Правдико

   

Остри критики од Берлин кон Анкара поради „случајот Јучел“

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Новинарот Дениз Јучел веќе 14 дена е во притвор во Турција во очекување на формално обвинение. Германската влада остро реагираше за случајот. Десетици новинари во Турција се во притвор по неуспешниот пуч.

Бурата во Германија по апсењето на германско-турскиот новинар Дениз Јучел (на насловната фотографија) ја наведе и канцеларката Ангела Меркел јасно да го осуди случајот. Јучел, известувач на германскиот дневен весник „Ди Велт“ е притворен под сомнение за тероризам.

Меркел ја осуди одлуката за притвор како „горчлива и разочарувачка“.

„Оваа мерка е непропорционално остра, особено што Дениз Јучел доброволно се пријави пред турскиот судски систем и во прилог на истрагата“, рече Меркел, додавајќи дека „германската влада очекува од турскиот правосуден систем да ја има предвид слободата на печатот, која игра голема улога во секое демократско општество, при одлучувањето за случајот Јучел“.

Апсењето на 43-годишниот Јучел се случи на 14 февруари и беше последен во серијата апсења на критични гласови во рамките на пресметката на претседателот Реџеп Таип Ердоган со оние кои не се согласуваат со неговата политика.

Претходно, портпарол на Меркел го повика Ердоган да го почитува владеењето на правото и да се однесува со почит кон Јучел – реакција која во јавноста беше оценета како премногу блага.

Иако сѐ уште нема формално обвинение, случајот на Јучел е поврзан со хакирањето на имејлот на Берат Албајрак, турскиот министер за енергетика и зет на Ердоган. Јучел бил испрашуван и за неговото интервју со Чемил Бајик, командант на курдската ПКК, која Турција ја смета за терористичка група. Дополнително, новинарот објави и повеќе критични текстови кон турската влада и нејзиниот третман на Курдите.

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел, исто така, изрази вџашеност во понеделникот, изјавувајќи дека Анкара ги влошува и онака затегнатите односи меѓу Германија и Турција.
„Случајот на Дениз Јучел фрла остра светлина на различните начини на кои нашите две земји ги применуваат принципите на владеењето на правото и начинот на кој се однесуваме кон слободата на печатот и слободата на мислење“, рече Габриел.

Министерот за правда Хајко Мас се придружи на хорот критики и ја обвини Анкара за опструкција на демократијата. „Критичкото известување е основна компонента на демократското одлучување“. Мас ја обвини Турција дека „затвора новинари кои не и се допаѓаат“ и предупреди дека било какви натамошни преговори за членство во ЕУ ќе бидат невозможни во тие услови.

Во повеќе градови во Германија за денеска се закажани протести под мотото #СлободазаДениз.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико