Организациона поставеност на Град Скопје
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.
Органи на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје
Органи на градот Скопје и на општините во Градот Скопје се совет и градоначалник. Советот на Градот Скопје го сочинуваат 45 членови. Бројот на членовите на советите на општините во Градот Скопје се утврдува во согласност со закон. Така, во овој случај се применува Законот за локална самоуправа во кој е предвидено дека бројот на членовите на советот (во сите општини, па и во општините на Градот Скопје) се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од 9 ниту поголем од 33 члена, и тоа како што е прикажано во табелата:
Согласно Законот за Градот Скопје е утврдено дека право да бидат избрани за членови на советот на Градот Скопје и за градоначалник на Градот Скопје имаат жителите на Градот Скопје. Додека право да бидат избрани за членови на советот на општина во градот Скопје и за градоначалник на општина во Градот Скопје имаат жителите на Градот Скопје со постојано живеалиште на подрачјето на општината каде што се врши изборот (што е сосема логично).
Органите на општините воопшто се детално уредени во Законот за локална самоуправа, а имајќи го во предвид членот 4 од истиот закон според кој: „Одредбите од овој закон се однесуваат и на Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, доколку со Законот за Градот Скопје поинаку не е уредено“, информациите за организацијата и функционирањето на органите ќе ги црпиме токму од овој закон. Но, исто така, во Статутот на Градот Скопје во кој постои посебна глава насловена како „Организација и работење на органите на Градот Скопје“, па следствено и овој извор и тоа како ќе ни помогне за добивањето на јасна слика за овој значаен сегмент од локалната самоуправа.
Совет
Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината (односно на Градот Скопје). Советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Членовите на советот се избираат за време од четири години. Тие ги претставуваат граѓаните и во советот одлучуваат по свое уверување. Член на советот не може да биде отповикан.
Надлежностите на советот се егземплификативно утврдени во законот, а „поспецифични“ од нив се следниве:
- го донесува статутот на општината (и на Градот Скопје) и други прописи (во овој дел на статијата каде што се споменува „општина“ се мисли воедно и на Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа и тоа во оној дел во кој функционираат истите органи како и во сите други општини (пред се Советот и Градоначалникот));
- донесува буџет на општината и годишна сметка;
- ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамки утврдени со закон;
- одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон;
- одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината;
- го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; и
- врши и други работи утврдени со закон.
Советот се конституира на тој начин што првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседателот на советот од претходниот состав најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите. Ако советот не се свика во овој рок, членовите на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот во рок од десет дена по истекот на претходниот рок. Во краен случај доколку седницата не се одржи ниту во ово рок ќе се распишат нови избори за членови на советот на начин утврден со закон. Новоизбраните членови на конститутивната седница на советот даваат и потпишуваат свечена изјава.
Седниците на советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш во три месеци. Седниците ги свикува претседателот на советот на своја иницијатива, на барање на градоначалникот или на на барање од најмалку ¼ од членовите на советот најдоцна во рок од 15 дена од денот на негово поднесување. Додека пак, вонредна седница на советот свикува претседателот на советот, по сопствена иницијатива или на барање на најмалку 1/3 од членовите на советот, во случаи и начин утврдени со статутот.
Така, со Статутот на Градот Скопје е утврдено дека советот работи на редовни седници, а по потреба може да одржува свечени и вонредни седници. На седниците на советот присуствуваат Градоначалникот и раководителите на секторите на администрацијата на Град Скопје. Во случај на отсутност на претседателот на советот, на седницата претседава најстариот член на советот.
Значајно е тоа што советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број члнеови на советот (кфорум). Советот притоа одлучува со мнозинство гласови од присутните членови (релативно мнозинство) ако со закон и со статутот поинаку не е определено. Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
На членот на советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран поради следниве причини: ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци, ако настапи случај на инкопатибилност, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност и ако престане да биде жител на општината.
Претседателот на советот се избира од редот на членовите на советот, со мандат од четири години и тоа се избира по пат на мнозинскиот модел (можност и за втор круг). Претседателот на советот ги има следните обврски: ги свикува и раководи со седниците на советот, се грижи за организацијата и работата на советот и ги потпишува прописите што ги донел советот и во рок од три дена од денот на нивното донесување ги доставува на градоначалникот заради објавување.
Исто така, значајно е да се напомене дека Советот на Град Скопје образува вкупно 22 постојани комисии, при што сите комисии се состојат од претседател и најмалку 4 члена.
Градоначалник
Градоначалникот се избира секоја четврта година на општи непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со Законот за локалните избори. Функцијата градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на РМ, пратеник, министер, судија, судија на Уставниот суд на РМ, јавен обвинител, народен правобранител и други функции на кои изборот или именувањето го врши Собранието на РМ или Владата на РМ (инкопатибилност).
Градоначалникот има голем број надлежности од кои некои ќе споменеме во оваа статија:
- ја претставува и застапува општината;
- ја контролира законитоста на прописите на советот;
- ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
- го обезбедува извршувањето на одлуките на советот;
- го извршува буџетот на општината;
- раководи со општинската администрација;
- обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината во согласност со закон и со статутот; и
- врши други работи утврдени со закон и со статутот.
Особено значајна функција на градоначалникот е контрола на законитоста на прописите (на советот) пред нивното објавување.
Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од неговиот претходник во рок од седум дена од денот на изборот. Градоначалникот на Градот Скопје присуствува и учествува во работата на седниците на советот, а по потреба и на седниците на комисиите на советот и посебните тела на Градот Скопје без право на одлучување.
Градоначалникот на Градот Скопје соработува со градоначалниците на општините од подрачјето на Градот Скопје во рамките на координативното тело на градоначалниците по прашања определени со закон. Градоначалникот со решение определува член на советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство. На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето кога го заменува градоначалникот. Претседателот на советот не може да го заменува градоначалникот.
На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон и тоа во истите случаи со кои на претседателот на советот му престанува мандатот, плус во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци.
Посебни тела на Град Скопје
Во Градот Скопје функционираат следниве посебни тела: Комисија за односи меѓу заедниците, Совет за заштита на потрошувачите и Партиципативно тело од областа на урбанизмот.
Формирањето на Комисијата за односи меѓу заедниците има законска основа каде е предвидено дека во општина во која најмалку 20% од вкупниот број жители на општината утврден од последниот извршен попис на населението се припадници на одредена заедница, се формира комисија за односи меѓу заедниците. Во Градот Скопје Комисијата ја сочинуваат по еден претставник на заедниците кои се застапени во градот, со мандат од 4 години. Членовите на комисијата не можат да се избираат од редовите на членовите на советот.
Во Градот Скопје се фомира и Совет за заштита на потрошувачите, за чие формирање исто така постои законска основа. Ваквиот совет во Градот Скопје е составен од 10 членови, претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги во Градот Скопје со мандат од 4 години. Советот за заштита на потрошувачите разгледува прашања и утврдува предлози кои што се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби на Градот Скопје, а особено: ја следи состојбата на давањето на услуги од јавните служби, се грижи за решавање на проблемите што граѓаните ги имаат при користење на услугите од претпријатијата и установите што вршат јавни услуги, се грижи за унапредување на односот на вработените кај давателите на услуги кон корисниците на услуги и организира трибини и други форми на учество на граѓаните на кои ќе се расправа за унапредување на заштита на потрошувачите.
Во Градот Скопје заради пренесување на ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, како и заради следење на состојбите и давање иницијативи, насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Градот Скопје и општините од подрачјето на Град Скопје, се формира Партиципативно тело од областа на урбанизмот, кое се состои од 10 членови со мандат од 4 години.
продолжува….
Автор: М-р Мирослав Драганов
–ПРАВДИКО–
Следно: Организациона поставеност на Град Белград
М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.