Омбудсманот да побара толкување дали Талески смеел од притвор да ја води Општината | Правдико

Правдико

   

Омбудсманот да побара толкување дали Талески смеел од притвор да ја води Општината

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Народниот правобранител Иџет Мемети да побара толкување од Собранието на Република Македонија, дали битолскиот градоначалник Владимир Талески од куќен притвор можел да ја води Општина Битола. Вакво барање до Мемети испрати советничката на ВМРО-НП од Битола, Габриела Илиевска, откако Собранието го одби нејзиното барање да даде толкување на член 163 од Законот за кривична постапка во врска со тоа дали градоначалникот имал право да потпишува службени документи додека бил во притвор.

bitola-1

Талески вчера, речиси десетина дена по укинувањето на куќниот притвор, излезе во јавноста и потврди дека од дома ја водел Општина Битола и бил во контакт со општинската администрација, па дури и со изведувачи на проектите.

„Ова го барам за да се дознае дали е законски Владимир Талески по определувањето на мерката притвор да има право да потпишува документација од станот каде се спроведува мерката и дали други лица без дозвола на судијата на претходна постапка смеат да му носат документи на разгледување и на потпишување“, стои во барањето на советничката Илиевска испратено до Народниот правобранител Мемети.

Илиевска, на почетокот на септември, додека Талески беше во куќен притвор, испрати барање до СЈО, до Основниот и до Апелацискиот суд во Скопје и до Собранието да дадат мислење за нејзиното прашање. Собранието ѝ врати дека „согласно членот 175 од деловникот на Собранието, барање за давање автентично толкување на закон може да поднесе секој пратеник, Владата, Уставниот суд, Врховниот суд, Јавниот обвинител, Народниот правобранител, градоначалниците на општините и на Град Скопје и советите на општините и на градот Скопје“.

Апелациски суд се изјасни за ненадлежен, додека Основниот суд и СЈО сè уште не испратиле известување до Илиевска.

– Во оваа држава е тешко да се добие мислење од институциите, а камоли правда! Борбата за докажување на незаконското работење на Талески продолжува. Немам намера да застанам сè додека некоја институција не ми одговори како може еден градоначалник гордо и без срам јавно да се фали дека од куќен притвор водел општина. Дали некоја од повиканите институции конечно ќе се замеша во сопствените надлежности – вели Илиевска за „Мета“.

За утре Советот на Општина Битола закажа седница и советниците се надеваат дека Талески ќе одговори на нивните прашања за функционирањето на Општина Битола додека тој беше во притвор.
Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ на СЈО за криминал со бесплатниот школски превоз во Битола, тежок 360.000 евра.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико