ОТА почна со работа, УБК нема да има повеќе пристап до опремата за прислушување | Правдико

Правдико

   

ОТА почна со работа, УБК нема да има повеќе пристап до опремата за прислушување

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Оперативно-техничката агенција (ОТА) почна со работа, надлежните најавуваат дека ќе се овозможи повеќестепена контрола над следените комуникации.

,,Денеска сум среќен што заедно со директорот на Оперативно-техничката агенција, Зоран Ангеловски, можеме да ви соопштиме дека новиот Закон за следење на комуникациите и Законот за ОТА започнуваат со својата примена”, рече министерот за внатрешни работи и вицепремиер, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата по повод почнувањето со работа на Оперативно-техничката агенција.

„Заедно со Законот за кривична постапка, тие се дел од законскиот пакет за реформа на системот на следење на комуникациите. Во минатото се зборуваше многу, добивме и негативни извештаи за слабостите кои беа детектирани во претходниот систем, а кои доведоа до сериозни злоупотреби и предизвикаа сериозна политичка криза во нашата земја. Со поддршка на јавноста, пратениците од опозицијата, научните работници, претставниците на граѓанските организации, но и експерти од Европската комисија беа подготвени закони кои имаа за цел да го претстават новиот модел на поставеност на системот за следење на комуникациите. Клучните забелешки од експертската мисија на Прибе се отстранети. Министерството за внатрешни работи, односно Управата за безбедност и контраразузнавање немаат директен пристап до опремата за следење на комуникациите“, потенцира Спасовски.

Министерството, односно УБК не знаат и немаат податоци за примената на посебните истражни мерки кои се на барање на другите овластени органи за следење на комуникациите. УБК нема никаков пристап до содржината на следената комуникација, освен за оние мерки кои се на барање на Управата и за кои постои одобрување од судот.

„Во минатото постоеја заштитни механизми за оневозможување на контролата над системот за следење. Денес ја демолиравме тврдината и овозможуваме повеќестепена контрола над следените комуникации. Ќе контролира собраниската комисија, граѓанските организации, но и експертите. Пред нешто повеќе од една година ветивме дека клучната слабост за системска злоупотреба на следените комуникации ќе биде отстранета. Денес тоа го овозможивме“, рече Спасовски.

Директорот на Оперативно-техничката агенција, Зоран Ангеловски, потенцира дека Агенцијата ќе работи во согласност со позитивните законски регулативи.

„Ве уверувам дека не постои ниту теоретска ниту практична можност за злоупотреби на механизмите за ПИ-мерките. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат ‘бомбите’. Моделот што е избран за функционирање на Оперативно-техничката агенција е соодветен на условите и е оптимално решение за Република Македонија”, рече Ангеловски.

Со почетокот на работата на ОТА заокружена е реформата во безбедносните служби во согласност со препораките на Рајнхард Прибе и групата експерти кои произлегоа од политичката криза пред три години.

„Оперативно-техничката агенција е создадена и ќе функционира како целосно независно тело. ОТА е основана со јасна поддршка на сите политички чинители во Република Македонија, односно со 2/3 мнозинство, вклучително и Бадинтеровиот принцип. Ова е показател и укажува на зрелоста на државните институции и почитување на принципот владеење на правото. ОТА целосно ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните на Република Македонија, на етички и транспарентен начин“, потенцира Ангеловски.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико