Ограбувачот имал тројца помагачи - брат, пријател и уште една вработена | Правдико

Правдико

   

Ограбувачот имал тројца помагачи – брат, пријател и уште една вработена

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Првоосомничениот Б.С. за грабежот во НЛБ Тутнска банка имал тројца помагачи, утврдила истрагата на Единицата за економски и компјутерски криминал Министерството за внатрешни работи. МВР испратило писмено известување до Основното јавно обвинителство за 43-годишниот Г.С., брат на првопријавениот, за 24-годишната Е.П., вработена како банкарски комерцијалист во банката и за 38-годишниот Б.М., пријател на Б.С. За овие лица, сите од Скопје, постојат основи на соменние дека извршиле кривично дело „затајување“, односно „помагање“, со што на првоосомничениот му помогнале да присвои 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра.

МВР изнесе повеќе детали за случајот.

На 4 април, околу 17 часот, Б.С. Дошол на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. и се информирал за курсот на еврата и за швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога да ја изврши конверзијата. По половина час, Б.С. заедно со брат му Г.С. пристапиле кон шалтерот, при што Г.С. на Е.П. ѝ предадел 95.000 евра заедно со негова лична карта, за да изврши конверзија во швајцарски франци преку неговата трансакциска сметка.

Откако вработената ја направила нарачката со електронски налог до трезорот, Б.С. ѝ кажал дека парите (100.000 швајцарски франци) тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Г.С. ги потпишал сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95-те илјади евра во благајна, по што по завршување на смената, заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту, пак, имала вишок парични средства.

Од увидот во снимките од видеонадзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е и неговиот брат, пријавениот Б.С. од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак Е.П. му исплаќа пари на Г.С. (наводните 100.000 швајцарски франци) за да се заврши конверзијата. На овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот кој го направил Б.С. Тоа е првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци.

Понатаму, на 7 април година во попладневните часови, додека Е.П. била на смена, повторно постапувајки по упатства на Б.С., преку системот на достава од трезорот, кога тој бил на смена, примила парични средства во апоени од по 500 и 100 евра, вкупно 375.000 евра, за кои таа без да подготви каков било банкарски документ за потреба од вакви парични средства во благајната и без да биде изготвен документ за исплаќање на парите од трезорот, на рака му ги предала на Б.С., по што тој овие парични средства ги присвоил за себе и се оддалечил од екпозитурата на банката.

На 10 април Б.С. украл уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, овие пари ги ставил во украсна кеса околу 13 часот и незабележен од никого ја напуштил банката. Ќесата со парите му ја предал на неговиот брат Г.С., кој пак му ги предал на третопријавениот Б.М. Наредниот ден по 14 часот на ГП „Табановце“ кон Србија, со моторно возило „фолксваген голф“ Б.М. ја напуштил територијата на Македонија. Во текот на вчерашниот ден Б.М. бил приведен и изведен пред судија на претходна постапка.

Единицата за економски и компјутерски криминал во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје и понатаму презема мерки за целосно расветлување на грабежот, односно за утврдување на кој начин од банката Б.С. изнел уште 300.000 швајцарски франци.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико