Постапка за издавање Одобрение за адаптација со пренамена
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Објектот се употребува согласно со неговата намена. Општината издава Одобрение за адаптација со пренамена на објект што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија за нивно користење како деловен простор. За добивање на одобрение за адаптација со пренамена барателот до општината поднесува:
Барање, читливо пополнето (најчесто се добива готов образец/формулар во писарницата-архивата на општината).
Во прилог на барањето барателот поднесува и:
• Доказ за право на сопственост на стан кој се пренаменува,
• Согласност на мнозинството сопственици на посебните функционални делови од заедничкиот објект што претставува функционална и градежна целина (нотарски заверена).
• Согласност од сите сопственици без исклучок, доколку се пренаменува просторија што им припаѓа на сите – заедничка просторија (нотарски заверена).
• Основен проект за предвидената адаптација и пренамена на просторот, во 4 примероци, изработен од овластен проектант во проектантско биро или друштво.
• Ревизија на основниот проект во случаи кога со адаптацијата се врши реконструкција на носивите елементи на објектот (ја изработува овластен проектант во проектантско биро или друштво различно од изработувачот на основниот проект).
• Доказ за уплатени административни такси – уплатница (информациите за жиро-сметката, назнаката на уплатницата и висината на средствата кои треба да се уплатат ги дава општината).
• Доказ за регулиран надомест за уредување на градежно земјиште.
Барањето во општината го прима службеникот во писарницата и го заведува во деловодник. Тој става штембил на барањето со назив на општината, кој го пополнува со:
– датумот на приемот на барањето,
– бројот на организационата единица до која е упатено барањето,
– бројот на барањето од деловодната книга кроз (/) 1 и
– бројот на прилозите во склоп на барањето.
При приемот на барањето, службеникот во писарницата на копијата од барањето става штембил со истите податоци како и на барањето, како доказ за поднесено барање за подносителот на барањето. Примените и заведени барања ги вметнува во кошулка на која ги впишува елементите од заверката на барањето. Од писарницата на општината ги подига лицето одговорно за прием и заведување на барањата во организационата единица надлежна за нивно решавање и ги евидентира во книгата за евиденција на предмети на организационата единица. По нивното евидентирање, ги доставува до раководителот на организационата единица кој ги насочува барањата до одговорните службеници кои понатаму ќе ја водат управната постапка по барањата до нејзино окончување.
Лицето одговорно за прием и заведување на барањата во организационата единица ги доставува барањата, доделени од страна на раководителот на организационата единица, до одговорниот службеник кој го прима барањето. Приемот го оверува со потпис и датум на приемот, во книгата за евиденција на барањата на организационата единица на која и припаѓа.
Обрнува особено внимание на идентичноста на податоците од заверката на приемот на барањето со реалната содржината на предметот кој му се доставува. Води сопствена евиденција на примените барања во интерен деловодник, во кој, покрај редниот број на барањето кое го прима во тековната година, ги впишува и податоците од штембилот на барањето, генералиите на барателот, адресата на која живее барателот, контакт телефон ако е даден и суштината на самото барање (прекучитање на самото формулар-барање).
Ако ја разбрал суштината на барањето, пристапува кон преглед на потребните прилози доставени во склоп на барањето. До окончување на управната постапка по барањето врши консултација со раководителот на организационата единица за сите прашања за кои му е потребна асистенција.
Контактира со барателот во врска со отстранување на воочените недостатоци во прилозите на барањето, преку писмена кореспонденција, врз принципите на управната постапка, со дописи и повратница преку општинската писарница или во директни контакти, при што составува записник во кој се потпишува и барателот. Пишаните докази за причините за траењето на постапката, во смисла на комплетирањето на барањето, се во директна врска со роковите дадени од законодавецот за дозволеното времетраење на периодот за одлучување по комплетно барање, пропишано со закон.
Одговорниот службеник што ја води постапката по барањето, со допис го информира барателот за времето на вршење на увид во објектот што е предмет на адаптацијата во присуство на cопственикот, и за тоа составува записник. Ако се исполнети сите услови пропишани од страна на законодавецот, одговорниот службеник го доставува парафираниот основен проект за адаптација и пренамена до раководителот на организационата единица, кој го заверува со потпис и печат.
По заверката на основниот проект, одговорното лице што ја води постапката по барањето, со допис го упатува барателот до органите на општината, надлежни за утврдување на надоместот за уредување на градежно земјиште, во случај на пренамена на просторот предмет на адаптацијата. Откако барателот ќе достави доказ за регулиран надомест за уредување на градежно земјиште, одговорниот службеник изготвува одобрение за адаптација со пренамена. Рокот за издавање на одобрение за адаптација со пренамена е 15 дена од денот на комплетирање на барањето.
Одобрението за адаптација со пренамена барателот го подига од општината, на повик на одговорниот службеник, при што го нотира подигањето на актот со потврда на идентификација, датум и потпис. По истекот на периодот предвиден за поднесување на жалба, носителот на одобрението за адаптација со пренамена го доставува за заверка на извршноста на актот во управна постапка до одговорниот службеник, кој го доставува актот до овластеното лице кое врши заверка и му го враќа на подносителот. По истекот на постапката, одговорното лице го архивира предметот врз основа на постапки пропишани со закон.
–ПРАВДИКО–