршка од Собранието. Со какви последици може да се соочи Македонија? Како и за другите, така и за ова прашање ДВ не доби одговор од Министерството за економија. Според Тунески, со оглед дека почитувањето на Договорот е во интерес на Македонија, а тој е спротивен само на интересите на приватниот монопол на ЕВН, зачудува шокантната одлука на Владата за одложување на либерализацијата и непочитување на Договорот. „Овој Договор е меѓународен и Македонија ќе се соочи со негативни последици заради неговото прекршување кое се спроведе во тајност и без никакви информации и консултации со Европската енергетска заедница“, предупредува Тунески.

Халили со жалење констатира дека во моментов се поатрактивни краткорочните интереси на Владата, отколку долгорочниот економски интерес на земјата. „Сериозна власт не може да презема непромислени чекори, па пред самиот финиш да се предомислува и да ги враќа работите на почеток. Македонија сигурно ќе се соочи со бран од нови барања за исполнување кон ЕУ, за кои ќе требаат и дополнителни години, а дотогаш оваа одлука ќе не прикажува како несериозна земја“, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија. Со измените се предвидува процесот на либерализацијата на енергетскиот пазар да започне на 1 јули 2016 година за корисниците со потрошувачка на над 1.000 мегават часови годишно, на 1 јули 2017 за потрошувачите на над 500 мегават часови, а на 1 јули 2018 за потрошувачите нанад 100 мегават часови. По пет години, на 1 јули 2019 ќе се вклучат потрошувачите на над 25 мегават часови годишно, а на 1 јули 2020 година – сите други потрошувачи и над 600.000 домаќинства. Но, многу побрзо од тоа, веќе на 2 јануари 2015, ЕЕЗ може да ја стави земјата под „висок напон“.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико