Основни акти и документи кои мора да се се чуваат во седиштето на ДОО/ДООЕЛ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Друштво со ограничена одговорност (ДОО) е трговско друштво во коешто едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Друштвото може да биде управувано од едно лице во форма на ДООЕЛ.
При извршувањето на дејноста регистрирана во трговскиот регистар Дрштвото со ограничена одговорност согласно Законот за трговски друштва е обврзано во своето седиште да чува одредени документи кои во секој момент мора да бидат достапни при контрола од службено лице, како и за потребите на содружниците во друштвото.
Друштвото, во своето седиште, мора да ги чува следниве акти и документи:
1) примерок од договорот за друштвото и сите нивни измени и дополнувања со пречистените текстови;
2) прилози (исправи и докази) што се поднесени до трговскиот регистар;
3) книгата на удели;
4) книгата на одлуки;
5) ажурирана листа со име и презиме и место на живеење на управителот на друштвото, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган на надзор;
6) записници од сите собири на содружниците и сите одлуки што биле донесени од содружниците со одлучување преку допишување, како и записниците од органот на управување, ако друштвото има орган на надзор;
7) примерок од годишната сметка и од годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година;
8) изјави на содружниците, дадени во писмена форма, за прифаќање на одредбите од договорот за друштвото;
9) документи за залог и за хипотека;
10) колективниот договор на ниво на друштвото;
11) целокупната писмена кореспонденција на друштвото со неговите содружници;
12) извештајот на овластениот ревизор и извештајот на овластениот проценувач, ако има такви.
Покрај овие акти и документи во работните простории во седиштето на трговското друштво треба да се чуваат и договорите за вработување на сите вработени, изјава за безбедност за работните места во друштвото ,евиденција за вработените на неполно и полно работно време како и потврда со список за работниците членови на синдикатот кои плаќаат членарина.
Пристап на содружниците до актите, документите и информациите
Друштвото треба актите и документите што ги чува и информациите што ги има да му ги даде на располагање на секој содружник или на поранешен содружник, за периодот кога тој бил содружник на друштвото, на застапник на содружник и на наследник на починат содружник, на разгледување и копирање (во натамошниот текст: пристап до актите, документите и информациите), во текот на работното време на друштвото.
Како предуслов за обезбедување на пристап кон актите, документите и информациите , друштвото може да побара содружникот или поранешниот содружник, за периодот кога тој бил содружник на друштвото, застапник на содружник или наследник на починат содружник да го докаже својството на содружник, застапник на содружник, или наследникот на починат содружник.
Друштвото може да побара од лицата да ги покријат вистинските трошоци (за копирање и слично), за пристап до актите, документите и информациите за друштвото.
Пристап до актите, документите и информациите со одлука на суд
На секој содружник или на поранешен содружник, за периодот кога тој бил содружник на друштвото, односно на застапник на содружник или на наследник на починат содружник мора да му се обезбеди право на увид во актите и другите документи , во седиштето на друштвото, на начинот определен во договорот за друштвото.
Доколку му се оневозможи правото на пристап до документите, лицето кое побарало увид има право, со предлог да побара од судот да донесе одлука за остварување на ова право. Судот, во рок не подолг од осум дена од денот на поднесувањето на предлогот , ќе утврди дали лицето , има право на увид во актите и другите документи, и ако утврди дека пристапот не му бил овозможен, ќе го задолжи друштвото да му овозможи пристап.
Лицето кое имало увид во актите и другите документи не може добиените информации јавно да ги објавува или да ги презентира ако со тоа му причинува штета на друштвото, освен во случај ако остварува некое право определено со закон, со договор за друштвото и друг акт на друштвото. Ако со објавувањето акти, документи или информации, му причини штета на друштвото, тоа одговара за надомест на штета.
–ПРАВДИКО–