Правдико

   

Односите на извршителите со јавноста и судската заштита на странките во постапката

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор: М-р Леонида Џумеркоска
Извор: Правен дијалог бр. 17 – март 2018

Во различни периоди постоела различна организација на извршителската дејност во Република Македонија во зависност од политичките и општествените уредувања на правниот систем во државата. До донесувањето на новиот Закон за извршување во мај 2005 година извршувањето беше уредено на сосема поинаков начин со Законот за извршната постапка од 1997 година (ЗИП).

 

ЗИП во суштина беше преземен од поранешниот Сојузен закон за извршната постапка. Реалноста беше очигледна, ЗИП беше кочница за ефикасна извршна постапка, големиот број правни средства и долгите рокови ја правеа извршната постапка многу бавна и неефикасна. Извршувањето на судските одлуки беше мало, скоро симболично. Што доведе само до континуирано натрупување на извршните предмети во судските архиви, во кои се насобра огромен број од над 460 илјади нерешени извршни предмети. Спроведувањето на судската постапка и постапката за извршување во разумен рок беше суштински неприменета одредба. Во Европскиот суд за човекови права 68% од предметите од РМ се однесуваа на парничната и извршната постапка, а од изречените пресуди 77% беа поради повреда на правото за правично судење во разумен рок.[1] Долготрајноста и неефикасноста на постапката за извршување е од значително влијание на правната сигурност, како темелна основа за остварување на правата и слободите на граѓаните. Гледајќи го сето тоа изнаоѓањето на поефикасен и поефективен начин за спроведување на извршната постапка беше неминовно.

Во Република Македонија, тргнувајќи од објективните состојби и меѓународните стандарди, на 26ти Мај 2005 година беше донесен Законот за извршување (ЗИ), кој отпочна да се применува една година по неговото влегување во сила. Со новиот ЗИ извршувањето премина од надлежност на судот кај приватните извршители. Државата со законот им довери вршење на јавни овластувања на приватните извршители. Тоа беше крупен чекор за обезбедување на поголема ефикасност во извршувањето, а истовремено тоа значеше и растоварување на судовите од овие работи, за кои се отцени дека можат поефикасно да се извршуваат од приватните извршители. Извршителот е должен спроведувањето на извршувањето да го врши совесно, чесно и непристрасно во согласност со уставот и законите и да ги штити интересите на странките во постапката. Новиот систем на извршување кој се покажа како доста успешен во наредниот период се надоградуваше со нови решенија и нови овластувања на извршителите.

Според член 11 став 1 точка 6 од ЗИ, извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон. Извршителот е должен спроведувањето на извршните дејствија да го врши совесно, чесно и непристрасно, во согласност со Уставот и законите и да ги штити интересите на странките. Делуваќи како правен застапник на локално ниво извршителот е блиску до граѓаните, бидејќи извршителските канцеларии се наоѓаат по градовите и се отворени за граѓаните. Извршителите можат да се сметаат за партнери на страните во постапката кои се вклучени во изнаоѓање на присилно или доброволно решение за решавање на нивните споорови. Извршителот постапува исклучово согласно закон и како неутрална страна изнаоѓајќи решенија за спроведување на извршната исправа.

Oдносите со јавноста се суштински елемент во управувањето на секоја извршителска канцеларија, како и на Комората на извршители. Постојаната двонасочна комуникација со граѓаните, бизнис – заедницата, медиумите и другите засегнати јавности, истовремено претставува и обврска и предизвик за секој извршител. Само со навремено, вистинито и отворено информирање и запознавање на граѓаните за работата на извршителите, може да се очекува нивна доверба, поддршка, но и нивно активно учество во процесот на креирање на подобар и поефикасен систем на извршување.

Често граѓаните се неинформирани, недоволно правно заштитени и упатени во постапките на донесување на извршните исправи. И кога таквата извршна исправа е донесена тие се соочуваат со извршителот. Извршителот, дури и во извршната фаза на пресудата, е тука за да даде совет, да информира и да објасни.

Извршувањето на судска одлука која гласи на исполнување на одредена обврска, на нотарска или друга извршна исправа и на одлука донесена од управен орган која гласи на исполнување на парично побарување е несомнено доста сложена и многу одговорна работа. Со извршувањето се остваруваат целите на постапката, а круна на секоја постапка е извршување на донесената одлука, независно од тоа дали се работи за судска или управна постапка или се работи за извршување на нотарска исправа.

Извршителот не врши приватна работа, туку одговорна службена работа во угледна јавна служба. Заради обезбедување на законитоста на извршувањето покрај дисциплинската одговорност на извршителот за повреда на правилата за извршување со законот за извршување се обезбедува и судска заштита против неправилности при спроведување на извршувањето.

Законот за извршување обезбедува заштита на странките, учесниците во постапката за извршување и нивните семејства, и тоа го прави во членот 5, став 1 каде се вели Извршуањето заради остварување на парично побарување не може да се спреоведe врз предмети или врз права кои се нужно непходни за задоволување на основните животни потреби на должникот и на лицата кои тој според закон е должен да ги издржува, или за вршење на самостојна дејност која е должников главен извор на средствата за живот. Оваа одредба е израз на начелото на социјалното постапување, со цел да се спречи економското пропаѓање на должникот, како и да се заштити достоинството на личноста на должникот- физичко лице.

Во ставот 2 од член 5 се вели „При спроведување на извршувањето извршителот е должен да води сметка за достоинството на личноста на странките, учесниците во постапката на извршување и нивните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот.“ Одредбата од став 2 го изразува начелото за заштита на достоинството на личноста на странките и на другите учесници во постапката на извршувањето и на нивните семејства, при што однесувањето на извршителот треба да се заснова на фер постапување, хуманост и приватност. Во една од препораките на Советот на Европа е изречно дека во текот на извршувањето треба да постои соодветна атмосфера меѓу интересите на доверителот и на должникот, имајќи ги особено предвид одредбите на членовите 6 и 8 од ЕКЧП, а ако е тоа можно, треба да се земат предвид и интересите на третите лица. Исто така, обидите да се спроведе извршувањето треба да се пропорционални со барањето, со очекуваните средства кои треба да се наплатат, како и со интересите на должникот.

Уредувањето на извршувањето во државата секако треба да поаѓа од тоа да се оствари и одредбата од член 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) (објавена во сл.весник на РМ, МД бр.11/1997), во кој член меѓудругото е наведено дека секој при определување на неговите граѓански права и обрски или кога е кривично гонет, има право на правично јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен трибунал основан со закон. Во еден случај Европскиот суд за човекови права (Хорниб против Грција) изрекол дека извршувањето на пресуда донесена од било кој суд мора да се смета за составен дел од судењето во смисла на член 6 од ЕКЧП. Се смета дека правото на пристап до суд ќе биде илузорно ако домашниот правен систем на државата контрактор дозволува правосилна судска одлука да стане неизвршлива на штета на едната страна.[2]

Народниот правобранител, во неговите извештаи оценува дека се подобрува заштитата на фундаменталните човекови права, како и неговата комуникација со извршителите, но истакнува дека граѓаните сè уште имаат проблеми со банките и со блокираните сметки.

Во нашиот систем има голем број права, особено во делот на социјалата, кои извршителите не смеат, во согласност со законот, да ги зафаќаат. Понекогаш, од незнаење или од други причини, се случуваше извршителите да посегнат по правата на граѓаните. Но тука е судската заштита во постапката за извршување која представува гаранција извршувањето да се спроведе согласно правилата за извршување. Во ЗИ се предвидени два вида на судска заштита:

  1. можноста да се поднесе приговор против неправилности при извршувањето или
  2. да се поднесе тужба против заклучокот за продажба на недвижност или за преземање на други извршни дејствија, за кои изречно со закон е предвидено правото за поднесување на тужба.

Неправилностите што може да ги стори извршителот при спроведување на извршувањето можат да се однесуваат на обемот на извршувањето, на неводење сметка за заштита на должникот, на итноста и редоследот на постапувањето, на обемот на пописот на предметите и имотот, на времето на извршувањето кое по правило се спроведува секој ден од 06 до 21 часот, на постапување на извршителот во текот на извршувањето, на пресметување за утврдување на висината на долгот итн. Со овој приговор може да се послужат странките, а и учесниците во извршувањето.[3] Во член 86 од ЗИ се предвидува  дека странката, учесникот или трето лице кое што смета дека при извршувањето се сторени неправилност може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број на примероци, се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното, односно непревземеното дејствие. Приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување. Приговорот веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по приемот на приговорот до судот се доставува на одговор, до извршителот, кој е должен во рок од 24 часа да се произнесе по приговорот. Со Законот е обезбедена двостепеност при одлучувањето на судот по приговорот, со тоа што се предвидува можност против одлуката на председателот на судот по приговорот да се поднесе жалба до Апелационот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето.

Приговорот против неправилности при извршувањето е моќно правно средство на располагање на странките и други лица кои учевствуваат во извршувањто, за заштита од неправилности при истото.

Користена литература:

  1. Закон за извршување, Службен весник на РМ бр.72, април 2016
  2. Закон за извршување со коментар и судска пракса, Проф.д-р Кирил Чавдар, доцент д-р Кимо Чавдар, Скопје 2011
  3. Судска заштита во извршувањет. Анализа и коментар на судска практика, Михајло Маневски, Скопје 2015 година
  4. Меѓународен кодекс за извршување

Партнери на Правдико