Организациона поставеност на Град Белград | Правдико

Правдико

   

Организациона поставеност на Град Белград

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

bgd1. Органи на Град Белград

Органи на Градот Белград се: Собрание на Градот Белград (Скупштина), градоначалник на Градот Белград (Градоначелник), Градски совет на Градот Белград (Градско веће) и Градска управа на Градот Белград (Градска управа). Интересно е што во однос на нивните надлежности постои презумпција на надлежност која подразбира дека ако со закон или со друг пропис не е утврдено кој орган е надлежен за вршењето на работите од надлежност на градот, тогаш сите работи кои се однесуваат на уредување на односите од надлежност на градот ги врши Собранието на Градот Белград, а работите кои по својата природа се извршни ги вршат извршните органи на градот. Но, ако според природата на работите не може да се утврди чија надлежност се, тогаш надлежно е Собранието, а ако се работи за извршни работи а не е оредено кој извршен орган е за нив надлежен, тогаш надлежен е градоначалникот.

Во понатамошниот текст ќе обрнеме посебно внимание на секој орган одделно и ќе ги утврдиме нивните главни карактеристики и специфики.

skupstina-grada-beograda-foto-tanjug-1369916103-3181751.1. Собрание на Град Белград

Собранието на градот е највисок орган на Градот Белград кој ги врши основните функции на локалната власт утврдени со Уставот, законот и со Статутот на градот. Овој орган го сочинуваат советници (одборници) кои ги бираат граѓаните на непосредни избори со општо право на глас и со тајно гласање. Собранието има 110 советници кои се бираат за мандат од четири години. Притоа советник не може да биде лице кое е вработено во Градската управа, а ако се случи тоа тогаш правата и обврските му мируваат за времетраењето на советничкиот мандат.

Собранието на градот во согласност со закон врши работи чија листа е „отворена“, а некои до нив се: го донесува Статутот на Градот Белград и Деловникот на Собранието, го донесува буџетот и завршната сметка, носи програма за развој на градот и поедини дејности, ги носи урбанистичките планови, носи прописи и други општи акти, основа органи, служби, јавни претпријатија, установи и организации утврдени со статутот, го бира и го разрешува претседателот и заменик претседателот на Собранието, а исто така и секретарот на Собранието, ги утврдува градските такси и другите локални приходи кои на градот му припаѓаат законски и врши и други работи утврдени со закон и со Статутот.

Собранието одлучува ако на седницата има кфорум, а одлуките најчесто ги носи со релативно мнозинство гласови, а во точно утврдени случаи и со поголемо мнозинство. Собранието го свикува претседателот на Собранието на градот по потреба, а најмалку на три месеци, но сепак тој е должен да ја закаже седницата на барање на градоначалникот, Градскиот совет или на барање на 1/3 од советниците. Седниците на Собранието се по правило јавни, освен ако самото Собрание не одлучи поради оредени причини јавноста да биде исклучена.

Овој орган основа постојани и повремени работни тела за решавање на прашања од негова надлежност. Постојани работни тела се советите и комисиите и Собранието на градот образува најмногу 25 постојани работни тела. Собранието на градот има претседател, кој ја организира неговата работа, ги свикува и претседава со седниците и обавува и други работи. Претседателот се бира од редот на советниците за време од четири години, а може да биде разрешен пред истекот на мандатот, на ист начин на кој што е избран. Претседателот има свој заменик кој го заменува во случај на ногова отсутност и спреченост да ги извршува своите обврски.

Собранието на градот има и секретар кој се поставува на предлог на претседателот на Собранието, за време од четири години и може повторно да биде поставен. Важно да се напомене овде е што за секретар може да биде поставено лице со завршен правен факултет, со положен стручен испит за работа во органите на уравата и со работно искуство од најмалку три години. Секретарот има свој заменик.

На прв поглед, можеме само да извлечеме една констатација, а таа е дека Собранието на Градот Белград е пандан на Советот на Град Скопје.

1.2. Извршни органи на Градот Белград

 Извршни органи на градот се градоначалникот и Градскиот совет.

1.2.1. Градоначалник

 Градоначалникот го бира Собранието на градот од редовите на советниците за време од четири години со тајно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број советници во Собранието на Градот Белград. Градоначалникот има заменик. Претседателот на Собранието на градот предложува кандидат за градоначалник, а пак градоначалникот предлага кандидат за негов заменик исто така од редот на советниците. Со нивниот избор на оваа функција им престанува мандатот на советници. Градоначалникот и заменикот градоначалник се на постојана работа во Градот.

Со Законот за главниот град, а подетално и со статутот утврдени се повеќето од надлежностите на градоначалникот, а овде ќе споменеме неколку од нив: го претставува и застапува градот; непосредно ги извршува и се грижи за извршувањето на одлуките и другите акти на Собранието на Градот; ја усмерува и ускладува работата на Градската управа; носи поединечни акти за кои е овластен; основа локална служба за инспекција врз користењето на буџетските средства; одлучува за организирањето и спроведувањето на јавните работи; образува стручни работни тела; и врши и други работи.

Одредбите за статусот на градоначалникот, како засебни се доста во мал број, но тоа е можеби затоа што има повеќе одредби кои се однесуваат на овој извршен орган, а се „сместени“ во делот со кој се регулира Градскиот совет, како друг извршен орган, но во кој значајна улога игра токму градоначалникот. Тоа ќе го видиме подобро во следниот поднаслов.

bg-skupstina1.2.2. Градски совет (Градско веће)

Иако на прв поглед, од називот, можеби ќе помислиме дека се работи за претставнички орган (како што тоа е на пр. Советот на Град Скопје), сепак овој орган, во рамките на организацијата на Град Белград е извршен орган.

Овој специфичен орган го сочинуваат градоначалникот, заменик градоначалникот како и членови на Градскиот совет кои ги бира Собранието на градот за период од четири години со тајно гласање и тоа со мнозинство од вкупниот број советници. Кандидатите за членови на Градскиот совет ги предлага кандидатот за градоначалник, па кога одлучува за изборот на градоначалник. Собранието на градот истовремено одлучува и за изборот на заменикот и за членовите на Градскиот совет. Градоначалникот е претседател на Градскиот совет, а заменик градоначалникот е член на овој орган – по функција. Собранието на градот на предлог на градоначалникот избира 13 членови на Градскиот совет. Овие членови не можат истовремено да бидат и советници. На советникот кој е избран за член на Градскиот совет му престанува советничкиот мандат.

Градскиот совет има надлежности од кои дел се утврдени во Законот за главниот град, а дел се доуредени со Статутот на Градот Белград. Така Градскиот совет:

  • го предлага Статутот, буџетот и другите одлуки кои ги носи Собранието;
  • носи одлука за привремено финансирање во случај Собранието на градот да не го донесе буџетот пред почеток на фискалната година;
  • врши надзор над работата на Градската управа, поништува и укинува акти на Градската управа ако не се во согласност со законот, Статутот или друг општ акт или одлука кои ги носи Собранието на градот;
  • решава во управна постапка во втор степен за правата и обврските на граѓаните и правните лица, во рамките на надлежностите на Градот Белград;
  • се грижи за извршување на поверените надлежности од рамките на правата и должностите на Републиката;
  • го поставува и разрешува началникот на Градската управа, односно началниците на градските управи за одделни области;
  • дава согалсност на годишниата работна програма на претпријатијата чиј основач е градот;
  • ги разгледува извештаите за работата и дава согласност на програмата за работа на корисниците на буџетот;
  • донесува општи акти кога за тоа е овластен со закон или пропис на градот;
  • покренува постапка за оцена на уставноста или законитоста на законите или другите општи акти на Република Србија со кои се повредува правото на локална самоуправа;
  • поднесува жалба до Уставниот суд на Република Србија ако со поедничен акт или постапка на државен орган се оневозможува вршење на надлежностите на градот; и
  • го утврдува предлогот за концесискиот акт и заклучува договор за концесија.

Како што можеме да забележиме, надлежностите на Градскиот совет се таксативно наброени што според нас претставува подобро уредување, за разлика од надлежностите на повеќето други органи кои се егземплификативно наброени.

Положбата на градоначалникот во Градскиот совет е следната. Тој како претседател на Градскиот совет го претставува истиот, ги свикува и води неговите седници, понатаму одговорен е за законитоста на неговата работа и како претседател должен е да запре со примена на актите кои смета дека не се во согласност со законот.

Градскиот совет може да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број негови членови и одлучува со истото (апсолутно) мнозинство), ако со прописите не е предвидено друго мнозинство.

Градоначалникот може да биде разрешен пред истекот на времето на кое е биран на образложен предлог на најмалку третина од советниците, на ист начин на кој е избран. По предлогот за разрешување мора да се расправа и одлучува во рок од 15 дена од денот кога е доставен предлогот до претседателот на Собранието на градот. Ако Собранието не го разреши градоначалникот, советниците кои го поднеле предлогот не можат повторно да поднесат предлог за разрешување пред истекот на шест месеци од одбивањето на првиот предлог.

Интересно е тоа што со разрешувањето или оставката на градоначалникот му престанува мандатот на заменик градоначалникот, но и на целиот Градски совет. Додека, заменикот градоначалник, односно член на Градскиот совет, можат да бидат разрешени на предлог на градоначалникот или најмалку 1/3 од советниците на ист начин на кој се избрани.

Исто така, со престанувањето на мандатот на Собранието на градот престанува мандатот на извршните органи на градот, со тоа што тие само ги вршат тековните работи до стапување на должност на новите извршни органи, ако мандатот на Собранието престанал со негово распуштање.

1.3. Градска управа

Со статутот на градот Градската управа може да се образува како единствен орган или како повеќе градски управи за одделни области.

Градската управа ги има следниве надлежности: ги подготвува нацрт прописите и другите акти кои ги донесуваат Собранието на грдаот, градоначалникот и Градскиот совет; ги извршува одлуките и другите акти на овие три органи; решава во управна постапка во прв степен за правата и обрврските на граѓаните, претпријатијата, установите и другите организиции во управните работи од надлежност на градот; обавува работи во врска со управен надзор над извршувањето на прописите на Собранието; ги извршува законите и другите прописи чие извршување е доверено на градот и обавува стручни и други работи кои ги утврдува Собранието, грдоначалникот и Градскиот совет.

Со Градската управа, која е образувана како единствен орган, раководи началник. За началник може да биде поставено лице кое има завршено правен факултет, положено испит за работа во органите на државната управа и пет години работно искуство во струката. Во вака организираната Градска управа, за вршење на сродни работи може да се формираат и внатрешни организациони единици.

Началникот на Градската управа го поставува Градскиот совет врз основа на јавен оглас на период од пет години. Началникот има свој заменик, кој се поставува на ист начин и под исти услови како и началникот. Раководителите на организационите единици во управата ги распоредува началникот. Началникот за својата работа и за работата на управата одговара на Собранието на градот и на Градскиот совет. Началникот може да поднесе оставка или да биде разрешен на образложен предлог на градоначалникот или пет членови на Градскиот совет.

За вршење на работи на помошник градоначалник од областа на економскиот развој во Градската управа се поставува градски менаџер, а од областа на урбанизмот се поставува градски архитект. Со актот за организација на Градската управа може да се постават помошници градоначалници и за други области (сообраќај, здравствена заштита и др.), но најмногу нивниот број може да изнесува пет помошници вклучувајѓи ги градскиот менаџер и градскиот архитект. Помошниците градоналници ги поставува и резрешува градоначланикот.

Актот за организација на Градската управа го донесува Собранието на градот на предлог на Градскиот совет, а актот за внатрешното уредување и систематизација на Градската управа го донесува началникот на Градската управа, во согласност со Градскиот совет.

Градската управа во вршење на управниот надзор може: да наложи со решение извршување на мерките и работите во одреден рок; да изрече мандатна казна; да поднесе пријава до надлежниот орган за извршено кривично дело или прекршок и да поднесе барање за поведување прекршочна постапка; да издаде привремена наредба или забрана; да извести друг орган, ако постојат причини, за преземање на мерки од надлежност на тој орган и презема и други мерки за кои е овластена со закон или општ акт. Овие овластувања поблиску се уредуваат со одлука на Собранието на градот.

Градскиот совет го решава судирот на надлежности помеѓу Градската управа и другите правни лица, а началникот на управата го решава судирот на надлежности помеѓу внатрешните организациони единици. За изземање на началникот на Градската управа одлучува Градскиот совет, а за изземање на службено лице во градските управи за одделни области одлучува началникот.

Работите на правна заштита на имотните права и интересите на градот ги врши Градското јавно правобранителство. Делокругот, организацијата и работата на Градското јавно правобранителство се уредува со посебна одлука на Собранието на градот.

opstine1.4. Градска општина

Градот е територијална единица на локалната самоуправа утврдена со закон на чија територија се основаат две или повеќе градски општини. Заради поефикасно и поекономично остварување на своите надлежности и остварување на правата на граѓаните, градот образува (формира) градски општини.

Градската општина е уредена со Статутот на Градот Белград. Таа на своето подрачје врши работи од надлежност на градот кои се поконретно уредени со самиот Статут. Во вршењето на претходно наведените работи, градската општина се грижи за потребите и интересите на граѓаните на своето подрачје истовремено уважувајќи го и интересот на граѓаните од подрачјето на другите градски општини и од градот во целина. Градската општина има својство на правно лице. Градската општина има статут како највисок акт кој го донесува собранието на градската општина со апсолутно мнозинство гласови при што статутот на Градската општина мора да биде во согласност со Стаутот на Градот Белград.

Градската општина може да има свои симболи, празник и нејзина слава.

Градските општини меѓусебно соработуваат и тоа може да остваруваат соработка во областите од заеднички интерес и со градските општини од други градови и единици на локалната самоуправа, во согласност со закон, а може да соработуваат и со сличните на нив територијални заедници и единици на локалната самоуправа во други држави, во рамките на надворешната политика на Република Србија. Исто така можат да соработуваат и со невладини, хуманитарни и други организации и здруженија на граѓани, кога тоа е во интерес на градската општина и нејзините жители.

Градската општина, во согласност со законот и Статутот на Градот Белград, преку своите органи врши голем број на надлежности чија листа е отворена. Исто така голем дел од овие надлежности се „совпаѓаат“ со оние на градот, со таа разлика што не се однесуваат на подрачјето на целиот град, туку само на подрачјето на конкретната општина. Па затоа овде ќе ги наброиме неколкуте од нив кои се поразлични од оние кои ги има Градот Белград: дава мислење на просторните и урбанистичките планови кои ги донесува градот; дава градежно земјиште под закуп заради изградба на објекти со бруто површина до 800 м2 (над оваа површина надлежноста е кај градот); се грижи за изградба, одржување, управување и корситење на селските, полските и другите некатегоризирани патишта; ја следи состојбата и се грижи за одржување на детските градинки и основните училишта; спроведува стратегија и акционен план за политика за младите во градот; обезбедува пружање правна помош на граѓаните за остварување на нивните права; ја уредува организацијата и работата на мировните совети и покрај другото врши и други работи од непосреден интерес на граѓаните.

Статутот на Град Белград им дава „посебен“ статус на неколку градски општини и тоа: Барајево, Гроцка, Лазаревац, Младеновац, Обреновац, Сопот и Сурчин, на кои освен надлежностите предвидени за сите општини им „доделува“ и уште две други надлежности, а кои се однесуваат на следново: тие обезбедуваат услови за обавување и развој на комунални дејности  (пречистување и дистрибуција на вода, одржување на депонии и сл.) и за нивно вршење можат да основаат јавни претпријатија и другата надлежност подразбира дека набројаните градски општини одлучуваат за имињата на улиците, плоштадите, населбите и другите населени места на своето подрачје, во согласност со прописите на градот.

Работите на градските општини ги вршат органите, како и граѓаните преку непосредно учество во одлучувањето. Органи на градските општини се истите оние кои се јавуваат и како органи на градот без градоначалник, односно: собрание на градската општина, претседател на градската општина, совет и управа на градската општина. Собранието на градската општина има од 19 до 75 советници кои ги бираат граѓаните непосредно, со тајно гласање, на период од четири години. Претседателот на собранието се бира за период исто така од четири години, со апсолутно мнозинство од советниците, на предлог на најмалку 1/3 од советниците.

Извршни органи се претседателот на градската општина (а не градоначалник) и советот на градската општина. Претседателот на градската општина го избира собранието на градската општина од редот на советниците со мнозинство гласови од вкупниот број советници, за период од четири години. Тој има заменик. Со нивниот избор на овие функции им престанува советничкиот мандат. Советот на градкста општина како извршен орган го сочинуваат претседателот на градската општина, заменикот претседател и најмногу 11 членови кои ги бира собранието на градската општина од редот на советниците, на ист начин како и претседателот (мандат четири години, со апсолутно мнозинство). Во другите сегменти овој орган е пандан на Градскиот совет.

Управата на градската општина се образува како единствен орган, со кој раководи началник. И овој орган во речиси сите сегменти е пандан на Градската управа, со таа разлика што овде началникот се бира за период од пет години исто така од страна на советот на градската општина. Друга разлика е тоа што во управата на градската општина може да бидат поставени најмногу троица помошници претседатели на градската општина.

Од овие одредби, можат да се забележат некои заеднички карактеристики, но и многу разлики во однос на општините во Градот Скопје.
продолжува….

Автор: М-р Мирослав Драганов

–ПРАВДИКО–

Следно: Организациона поставеност на Град Загреб и разлики и заеднички карактеристики во организацијата на главните градови

Screenshot_2М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.

Препорачуваме

Партнери на Правдико