Османи: 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за неполна година | Правдико

Правдико

   

Османи: 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за неполна година

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше дека изминатава година Република Северна Македонија има испорачано 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Практично од вчера, со последното придружување, Република Северна Македонија испорача 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за неполна година, или поточно, од септември минатата година откако јас ја презедов одговорноста да ја предводам дипломатијата. Со тоа, стапката на придружување во посочениот период порасна на над 95%, што е покачување од три процентни поени споредно со последниот извештај на Европската комисија, кога изнесуваше 92%. Моја интенција е наскоро овој процент да достигне 100% како израз на нашата јасна надворешно политичка ориентација кон европските и евро-атлантските структури”, истакна Османи.

Говорејќи за инструменти преку кои ги развиваме партнерските односи со земјите членки на ЕУ, Османи ја потенцираше принципиелноста на нашата позиција, како демонстрација на европска сериозност во водењето на нашата надворешна политика, и тоа во време кога земјата е соочена со многу сериозна, но непринципиелна пречка за напредок во европските интеграции.

„Во време кога и самата Европската Унија не успева да обезбеди консензус за продолжување на нашето европско интегрирање, ние јасно покажуваме дека сме цврст и принципиелен партнер и дека од аспект на нашата европска ориентација ние немаме дилема дека сме дел од Европа и дека припаѓаме внатре во Унијата. Република Северна Македонија станува најсилна точка во заштитата и промоцијата не евро-атлантските вредности во регионот и затоа, со право сметаме дека е време и Европската Унија да ја демонстрира својата принципиелност кога се работи за нашите европски интеграции. Ние испорачуваме, треба и Европската Унија да испорача”, заклучи Османи.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико