Односи и соработка на различните нивоа во Скопје, Белград и Загреб (град-општина, град-жупанија)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Односи и соработка на Градот Скопје и општините во Градот Скопје
Од самата природа на организирањето на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје може да се увиди дека за да би функционирале подобро и поефикасно неопходно е да имаат воспоставено односи на меѓусебна соработка. Така, во вршењето на работите од својата надлежност Градот Скопје и општините во Градот Скопје остваруваат меѓусебна соработка преку: размена на материјали од своја надклежност заради меѓусебно информирање или давање согласност; иницијатива на акти и мерки за уредување на работи од заеднички интерес за градот; преземање на заеднички акции и мерки за решавање и вршење на работи од своја надлежност и давање стручна помош во извршување на закони и други прописи.
За остварување на меѓусебна соработка на градоначалникот на Градот Скопје и градоначалниците на општините во Градот Скопје се основа Координативно тело на градоначалниците кое го сочинуваат вкупно 11 градоначалници (градоначалникот на Градот Скопје и градоначалниците на опшинити во Градот Скопје). Со ова тело раководи градоначалникот на Градот Скопје.
Надлежностите на ова Координативно тело се следниве:
- разгледува и дава препораки за прашања од заеднички интерес за Градот Скопје и општините во Градот Скопје во насока на одржлив и хармоничен развој;
- ги усогласува стратегиите и плановите кои влијаат врз развојот на градот како единствена просторна и функционална целина;
- задолжително ги усогласува ставовите во врска со деталните и генералниот урбанистички план, планови за јавниот превоз, техничките инфраструктурни планови, администрирањето и напала на сопствените приходи, приходните и расходните потреби на градот и општините; и
- донесува деловник за својата работа.
Координативното тело одржува седница најмалку еднаш во месецот. Седниците се подготвуваат и организираат од страна на администрацијата на Градот Скопје.
За меѓусебна соработка на општините во поново време донесен е и посебен Закон за меѓуопштинска соработка кој има токму за цел остварување на подобра поврзаност на општините. Но сепак, од причина што никаде не е назначено дека исиот ќе се применува и на односот помеѓу Градот Скопје и општините во Градот Скопје, сметаме дека во оваа конкретна насока, за жал, овој закон, таков каков што е досега, не може да најде своја примена. А наше мислење е дека треба да се размислува за негово изменување на тој начин што би го опфатил и овој „заборавен“ сегмент на специфична соработка.
2. Меѓусебни односи помеѓу органите на Градот Белград и органите на градските општини
Односите на органите на Градот Белград и градските општини, како и меѓусебните односи на органите на градските општини се засноваат на соработка и договарање.
Во вршењето на работите на градот органите на градот: ги известуваат органите и службите на градските општини, по сопствена иницијатива или по нивно барање, за прашања од непосреден интерес за остварување на локалната самоуправа во градот и обезбедуваат учество на органите на градските општини во подготовка на прописите од значење за градската општина; исто така пружаат стручна помош на органите на градската општина во вршењето на нивните работи; како и бараат извештаи, податоци и известувања за вршењето на работите во градската општина.
Органите на градската општина, во вршење на своите надлежности: покренуваат иницијатива до органите на градот за уредување, донесување или измена на прописите од надлежност на градот; бараат мислење од надлежниот орган на градот во врска со примената на прописите и другите општи акти на градот; учествуваат во подготовка на прописите на градот чија содржина е од посебно значење за остварувањето на правата и обврските на градската општина и врши и други работи во склад со Статутот на Град Белград и другите прописи.
Органите на градот вршат надзор над работата и над актите на органите на градската општина во вршење на работите на градот кои и се пренесени на градската општина.
Во случај кога органите на градската општина не ги вршат работите подолго од месец дена тогаш соодветниот орган на градот ги опоменува и им дава рок од плус месец дена кој доколку не го испочитуваат следи прекинување на финансиските средства за обавување на тие работи.
Кога пак Собранието на градот ќе оцени дека статутот на градската општина не е во согласност со Статутот на градот, ќе му укаже на собранието на градската општина во одреден рок да го усогласи статут, а доколку тој рок нема да се испочитува, тогаш Собранието на градот покренува постапка пред Уставниот суд за оцена на законитоста на статутот на градската општина и ќе бара запирање на извршувањето на актите донесени врз основа на неусогласениот статут.
Слична е процедурата и во случај на неусогласеност на општ акт донесен од орган на градската општина со прописите на градот. Тогаш на органот што го донел тој акт му се дава рок од еден месец да го усогласи актот или да го стави вон сила, па доколку тој рок не се испочитува, Собранието на градот, на предлог на градоначлникот, со решение ќе го запре извршувањето на актот и тоа решение се објавува во „Службен лист на Градот Белград“ и истовремено се покренува постапка пред Уставниот суд за оцена на законитоста на тој акт.
Исто така, кога и Градската управа смета дека општ акт на орган на градската општина не е во согласност со Уставот и законот должна е да иницира постапка за оценување на уставноста и законитоста на тој акт пред Уставниот суд.
Ситуацијата кај неусогласеноста на поединечените акти на органите на градската општина е следна: доколку таков поединечен акт не е во согласност со Статутот на градот и другите општи акти, градоначалникот на предлог на Градската управа ќе му предложи на собранието на градската општина тој акт да го укине или поништи, Ако во рок од еден месец не постапи на следниов начин, тогаш на предлог на градоначалникот Собранието на градот ќе го укине или поништи тој акт.
Постојат и одредби кои ја регулираат обратната ситуација – кога орган на градот не ги врши работите од својот делокруг какво е постапувањето на органите на градската општина. Така, кога ќе настапи наведената ситуација тогаш собранието на градската општина може да побара од надлежниот орган на градот да постапува во согласност со Статутот на градот, а ако и по предупредувањето подолго од месец дена органот на градот не реагира, собранието на градската општина може да побара од Владата на Република Србија да превземе мерки во склад со законот.
Однос на Град Загреб и Загребскиот округ (регион, жупанија)
Градот Загреб и Загребскиот округ меѓусебно соработуваат заради решавање на прашања од меѓусебен интерес. Целите, условите и облиците на соработка како и меѓусебните права и обврски во решавањето на прашања од заеднички интерес се определуваат со договор помеѓу Градот Загреб и Загребскиот округ во согласност со Законот за локална и подрачна самоуправа.
Заради решавање на прашањата од заеднички интерес, Градското собрание на Градот Загреб и Собранието на Загребскиот округ основаат заеднички совет кој го сочинуваат градоначалникот на градот и жупанот на Загребскиот округ, како и по двајца членови од обете единици кои ги бира Градското собрание н Собранието на Загребскиот округ од редот на своите членови. Со советот претседаваат наизменично по три месеци градоначалникот и жупанот.
Собранието односно поглаварството на Градот Загреб и Загребскиот округ му доверуваат на Советот решавање на одредени прашања од својот делокруг ако оценат дека тие се од заеднички интерес за двете страни. Одлука се донесува со апсолутно мнозинство гласови при што таа е задолжителна како за Градот Загреб така и за Загребскиот округ.
продолжува….
Автор: М-р Мирослав Драганов
–ПРАВДИКО–
Следно: Финансирање на главните градови на Македонија, Србија и Хрватска
М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.