Охрид незаконски исплаќал отштети за земјотресите, случајот заврши во МВР
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Општина Охрид по земјотресите во 2017 година, одобрила исплаќање пари за отштета на четири лица, иако барања биле поднесени од двајца. Најдени се голем број нерегуларности и покрената е дисциплинска постапка против лице од општината вмешано во овој процес, дознава „Макфакс“. Во општина Охрид се проверува дали има и други фалсификувани документи за отштети од земјотресите. Пари како отштети биле исплаќани и на лица кои не ги исполнувале условите од јавниот повик и чии барања не биле комплетирани.
Нашите извори тврдат дека граѓаните аплицирале за општината да им ги надомести парите по претходно објавен јавен оглас, но немало никаков пишан документ за критериумите според кои барањата се одобрувале или одбивале.
Покојниот градоначалник Јован Стојаноски еден ден пред смртта формирал комисија со задача да се изврши проверка на извршените исплати за штети од земјотресите. Членовите донеле заклучок дека претседателот на комисијата, Радован Велјановски, криел дел од документацијата. Четири дена по Нова година се формирала и дисциплинска комисија, која вчера одлучила дека службеникот Велјаноски ќе биде суспендиран од работа.
Но, ова е само дел од повеќето случаи со нерегуларности.
Исплата била направена и на вработен во Кабинетот на градоначалникот, Илија Пиперкоски, иако тој не е сопственик на имотот каде што имало штети од земјотресите. Во јавниот повик наведено е дека сопственикот на имотот треба да приложи трансакциска сметка заедно со имотен лист. Но, парите, наместо на сметка на мајката на Пиперковски, која го поднела барањето и која е сопственик на имотот, легнале на негова сметка. Службеникот Пиперовски вели за „Макфакс“ дека според него сѐ е регуларно и додава „Јас сум наследник на имотот, иако таа го поднела барањето. Јас живеам на таа адреса“.
Бидејќи постојат индиции за сторен поголем криминал при исплатите, целата документација за исплатите на средствата ќе ги испитува СВР Охрид и истата ќе биде предадена следниве денови, велат извори за „Макфакс“.
Полицијата сега ќе треба да испитува дали постои комплетна и уредна документација, дали врз основа на изготвениот извештај за констатираната фактичка состојба, елаборат и фотографии е направена реална проценка на настанатите материјални штети. Исто така, ќе се проверува дали начинот на исплата на финансиските средства е во согласност со позитивните законски прописи.
„СВР Охрид презема мерки и активности, односно врши проверки околу тоа дали има нерегуларности поврзани со доделување средства од Општина Охрид за отштета од земјотресите во јули 2017 година. Доколку се утврди кршење на законите, ќе биде поднесена соодветна пријава“.
Засега, исплатата е стопирана за случајот каде четири лица зеле општински пари со две поднесени барања. Но, неизвесно е и дали ќе продолжи исплатата кон останатите лица кои имаат одобрени барања за отштети, во време кога СВР Охрид ќе ја проверува документацијата.
Извор: Макфакс