Организациона поставеност на Град Загреб и разлики и заеднички карактеристики во организацијата на главните градови | Правдико

Правдико

   

Организациона поставеност на Град Загреб и разлики и заеднички карактеристики во организацијата на главните градови

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

hr)zg-zg1. Организација на Град Загреб

Органи на Градот Загреб се: Градско собрание, градоначалник, и Градско поглаварство. Притоа Градското собрание е претставнички орган, додека пак градоначалникот и Градското поглаварство се извршни органи. Ако се работи за извршни работи, а не е одредено кој извршен орган е надлежен за нивното извршување во тој случај надлежно е Градското поглаварство или орган кој тоа ќе го овласти.

1.1. Градско собрание

Градското собрание (Градска скупштина) на Градот Загреб е претставничко тело на граѓаните кое донесува акти во рамките на самоуправниот делокруг на надлежности, а врши и други работи предвидени со закон и со Статутот. Градското собрание има педесет и еден член (народни претставници – градских заступника).

Градското собрание има голем број на надлежности од кои ние ќе се осврнеме само на неколку од нив и тоа: го донесува Статутот на Град Загреб; донесува одлуки и други општи акти; го носи градскиот буџет; носи просторни планови; ги бира и разрешува претседателот и потпретседателот на Градското собрание; ги бира и разрешува градоначалникот и неговите заменици, како и членовите на Градското поглаварство, а исто така одлучува и за нивна недоверба; ја уредува месната самоуправа; ја уредува организацијата и делокругот на градските управни органи; основа установи, трговски друштва и други правни лица за вршењето на дејности од делокруг на градот; доделува концесии во определни со закон случаи; распишува локален референдум на подрачјето на Градот Загреб и свикува собири на граѓани; одлучува за соработката со другите единици на локалната самоуправа; носи Деловник за својата работа и врши и други работи.

620_400_1380201245IMG_9181Градското собрание има претседател и најмногу четири потпретседатели кои ги бира од редот на претставниците со апсолутно мнозинство гласови. Претседаетлот исто така има свои надлежности меѓу кои: го претставува Градското собрание; ги свикува неговите седници; се грижи за извршувањето на одлуките и другите акти на собранието; соработува со градоначалникот, Градското поглаварство, како и со претседателите на градските области (четврти) и врши и други работи утврдени со Деловникот.

Претседателот и потпретседателот може да си поднесат оставка во писмена форма која е неотповиклива, а најмалку ¼ од градските претставници можат да покренат нивно разрешување, при што одлуката се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на претставници.

Интересно е тоа што градските претставници немаат задолжителен мандат и не се отповикливи.  Сепак и за нив важи општата одредба од Законот за локлана и подрачна (регионална) самоуправа според кој мандатот на член на претставничкото тело на единицата на локалната и подрачната самоуправа кој е избран на редовни избори трае четири години. Додека пак оној член кој е избран на предвремени избори мандатот му трае до истекот на тековниот мандат на претставничкото тело избрано на редовни избори. Тие должноста ја вршат почесно и за тоа не примаат плата, но имаат право на надомест на трошоците. Градското собрание може да расправа и да одлучува ако има кфорум (ако присуствуваат мнозинството од претставниците), а одлучува со релативно мнозинство, освен ако за некои работи не е предвидено поголемо мнозинство.

Градското собрание основа постојани и привремени работни тела. Градското собрание основа и Стручна служба за вршење на стручните, административните, техничките и другите работи во врска со работата на собранието. Со стручната служба управува секретарот на Градското собрание кој за својата работа му одговара токму на собранието.

1.2. Извршни тела

1.2.1. Градоначалник

1_130520112608_524x288Градоначалникот го претставува и застапува Градот Загреб и носител е на извршните работи во градот. Него го бира Градското собрание од редот на своите членови по правило помеѓу носителите на партиските листи и носителите на независните листи кои освоиле мандати во Градското собрание. Изборот се врши со апсолутно мнозинство на гласови од градските претставници.

Интересно е тоа што градоначланикот е одговорен на Владата на Република Хрватска, но само за вршењето на работите на државната управа доверени на управните органи на Градот Загреб, притоа Владата може да му дава на градоначалникот наредби. Ако тој не постапи по наредбите, тогаш Владата ќе именува повереник на државната управа во Градот Загреб, на предлог на Министерот за правосудство, управа и локална самоуправа.

Градоначалникот има два заменика кои се бираат од редот на членовите на Градското собрание (градските претставници) на ист начин како и градоначалникот. Кандидатите за градоначалник и негови заменици ги предложува Одборот за избор и именувања, кој претставува постојано работно тело во Градското собрание. Исто така, кандидатите може да ги предложат и најмалку ¼ од градските претставници, а се бираат на тој начин што се гласа за секој кандидат посебно.

Како носител на извршните надлежности од самоуправниот делокруг на градот, градоначалникот врши различни работи меѓу кои се следниве: го осигурува извршувањето на одлуките и другите акти; поденсува предлог градски буџет на Градското поглаварство; одговорен е за извршување на градскиот буџет; дава упатства за работа на градските управни органи; одлучува за прашања од работните односи во согласност со закон; склучува договори и други правни дела во согласност со законот, статутот и другите прописи; се грижи за уредно и правилно користење на имотот и средствата во работата на градските управни органи и врши и други работи.

Во вршењето на работите од својата надлежност, градоначалникот има право да ја запре примената на општ акт на Градското собрание, ако оцени дека со него се повредува законот или друг пропис и може да бара од Градското собрание во рок од 15 дена да ги отстрани недостатоците. Ако собранието тоа не го стори, тогаш градоначлникот е должен во рок од осум дена за тоа да го извести раководителот на органот на државната управа овластен за надзор над законитоста на работењето на органите на единиците на локалната и регионалната самоуправа.

Градоначалникот е одговорен на централните органи на државната управа за законито и стручно вршење на работите на државната управа пренесени на органите на Градот Загреб. За вршењето пак на работите од својот делокруг, градоначалникот е одговорен на Градското собрание.

1.2.2. Градско поглаварство

Согласно Законот за локална и подрачна (регионална) самоурправа, во општина која има до 3.000 жители за вршењето на извршни работи не се избира поглаварство, туку неговите должности ги врши претставничкото тело (!?), а општина која има од 3.001 до 10.000 жители, се остава со нејзиниот статут да може да не се бира поглаварство, туку неговите работи исто така да ги врши претставничкото тело во општината.

Градското поглаварство ги врши извршните работи на Градот Загреб. Градоначланикот е претседател, а неговите (два) заменици се потпретседатели на градското поглаварство. Покрај претседателот и двата заменика, има уште 12 членови. На предлог на градоначалникот, Градското собрание може да одлучи одредени членови на Градското поглавараство должноста да ја вршат професионално.

Во вршењето на извршните работи од самоуправниот делокруг на градот, Градското поглаварство врши работи помеѓу кои спаѓаат: го предлага на Градското собрание градскиот буџет и одговорно е за неговото извршување; ги подготвува предлозите на општите и другите акти што ги носи собранието или го осигурува нивното спроведување; одлучува за краткорочните задолжувања до шест месеци; поднесува извештај на Градското собрание за прашања од делоктугот на градот; именува и разрешува личности во согласност со законот, статутот и градските акти; управува со општите и јавните добра; врши работи во врска со месната самоуправа со склад со законот и врши и други работи.

Членовите на Градското поглаварство, на предлог на градоначалникот ги бира Градското собрание, по правило од редот на градските претставници, со мнозинство гласови од вкупниот број претставници, за период од четири години. За предлогот на членовите се гласа во целина.

Градоначалникот претседава со седниците на Градското поглаварство, раководи со неговата работа и ги потпишува актите што овој орган ги донесува. Градското поглаварство е одговорно на Градското собрание на кое и му поднесува извештај најмалку еднаш годишно.

На предлог од најмалку 1/3 од градските претставници во собранието, може да се покрене прашањето за доверба на градоначалникот, неговите заменици, одреден член на Градското поглаварство или на Градското поглаварство во целина. Гласање за доверба може да предложи и самиот градоначалник, ако таа се однесува за член или за Градското поглаварство во целина. Одлуката за (не)довербата се носи со апсолутно мнозинство гласови. Ако им се изгласа недоверба, тогаш Градското собрание мора да избере нов градоначалник и ново поглаварство во рок од 30 дена.

Во случај Градското собрание да донесе акт спротивен на ставовите на градоначалникот или на Градското поглаварство, тогаш овие органи можат да си поднесат оставка, ако сметаат дека нема да можат да го осигураат извршувањето на тој акт. Ако поднесе оставка градоначалникот или Градското поглаварство остануваат на должност до избор на нов градоначалник.

Градското поглаварство може да одржи седница ако има кфорум, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, освен за некои работи за кои точно е утврдено апсолутно мнозинство гласови.

1.3. Управни органи

 140618_vijece za prevenciju_WEB_davor eterovicСогласно Законот за Градот Загреб за вршење на работи од делокругот на градот се организираат управни органи. Одлуката за организацијата и надлежностите на управните органи ја донесува Градското собрание. Со овие органи управуваат раководители. Раководителите на управните органи кои ги вршат само работите од самоупраниот делокруг на градот врз основа на јавен конкурс ги именува Градското поглаварство по претходна согласност на надлежниот министер. Раководителите се именуваат за време од четири години и можат да бидат повторно именувани на истата должност.

За вршењето на работите од самоуправниот делокруг на Градот Загреб раководителите одговараат на градоначалникот и на Градското поглаварство, додека пак за вршењето на работите на државната управа одговараат на градоначалникот кој во однос на нив има главна улога во канцеларијата на државната управа во единицата на подрачната самоуправа, а во случај кога Владата именувала повереник тогаш раководителите нему му одговараат.

Градските управни органи се организираат како канцеларии, заводи, дирекции и служби што ја чинат градскта управа во потесна смисла. За вршењето на управни работи, како и работи на месна самоуправа, за подрачјето на една или повеќе градски области (четврти) се востановуваат подрачни канцеларии како подрачни единици на градската управа.

Градските управни органи подготвуваат и извршуваат општи и други акти кои ги донесуваат органите на Градот Загреб, преземаат мерки за кои се со законот и друг пропис овластени и вршат и други работи во согласност со законот, Статутот и градските одлуки. Во извршувањето на актите на Градското собрание градските управни органи носат поединечни акти со кои решаваат за правата, обврските и интересите на физичките и правните лица, освен ако со закон е утврдено дека тие акти ги носат органите на државната управа.

Во рамките на самоуправниот опсег Градот Загреб го осигурува функционирањето на јавните служби кои задоволуваат секојдневни потреби на граѓаните на подрачјето на комуналните, општествените, економските и други дејности во согласност со законот.

Разлики и заеднички карактеристики во организационата поставеност на главните градови

Од апект на организацијата на главните градови, земајќи ги предвид нивните органи кои ги извршуваат надлежностите можеме да кажеме дека секоја земја има свои специфики. Сепак заедничко за сите е тоа што нивните органи се „делат“ на претставнички и извршни, па следствено и нивните надлежности се од ист вид ако гледаме компаративно. Исто така, сличности и идентичности има во мандатот на членовите на претставничките и извршните органи (во сите земји тие се бираат за период од четири години). Но, разлики постојат во многу важни сегменити од организацијата на градовите. Најпрво имињата односно називите на органите, како претставничките, така и извршните се различни. Така имаме Совет во Република Македонија, а Градско собрание (скупштина) во Република Србија и Република Хрватска.

Слично е и со извршните органи (имаме Градски совет – веће во Србија, а Градско поглаварство во Хрватска), со таа специфика што сите држави имаат градоначалник како еден (или единствен) од извршните органи. Покрај во називите на органите разлики има и во називите на членовите на органите, па имаме советници во совет, советници (одборници) во Градското собрание и народни претставници (заступници) во Градското собрание на Република Хрватска. Во однос на овие разлики на мислење сме дека најдобро би било доколку претставничкиот орган носи назив совет, тогаш неговите членови да се викаат советници, а доколку носи назив Градско собрание – народни претставници. Овде пред се укажуваме на прилично „нејасната“ ситуација во Република Србија каде што при преводот настануваат проблеми, бидејќи кога кажуваме советници мислиме на членовите на Градското собрание, а од друга страна постои извршен орган кој го носи називот Градски совет, па зарем не доаѓа до конфузија во однос на тоа кои членови на кои органи припаѓаат!? Исто така во однос на извршните органи кои се колегијални тела, сметаме дека доколку постојат како такви далеку посоодветен назив е Градско поглаварство, отколку Градски совет.

Во однос на начинот на избор на извршните органи, наш став е дека и тие треба да се бираат непосредно од граѓаните (како што е тоа случај во Република Македонија), а не од редот на советниците т.е. народните претставници во претставничкиот орган (како во Србија и Хрватска). Значи сме застапници на моделот на директно биран градоначалник. Сметаме дека овој модел носи повеќе предности меѓу кои најважно е што граѓаните можат да гласаат за личност, а не за партија (како што тоа е најчесто случај со изборот на советниците) и исто така граѓаните ќе имаат слободен избор во изборот за советници да гласаат за една партија, а во изборот за градоначалник за друга партија или за независен кандидат.

Во овој случај ќе има отворена можност да постои и кохабитација на локално ниво. Инаку не само ова, туку и востановениот модел на избор во Србија и Хрватска, според нас може да доведе до тиранија на мнозинството бидејќи значително голем број на функционери и во претставничкиот и во извршните органи ќе бидат од иста партија, па се поставува прашањего дали избраниците ќе бидат претставници на сите граѓани или само на оние што гласале за нив!? Во овој дел постои уште една специфика, конкретно за Градот Скопје, а тоа е дека во неговата организација има и Посебни тела, во кои спаѓа и Комисијата за односи меѓу заедниците. Сметаме дека ова тело е неопходно во Градот Скопје поради неговата мешовита структура на население, што не е толку изразит случај во Белград и во Загреб. Но сепак мислиме дека другите две тела: Советот за заштита на потрошувачите и Партиципативното тело од областа на урбанизмот, кои се карактеристични за Скопје, треба да се најдат и во организацијата на другите главни градови (или тела слични на нив) од причина што со нив локалната самоуправа во градот ќе биде далеку поблиска до граѓаните и ќе „работи“ за нивно добро.

Покрај ова, постои уште една заедничка карактеристика на наведените главни градови и тоа со иста суштина, но со различен назив. Станува збор за општинската администрација (во Скопје), градската управа (во Белград) и управните органи (во Загреб). Сепак и тука постои една разлика, а тоа е дека во Скопје општинската администрација, како што гласи и самиот назив, не е специфика само на градот туку и на сите други општини што ја прави целата органиѕациоа поставеноста помалку гломазна. Но не само тоа, туку и единствено во Република Македонија е определено дека при вработувањето во општинската администрација ќе се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во општината (односно во градот) на сите нивоа, како и почитување на критериумите на стручност и компетентност.

продолжува….

Автор: М-р Мирослав Драганов

–ПРАВДИКО–

Следно: Односи и соработка на различните нивоа во Скопје, Белград и Загреб (град-општина, град-жупанија)

Screenshot_2М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.

Препорачуваме

Партнери на Правдико