Осуденик баран со потерница организирал шверц на дрога од Албанија во Македонија | Правдико

Правдико

   

Осуденик баран со потерница организирал шверц на дрога од Албанија во Македонија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во рамки на активностите против недозволената трговија со дрога, вчера на превојот Стража полицијата запленила околу 22 килограми марихуана и привела тројца скопјани, меѓу кои и осуденик во бегство, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Како што рече тој, марихуаната била транспортирана од Албанија во Македонија. На превојот Стража полициска екипа сопрела два автомобила и при извршен претрес во возило „шкода суперб“ пронајдени и одземени биле две вреќи со марихуана.

„На местото на настанот лишени се од слобода три лица од Скопје, меѓу кои и организаторот на транспортот на дрогата К.Р. (29) од Скопје, кој претходно бил осуден на казна затвор во траење од 11 години и бил во бегство од Казнено-поправна установа ‘Идризово’, а се барал по распишана потерница. Лишени од слобода се и Р.И. (23) и С.Е. (22)“, соопшти Ангеловски.

Дваесет и деветгодишниот организатор планирал дрогата да ја продава на подрачјето на Скопје, Велес и Тетово.

Во Скопје биле извршени претреси и во домовите на соучесниците. Кај Р.И. биле пронајдени околу 50 грама кокаин, 16 паковки со кокаин и дигитална вага, како и 46 куршуми калибар 22 милиметри, додека кај С.Е. пронајдени биле околу 700 грама марихуана, таблети екстази и дигитална вага.

По ова, претреси биле извршени и во Струга и Охрид, при што лишен од слобода бил Ш.Т. (36), кој ја набавил запленетата марихуана од Албанија, а исто така во врска со овој случај од слобода се лишени и Д.О. (62) од Струга и А.И. (42) од Охрид. Запленети се и два автомобила, околу 3 000 евра и 4 000 денари кои потекнуваат од продажба на дрога, а од страна на МВР се преземаат мерки и активности за идентификување на други инволвирани лица во случајот.

По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење  организиран криминал и корупција за сторено кривично дело „недозволено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстаници“, соопшти Ангеловски.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико