Одржан семинар на тема „Користење на унифицирана судска пракса“
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Меѓународните документи го наметнуваат императивот судиите да ги пишуваат одлуките на јасен и разбирлив начин и тие да бидат квалитетно и правно аргументирани и образложени. Ова го истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска денеска на отворањето на дводневниот семинар за „Користење на унифицирана судска пракса“.
Последните извешти на Европската комисија, како што рече, укажуваат на потреба домашните судии во своите одлуки при аргуменатцијата да ги користат стандардите и принципите воспоставени со праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), чии одлуки, веќе со повеќе закони, судиите имаат обврска директно да ги применуваат при одлучувањето.
Академијата, како што додаде Арнаудовска, константно организира обуки за техники на пишување и правно аргументирање на судските одлуки во кривичната и граѓанската материја, одржува обуки во однос на праксата на ЕСЧП и за начинот на користење на електронските бази на тие одлуки константно преведува и издава публикации на одлуки на ЕСЧП.
Планирано е, додаде Арнаудовска, да се организира и обука за обучувачи и да се изработи прирачник за методологијата кој ќе им помогне на судиите како полесно да реферираат делови од пресуди, да се направи таксономија на аргументите кои ги користи ЕСЧП.
Министерот за правда Аднан Јашари, меѓу другото, истакна дека преку унификација на судската пракса ќе се стигне до целта – судските одлуки во иднина да бидат исти кога се работи за исти, односно слични дела кои се изрекуваат во исти или пак слични околности.
Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет посочи дека владеењето на правото е многу важно за демократскиот развој на кое било општество и на нивниот просперитет и развој.
– Владеењето на правото е камен темелник на една функционална демократија. Значи, судството кое што влева доверба кај луѓето е всушност ’рбетот на општеството во кое расте демократијата, рече амбасадорот Гарет.
Додаде дека во Македонија, како и во многу други земји, постои широка дебата за улогата на судството и за капацитетите на судството да ја врши својата работа во најдобар интерес на луѓето.
– Сите овие прашања во дебата и нивоата на дебатата варираат од земја во земја, но принципите врз кои дебатираме остануваат исти. Значи, зборуваме за еднаквост, за пристап до правдата, за почит на човековите права, истакна Гарет и додаде дека луѓето го гледаат судството како гаранција за демократијата и во него бараат сојузник.
Семинарот е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и Судскиот колеџ од Лондон, а со поддршка од Британската амбасада во Република Македонија.
Во рамките на семинарот ќе се одржат два одделни настани на кои ќе учествуваат судии одговорни за судската пракса во Македонија кои воедно ја следат и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и претставници на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
Излагања поврзани со темата на семинарот ќе имаат судиите од Судскиот колеџ од Лондон, Џоана Корнер и Марк Оклтон.
Извор: Академија за судии и јавни обвинители/МИА