Општа безбедност на производите и одговорност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Трговецот е должен да пушта во промет безбедни производи согласно со утврдените технички барања и прописи за соодветниот производ и во согласност со барањата што се утврдени за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Како безбеден производ се смета производ кој во нормални или според разумно предвидливи услови на користење, вклучувајќи го и рокот на употребата, не претставува било каков ризик или ризикот е минимален и е соодветен на користа од употребата на производот и кој ги исполнува условите со кои се обезбедува висок степен на заштита на безбедноста и здравјето на луѓето, и тоа земајќи ги предвид:
– својствата на производот, вклучувајќи го неговиот состав, пакувањето, упатството за составување, употребување и одржување;
– дејството врз други производи каде што е логично дека ќе се користи заедно со други производи;
– презентацијата на производот, неговите ознаки, етикетирањето, упатствата за користење, фрлање и било какви други ознаки или информации дадени за производот и
– категориите на потрошувачи, особено децата и старите лица кои се изложени на ризик при користење на производот.
Како опасен производ се смета производ што не ги исполнува предвидените услови за безбеден производ како и производите кои имаат форма, мирис, боја, изглед, пакување, етикета, волумен или големина и како такви можно е потрошувачите, особено децата, да ги заменат со прехранбени производи и да ги ставаат во уста, да ги цицаат или голтнат, што може да биде опасно и да предизвика задушување, труење, перфорирање или опструкција на дигестивниот тракт и слично.
Трговецот е должен, во рамките на своето редовно работење да дава информации за ризиците на производот во текот на нормален или разумно предвидлив период на употреба, каде што таквите ризици не се очигледни и да преземе мерки на претпазливост од тие ризици и да соработува при спроведувањето на дејствијата преземени за избегнување на таквите ризици.
Производителите и дистрибутерите во случаи кога знаат или претпоставуваат, врз основа на информации кои ги имаат, дека производите што се пласирани на пазарот се ризични за потрошувачите и не се во согласност со општите барања за безбедност, се должни веднаш да ги информираат надлежните органи за преземање дејствија заради заштита на потрошувачите од тие ризици. Покрај известувањето на надлежните органи, производителите и дистрибутерите можат и да ги повлечат производите од пазарот заради избегнување на ризиците.
Штетата предизвикана од небезбеден производ се надоместува согласно со правилата утврдени во Законот за облигациони односи.
Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако во рамките на своето редовно работење не дава информации за ризиците на производот и не соработува при спроведувањето на дејствија преземени за избегнување на таквите ризици
Исклучоци или ограничување на одговорност
Производителот нема да одговара за недостатоците на производот ако докаже дека:
– тој не го пуштил производот во прометот;
– имајќи ги предвид околностите на случајот, недостатокот што ја предизвикал штетата веројатно не постоел во времето кога тој го пуштил во промет производот или дека таквиот недостаток настапил подоцна;
– тој не го произвел производот за продажба, ниту за каква било форма на дистрибуција за економски цели, ниту пак го произвел или го дистрибуирал производот во врска со неговиот деловен потфат, односно во врска со неговото редовно работење;
– недостатокот произлегува од усогласеност на производот со задолжителните прописи донесени од надлежните државни органи и
– го изработил само составниот дел на производот, односно прибавил само суровина, помошна суровина или додаток (адитив) така што недостатокот настанал поради составот на производот во кој е вграден составниот дел, а штетата настанала поради непочитување на упатството на производителот на тој производ.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Фискализација – права на потрошувачите
– Кои се вашите права како потрошувач?
– Нотаријатот поблиску до граѓаните – прирачник за потрошувачи
– Начин на остварување на правата на потрошувачите кај производи со недостаток
– Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити