Одложено судењето против Заев за „Поткуп“, одбраната ги бара доказите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судењето против лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Поткуп“ е одложено за четврти мај. Одбраната се жали дека се уште ги нема добиено доказите од обвинителството.
Адвокатот Филип Медарски рече дека досега направиле само увид во доказите, но не добиле и копии од нив, кои, како што рече, им се потребни за да ја подготват одбраната.
Јавниот обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски, пак, рече дека по покренување на обвинението ги доставил доказите во судот.
Судијката Дијана Груевска Илиевска го задолжи Обвинителството да ги достави доказите со цел адвокатите да можат да подготват одбрана и на следното рочиште да биде изнесен обвинителниот акт и воведните обраќање на Заев и на адвокатите. За Заев спорно е тоа што при увидот што го имаат направено, по завршување на истражната постапка, не им била дадена на увид наредбата за спроведување на посебни истражни мерки, што според него, е клучно со цел да се утврди дали тој бил следен надвор од законската рамка.
– Денеска сме овде за да ја докажеме нашата невиност во случајот „Поткуп“. Побаравме согласно законот, нашето право да ни биде овозможено да добиеме докази на коишто Јавното обвинителство го темели своето обвинение против мене за поткуп. Тоа право судот го прифати, ќе ни биде овозможено да добиеме препис или копија од доказите на основа на коишто се цитирани на самиот составен дел на обвинението, за да можеме да влеземе со воведни зборови на 4 мај во 10 часот кога ќе почне судското рочиште со воведни зборови на нас како одбрана и на обвинителството – изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
На новинарско прашање за причината зашто биле побарани и наредби за посебни истажни мерки и што е спорно со нив, Заев одговори дека ги барале уште од самиот момент на предистражна и истражна постапка, на донесување на обвинителен акт.
– Како што гледате до денеска не можеме да добиеме препис од наредбите за да можеме да ја видиме законитонста на начините на постапката на обезбедување на посебните истражни мерки и моето телефонско слушање на двата телефонски броеви. Во другите случаи, на пример во „Пуч“ тоа ни беше овозможено. Тоа е право на одбраната да има свој увид. Во овој случај тоа не е овозможено, ние искрено се сомневаме во незаконитоста на постапката, на обезбедувањето на посебните истражни мерки имајќи во предвид дека државното јавно обвинителство токму овие прислушкувани разговори си ги разгледува секојдневно, си создава нови предмети, си шири нови истраги, си отвора нови предистражни постапки, сосема различни од оваа. Сето ова ни индицира сериозно сомневање за законитоста во постапката на посебните истражни мерки коишто се составен дел од самото темелење на докази за обвинението, каде што се работи точно за следење на моите телефонски разговори – одговори Заев.
Првото рочиште за случајот „Поткуп“ беше закажано за 25 јануари минатата година, а оттогаш имаше повеќе одложувања за старт на процесот поради, како што тврдеше одбраната, службени обврски на Заев.
Според Обвинителството, Заев во својство на градоначалник на Општина Струмица од струмичкиот бизнисмен Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по две евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.
Половина од парите, како што стои во обвинението, требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Извор: Нова Македонија