Околу 2.000 осуденици бараат амнестија од претседателот Иванов | Правдико

Правдико

   

Околу 2.000 осуденици бараат амнестија од претседателот Иванов

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Од вкупно 3.156 осуденици петиции со кои се бара амнестија досега потпишале 1.803 лица, но има најави за амнестија од осудени лица од затворите во Битола, Велес и Струмица.

BB605FFB1394794A94925E67E8A22D46

Одлуката за аболиција што ја донесе претседателот на државата, а која се однесува на високи државни функционери и нивни блиски соработници, беше повод 1.803 осудени лица од Машкиот и Женскиот оддел на затворот „Идризово“, но и на казнено-поправната установа во Штип да побараат делумно ослободување од натамошно издржување на затворските казни.

„Во текот на минатата недела ни беше доставена првата петиција од 105 жени осуденички од Женскиот оддел на КПД ’Идризово’, а потоа следуваа списоци на други осуденици од истиот, но и од затворот во Штип. Можам да кажам дека листите со потписи на осудени лица не е конечна, односно дека има најави за петиции од Истражниот затвор ’Скопје’, од Битола, Велес и Струмица“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ од Адвокатското друштво „Давидовиќ-Јанковиќ“. Според него, во моментов во државава има 3.156 лица, а петицијата досега ја потпишале безмалку 2.000 осудени лица за кои тие се обврзуваат дека ќе им понудат бесплатна правна помош.

Според адвокатот, барањето за амнестија на осудените лица е веќе предадена до претседателот на државата.

„Осудените лица, нивните барања во оригинал, како и списоците на сите потпишани се доставени. Иако осудени, се работи за свесни луѓе кои бараат намалување на затворските казни за 30 до 50 отсто од висината на изречената санкција. Морам да потенцирам дека меѓу потписниците на петициите има и такви кои се осудени на казна доживотен затвор и овие лица бараат намалување на казните на 15 и 20 години затвор“, појаснува Давидовиќ.

Тој вели дека претседателот Иванов, како професор по правни науки, знае дека со одлуката за аболиција на политички функционери и нивни блиски соработници ги става во нерамноправна положба оние граѓани кои се осудени за сторените дела.

„Точно е тоа дека правната држава мора да функционира, но токму претседателот на државата рече дека политичката криза во Република Македонија мора и треба да се надмине со ’ресетирање на системот’, со прекин на караниците меѓу поделените граѓани и нивните политички лидери и дека токму поради тоа донесените одлуки за помилување се во таа насока“, рече Давидовиќ. Осудените, според него, бараат одговор во „разумен рок“, но доколку нивното барање не биде усвоено од Иванов, тогаш тие и нивните семејства ќе бојкотираат какви и да се избори, а осудените лица ќе стапат во штрајк со глад.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико