Правдико

   

Општи принципи при полициска интервенција

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mvrПолициските службеници при постапувањето го почитуваат правото на живот на секој граѓанин и притоа  не смеат да предизвикуваат, поттикнуваат или толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Полициските  службеници  ги  извршуваат  полициските  работи  согласно  закон  и ратификуваните меѓународни договори и при вршење на на полициските работи се должни да  ги  почитуваат  писмените  и  усни  наредби  на претпоставените, согласно закон и подзаконските прописи.

Полициските службеници ги извршуваат своите задачи чесно и на праведен начин, раководејќи се од принципите на непристрасност и рамноправност на сите граѓани.Исто така имаат должност да го почитуваат правото на приватност на граѓаните согласно Уставот на Република Македонија и закон.

Како основни права кои мора да ги почитуваат при  вршењето на полициските овластувања се основните слободи и права на човекот и граѓанинот како што се: право на живот, слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, слобода на вероисповеста, слобода на здружување заради остварување и заштита  на  политичките,  економските,  социјалните,  културните  и  други  права  и уверувања на граѓаните, вероисповед, правото на мирно собирање, слобода на движење и правото  на  сопственост,  како  и  други  слободи  и  права  гарантирани  со  Уставот  на Република Македонија.

При постапувањето, полициските службеници секогаш се легитимираат, како доказ за својот полициски статус и професионален идентитет.

Полициска интервенција

Полициската интервенција се заснова врз основи на сомневање за извршено кривично дело за кое се гони по службена должност со почитување на принципот на презумпција на невиност, согласно Уставот на Република Македонија и законот.

При  полициските  интервенции,  полициските  службеници  постапуваат  согласно специфичните потреби на одредени категории лица, како: деца, малолетници, жени, стари и изнемоштени лица и лица со здравствени проблеми. Полицијата  воспоставува  јасни  правила  и  насоки  за  праведно  спроведување  на постапката со лицата кои се повикани, приведени или лишени од слобода, а особено истите да бидат информирани за причините за нивното повикување, приведување или лишување од слобода, како и за други релевантни информации.

Полициските службеници го информираат лицето повикано, приведено или лишено од слобода, на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, приведувањето или лишувањето од слобода и за постоење на било какво кривично обвинение против истото.

Полицискиот службеник на јасен начин го поучува лицето повикано, приведено или лишено од слобода, на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, приведувањето или лишувањето од слобода, како и за правото да молчи, правото да се советува со бранител за време на полициската постапка, правото на лекарска помош ако тоа лицето го бара, како и за правото да се извести член на неговото семејство или нему блиско лице. Притоа треба да  го  почитуваат  личното  достоинство  и  индивидуалните потреби на лицето кое е повикано, приведено или лишено од слобода заради постоење на основи на сомневање дека извршило кривично дело.

Одговорност и контрола

Полицијата  е  одговорна  пред  државата,  граѓаните  и  нивните  претставници,  преку надворешна контрола на нејзината работа. Државната  контрола  врз  Полицијата  е  поделена  меѓу  законодавната,  извршната  и судската власт. Во  насока  на  развивање  на  односите  меѓу  Полицијата  и  јавноста,  потребно  е промовирање  на  механизми  на  одговорност,  засновани  врз  комуникација  и  заемно разбирање меѓу полициските службеници и јавноста.

Полициските  службеници  се  одговорни  за  своите  постапки  пред  граѓаните  на Република Македонија. Во случај на повреда на уставните и законските права од страна на полициските службеници,  граѓаните  можат  да  побараат  заштита  на  овие  права  и  од  Народниот правобранител на Република Македонија.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Листа на глоби за сообраќајни прекршоци

– За колку време застаруваат сообраќајните прекршоци?

– Вашите права и обврски при сообраќајна контрола

Партнери на Правдико