Одложено рочиштето за општина Центар, Јанева и Фетаи казнети со по 2.000 евра
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судијката Татјана Михајлова го прекина денешното судско рочиште за нарачување и извршување на насилствата во општина Центар, откако обвинителките од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи ги казни со по 2.000 евра поради „елементарно непочитување на судот“.
Фетаи на почетокот побара збор, судијката не и даде, но таа сепак стана да зборува.
– Не сум дојдена судијке да ве видам колку сте убава. Вие во записникот од претходното рочиште сте направиле интелектуален фалсификат. Ја бараме аудиовизуелната снимка за да покренем кривична постапка против вас, оти вие во записникот од 16.12.2016 невистинито имате наведено дека јавноста е исклучена од судницата единствено во делот кога се слушаат снимките од прислушуваните разговори, а всушност новинарите беа истерани и кога јас како обвинител на СЈО се произнесов за моите аргументи за употребливоста на бомбите како доказ. Ќе ги викнам новинарите како сведоци во кривичната постапка што ќе биде покрената против вас – кажа Фетаи, по што судијката ја казни со илјада евра.
По ова, реагираше и Јанева.
– Вие не знаете да водите записник. Треба да се срамите што го носите звањето судија и в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1“ – потенцира Јанева, по што судијката и нејзе ја казни со илјада евра.
Потоа, обвинија дека Михајлова направила фалсификат со записникот од претходното рочиште, што е кривично дело, па заработија уште по една казна од 1.000 евра.
Судијката го прекина судењето велејќи дека нема услови за одржување на процес и наложи во записник да влезе дека целокупниот материјал од денешното рочиште со сите списи да се достават до Советот на јавни обвинители, како според неа, надлежен врз СЈО. На ова Фетаи реагираше дека Советот не е надлежен за СЈО.
За обвинетиот Никола Груевски и неговиот адвокат, Никола Додевски, денешното рочиште повеќе наликувало на циркуз отколку на вистинско судење. Додевски рече дека има впечаток како специјалните обвинителки да сакале да ја саботираат работата на Судот.
Меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески и 12 други лица. Според обвинението, мотивите на првообвинетиот за попречување на седницата на Советот, на која на дневен ред биле урбанистичките планови за Мал ринг, биле чисто лукративни заради опстојување на бизнис-интересите на партискиот врв и за интересите на нивните блиски бизнис-партнери.
На претходната расправа, која се одржа на 16 декември, судијката ги одби „бомбите“ како доказ со образложение дека со нив се кршеле човековите права. СЈО на трети месецов ја обжали оваа одлука пред Апелација, но се уште нема одлука за жалбата.
Новото рочиште е закажано за 10 март.
Извор: Нова Македонија